Европските избори кои се во тек кај многумина будат страв од конечниот исход и од натамошно јакнење на евроскептиците. Зошто евроскептицизмот е во подем и со кои се' трикови се служат десничарите за да дојдат до гласови?
Реклама
Во речиси сите членки на Европска унија евроскептицизмот е во пораст! Етаблираните партии ја губат поддршката од граѓаните, зајакнуваат новосоздадени националистички сили.
Една од главните причини, секако, е бегалската криза, односно начинот на кој популистичките десничари ја инструментализираа. Брисел до денес не успеа да заземе единствен став по прашањето за бегалците. Тоа отвори простор за политички манипулации.
Национализмот во ЕУ-членките расте, довербата во политичарите опаѓа. Во Германија во 2016 година само 18% од граѓаните беа националистички ориентирани. Во 2018. тоа беше речиси секој трет Германец. На истокот од земјата, дури, речиси секој втор.
Згора на сето тоа: 82% од младите во Европа немаат никаква доверба во политичарите. Судејќи според сѐ, во новиот состав на ЕП би можело да има многу повеќе десничари отколку што се мисли.
Колку е радикална европската десница?
Бавен економски раст, незадоволство поради политиките на Европската унија и мигрантската криза доведоа до изборен успех на десничарските партии низ цела Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Фрауке Петри, Алтернатива за Германија (АФД)
Лидерот на Алтернатива за Германија, Фрауке Петри изјави дека полицијата може да користи оружје како крајна мерка при спречување на илегално преминување на границата, потенцирајќи дека „таков е законот“. Она што започна како евроскептична партија се претвори во антиестаблишмент и анти-ЕУ политичка сила која на покраинските избори во Германија во март 2016 година освои 25 проценти од гласовите.
Фотографија: Reuters/W. Rattay
Марин Ле Пен, Национален фронт (Франција)
Многумина веруваат дека Брегзит и победата на Доналд Трамп може да бидат стимул за Националниот фронт. Со партијата, која беше формирана во 1972 година, раководи Марин Ле Пен, која во 2011 година го презеде водството од нејзиниот татко Жан-Мари Ле Пен. Национален фронт е националистичка партија која користи популистичка реторика да ги промовира своите анти-имиграциски и анти-ЕУ позиции.
Фотографија: Reuters
Герт Вилдерс, Слободарска партија (Холандија)
Лидерот на холандската Слободарска партија, Герт Вилдерс, е еден од најпроминентните десничарски политичари во Европа. Во декември тој беше осуден затоа што во 2014 година праша толпа граѓани дали сакаат повеќе или помалку Мароканци во земјата, но не му беше изречена казна. Неговата партија се смета за анти-ЕУ и антиисламска и моментално има 15 пратеници во холандскиот парламент.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Koning
Никос Михалолиакос, Златна зора (Грција)
Никос Михалолиакос е претседател на грчката неофашистичка партија Златна зора. Тој и десетина други членови на партијата во септември 2013 година беа уапсени под обвинение за формирање на криминална организација. Михалолиакос беше ослободен во јули 2015 година. Златна зора освои 18 мандати на парламентарните избори во септември 2016 година. Партијата застапува антиимигрантски ставови.
Фотографија: Angelos Tzortzinis/AFP/Getty Images
Габор Вона, Јобик (Унгарија)
Јобик е унгарска антиимиграциска, популистичка и протекционистичка партија која се стреми да биде дел од следната влада во земјата. Јобик е трета по големина политичка партија во Унгарија и на последните избори освои 20 проценти од гласовите. Партијата бара одржување референдум за членството во ЕУ и се залага за криминализација на „сексуалната девијантност“. Лидер на Јобик е Габор Вона.
Фотографија: picture alliance/dpa
Џими Акесон, Шведски демократи
По изборот на Трамп, лидерот на Шведските демократи Џими Акесон во интервју за шведска телевизија изјави: „Постои движење во Европа и САД кое го предизвикува владеењето на естаблишментот. Тоа очигледно се случува и тука“. Шведските демократи бараат ограничување на имиграцијата, се противат на приклучувањето на Турција во ЕУ и бараат референдум за членството на земјата во ЕУ.
Фотографија: AP
Норберт Хофер, Слободарска партија на Австрија
Норберт Хофер, член на австриската националистичка Слободарска партија, загуби на неодамнешните претседателски избори за само 30.000 гласови, откако беше фаворит во првиот круг на гласање. Поранешниот лидер на Зелената партија освои 50,3 проценти од гласовите, а Хофер осови 49,7%. Слободарската партија се залага за зајакнување на државните граници и ограничување на бенефициите на имигрантите.
Фотографија: Reuters/L. Foeger
Мариан Котлеба, Народна партија – Наша Словачка
Лидерот на крајно десничарската Народна партија – Наша Словачка, Мариан Котлеба, изјави: „Дури и еден имигрант е премногу“. Во друга прилика тој го нарече НАТО „криминална организација“. Оваа партија се залага за напуштање на ЕУ и на Еврозоната. На изборите во март 2015 година партијата освои 8 проценти од гласовите, со што обезбеди 14 мандати во националниот парламент кој брои 150 пратеници.