ЕУ забрани увоз на злато од Русија
22 јули 2022Забраната за увоз на злато и златен накит од Русија важи и во случај кога стоката претходно ѝ била продадена на трета земја, стои во седмиот пакет санкции на Европската Унија против Москва. Сепак, како што се нагласува од Европската Комисија, исклучоци има во делот на личниот златен накит на приватни патувања.
Најновиот пакет санкции е објавен доцна вчеравечер (21.07) во Службениот весник на ЕУ. Во него се појавуваат и 57 имиња и организации против кои се воведуваат казнени мерки, меѓу кои и шефот на рускиот холдинг за оружје Ростех и руската банка Сбербанк. Парите и другите ресурси од Сбербанк во иднина ќе може да се замрзнуваат, а освен тоа на банката веќе нема да ѝ бидат ставани на располагање финансиски и други средства. И во овој случај има мали исклучоци.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајерн, на Твитер напиша дека со санкциите „се испраќа силен сигнал до Москва: ќе го одржуваме притисокот онолку колку што ќе биде неопходно“.
Министерството за надворешни работи на Русија оцени дека новитеЕУ-санкции се бесцелни, противправни и опасни за целата светска економија.