1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Единици за брзо реагирање - кога ако не сега?

Барбара Везел
3 септември 2021

По хаотичното повлекување од Авганистан, во ЕУ повторно се дискутира за формирање „трупи за брза реакција“. Министрите за одбрана разговараа за тоа на Брдо кај Крањ, но планот е тешко спроведлив.

Bosnien EUFOR
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Hidajet Delic

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, искуството од Авганистан го нарече „катализатор“ – еден од оние историски настани кои предизвикуваат политичко придвижување и кој би можел да биде пробив во европската одбранбена политика. „Кога, ако не сега?“, прашува Борел. Дали е ова доволен притисок за министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ, кои очигледно страдаат поради својата немоќ и неспособност да се соочат со настаните во Кабул, да направат исчекор во одбранбената политика на ЕУ

Горчлив крај, тежок пораз

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер зборува за „горчлив крај, тежок пораз“ во Авганистан. Таа изрази жалење што Европејците уште не се воено спремни. Но, од тоа зависи кредибилитетот на Европа во иднина, зашто досега сѐ зависеше од САД, како на пример во Кабул.

Министрите дебатираа на Брдо кај Крањ, дали под притисок на актуелните настани можат да направат исчекор во планот за формирање европски сили за брзо реагирање, кој на маса е од мај оваа година.  

За таа цел во подготвеност би требало да бидат 5.000 луѓе, кои би можеле да реагираат во кризи, како на пример на аеродромот во Кабул, каде евакуацијата на странци и авганистански помошници мораше да биде воено обезбедувана. Евакуирачките летови на Европејците завршија во оној момент кога САД ги повлекоа своите последни војници. Европејците оттогаш си го поставуваат прашањето – зар не би требало и тие сами да можат да реагираат во такви ситуации, и без САД. 

Без оглед на тешките фрустрации на германската министерка Крамп-Карнебауер и многу други нејзини колеги, на крајот на состанокот се дојде само до тоа – постепено да се почне со реализација на планот, кој Франција го предложи во мај. Сите кои очекуваа голем политички скок по дебаклот во Авганистан, крајно се разочарани.

Повторно само план на хартија

Германијасака до наесен да спреми документ за напредување на плановите. „Уште еднаш во дебатата за Авганистан јасно кажав дека не се противевме на повлекувањето на Американците од Авганистан, зашто со оглед на сопствените сили, не бевме во ситуација таму да останеме сами“, искрено призна Крамп-Каренбауер.

Поради тоа дебатата сега мора да се води конкретно, кој има и какви специјални способности и која армијае спремна да ги вклучи во заедничкиот проект. Министерката за одбрана на Германија смета дека во Европа постојат воени капацитети, но конечно мора да се обединат за да се постигне толку посакуваната „безбедносно политичка способност за дејствување“.  

Германската министерка за одбрана, Анегрет Крамп-КаренбауерФотографија: Darko Bandic/picture alliance/AP

Германија за таа цел ќе се повика на член 44 од Европските договори, кој на земјите членки им овозможува група од нив да задолжат со одредена мисија. А за начинот на кој коалицијата на желни би ја координирала интервенцијата, истата би можела да реши сама. Со тоа треба да се избегне ноторната замка на едногласност, што го попречува напредувањето. 

Идејата е, оние земји кои не се вклучени да немаат интерес да ја попречуваат интервенцијата. Но, вратата за вообичаените уценувачки игри меѓу земјите-членки би останала отворена, зашто и најмалата членка би можела да вложи вето од небитни причини.

Надминување на судирот на интереси

Колку голем е судирот на интереси во одбранбената политика меѓу јужните и северните земји од ЕУ, покажува примерот на истапувањето на летонскиот министер за одбрана, Артис Пабрика. Него на пример не го интересира Авганистан, но затоа пак сака помош на границата кон Белорусија. Таму доаѓаат илјадници бегалци, кои режимот на Алексадар Лукашенко успеал да ги прошверцува за да врши притисок врз Балтичките држави.

Летонецот е скептичен во поглед на големи проекти на одбранбената политика. „Што се случи со борбените групи?“, праша потсмешливо. „Никогаш не беа употребени.“ Идејата за такви заеднички борбени групи кружи веќе со децении во Европската унија. Не станува збор само за воени способности, туку пред сѐ за недостиг од политичка волја, изјави Артис Пабрика. 

Заедничка фотографија на министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ во Брдо кај Крањ, СловенијаФотографија: Darko Bandic/AP Photo/picture alliance

Освен тоа, одделни земји, а притоа мислеше на Германија, конечно би морале да поведат јавна дебата за одбранбената подготвеност и обврските поврзани со неа. „Мораме да сфатиме дека светот брзо се менува. Потребна ни е голема сила да ја одбраниме Европа“, заклучи летонскиот министер.

Различни погледи

И додека Балтичките земји пред сѐ стравуваат од напад од страна на Русија, јужните земји се загрижени поради тековните судири на Блискиот Исток, но и во Либија и Сахел. Оваа различна ориентација Германија сака да ја заобиколи со регионализирање на идните интервентни трупи. Северните и јужните земји треба да се поврзат. Но, по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, тука се само уште Франција и Германија како поголеми воени сили. Тие секако би биле потребни на двете оски на Унијата.

Проектот „трупи за брзо реагирање“ би требало да биде усвоен напролет, кога претседавањето со Советот на ЕУ го презема Франција.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми