1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилемите на ЕУ во однос на Србија и Турција

З. Јордановски/нцц/тац/зц/бнн/нн15 декември 2015

Прагматизам или принципиелност - дилема на ЕУ. Печатот на германски јазик пишува за почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Србија и обновувањето на преговорите со Турција. Тема во весниците е и конгресот на ЦДУ.

Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

„Брисел ја наградува Србија за нејзината улога како фактор на стабилност. Внатрешно-политички е проблематичен развојот првенствено во медиумската област“, оценува „Ное Цирхер Цајтунг“ во прилогот со наслов „Србија со Јанусова глава се стреми кон ЕУ“ (Србија со Јанусова глава: Србија со две лица - н.з.). Во прилогот, покрај другото, се вели: „Тоа што Белград сега можеше да ги отвори првите глави (од преговорите - н.з.) има врска првенствено со неговата променета улога во регионот. Веќе три години Вучиќ (премиерот на Србија - н.з.) - променет ултранационалист - води политика на помирување и порамнување. Напорите на Вучиќ во регионалната политиката се консеквентни, признаваат и оние, кои го критикуваат неговото минато. ЕУ сега се покажува благодарна за тоа. (...) Колку и да е уверлив регионално-политичкиот биланс, толку е невоедначен демократскиот напредок на Србија. Недостасува функционирачки систем на ’контрола и усогласување’ : парламентот е во целосна сенка на извршната власт, правосудството е бавно и слабо.Но, првенствено развојот во секторот на медиумите е проблематичен за слободата на мислењето. Овде катастрофално се вкрстуваат структурните проблеми на медиумската бранша со авторитарниот стил на владеење на Вучиќ. Во Србија со новинарство може уште помалку да се заработат пари отколку на Запад. Дупките во финансирањето ги користат државата и тајкуните, кои ги впрегнуваат медиумите за свои интереси. (...) ЕУ е во дилема: треба ли да замижи на едно око, со оглед на авторитарните тенденции, се’ додека Вучиќ ја поддржува регионачната стабилност? Или треба да инсистира на медиумска слобода и маневарски простор за опозицијата, со ризик од тоа да профитираат националистите и да се влошат односите со соседите? Настапите на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со Вучиќ, во кои тој ги минимизираше проблемите во медиумската област, даваат основа да се претпостави дека за ЕУ во моментов поголема тежина има стабилноста на Балканот“, пишува „Ное Цирхер Цајтунг“.

Турција и ЕУ: „Без елан и гаранција“

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) потсетува дека Турција две години мораше да чека за да се отворат натамошни поглавја од пристапните преговори со ЕУ, па констатира: „Пријателските зборови на обете страни не можат да залажат дека тешко може да стане збор за нов елан во пристапниот процес“. Германскиот канцелар Ангела Меркел во ноември му рече на турскиот премиер Ахмет Давутоглу дека разговорите за пристап кон ЕУ се со “отворен исход“, укажува ФАЦ и толкува: „Јасно кажано тоа значи: и натаму нема гаранции за Анкара . Освен тоа, дури и преговорите успешно да завршат не е веројатно дека сите земји-членки би го ретификувале договорот за пристапување (кон ЕУ - н.з.). (...) Во Брисел првенствено во прашање беше симболика“, смета ФАЦ.

Александар Вучиќ, Јоханес Хан и Жан Аселборн во БриселФотографија: picture-alliance/dpa/S. Lecocq

Заживувањето на пристапните преговори на ЕУ со Турција „Зиддојче Цајтунг“ го толкува како награда за Анкара за возврат за ограничувањето на приливот на бегалци кон Европа. Турција може да смета дека „Брисел и’ се додворува. Оти, Комисијата на ЕУ ја отфрла и критиката на договорот (со Турција за бегалците и преговорите за пристап - н.з.) кој на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му донесе многу признание од страна на ЕУ, иако земјата, според најновиот извештај за напредокот, во никој случај не се приближила кон Унијата во прашања како медиумска слобода и независно правосудство“.

„Уште еден прекршен збор“, коментира „тац. ди тагесцајтунг“: „Токму во моментот кога Турција почнува да ја затвора границата кон Сирија и да ги враќа бегалците таму назад во војната, ЕУ ги обновува разговорите за пристап“. Во текстот е цитиран еврокомесарот Јоханес Хан и неговото барање за „поголем прагматизам“ во односите со Турција, па се вели: „Прагматизам? Веројатно се мисли на цинизам. Конечно, од агол на ЕУ е посакувано Турција поостро да постапува со бегалците. Тоа, имено, е јадрото на валканата зделка што ја договори Комисијата на ЕУ со турскиот султан Ердоган. Ти ќе ги држиш бегалците подалеку од мене, ние повторно ќе зборуваме за пристап - така гласи неизречената линија на реал-политичарите на ЕУ. (...) Но, дури и таа ’прагматична‘ постапка е лицемерна, оти не се мисли сериозно на преговори со Турција. (...( Турците можатда преговараат толку добро, колку што сакаат, на крајот повторно се’ ќе кулминира само со ’привилегирано партнерство‘ што го бара Меркел. А човековите права? Тие можат да останат во подредена положба“, огорчено коментира „тац“.

Меркел и ЦДУ - „Отворен спор ќе беше почесен и попрочистувачки“

Партискиот конгрес на владеачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на канцеларот Ангела Меркел е тема на многубројни, претежно позитивни и за Меркел пофални коментари во германските весници. Но, има и поинакви гледања.

„Говорот на Меркел ги замрзна, но во никој случај не ги реши конфликтите. Аплауз на еден партиски конгрес не е замена за политиката - тоа релативно бргу ќе го забележат и делегатите кои беа воодушевени од својата шефица. А компромисната формула од документот усвоен на конгресот ќе може само привремено да го премости длабокиот јаз помеѓу крилото што бара ’горна граница‘ (за прием на бегалци -н.з.) и приврзаниците на Меркел. Тука отворен спор би бил почесен и попрочистувачки“, смета весникот „Нирнбергер Нахрихтен“.

Говорот на Меркел ги замрзна, но во никој случај не ги реши конфликтитеФотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

„Посакуваш воопшто да не знаеш колку многу телефонски разговори, мејлови, СМС-пораки и разговори во четири очи биле нужни додека да се изнајде формулација во ’Декларацијата од Карслруе‘ за теророт и безбедноста, бегството и интеграцијата, зад која можеа да се обединат приврзаниците, како и противниците на горната граница. Очигледно беше настојувањето, ништо да не ја доведе под прашање сплотеноста, да не и’ се наштети на Ангела Меркел - додека истовремено СПД (Социјалдемократската партија - н.з.) демонстративно го казнува и слабее својот претседател“, забележува весникот „Бадише Ноесте Нахрихтен“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми