1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и’ прости половина од долговите на Грција

27 октомври 2011

ЕУ лидерите постигнаа договор за кој се надеваат дека ќе биде пресвртна точка во должничка криза. Договорен е отпис на грчкиот долг, зајакнување на механизмите за одбрана од слични кризи и рекапитализација на банките.

Се брише половина од грчкиот долгФотографија: picture alliance/dpa

Најголемата пречка за постигнување договор во текот на 10-часовниот состанок се покажа барањето до банките и инвеститорите да отпишат поголем дел од грчкиот долг. Дури по директната интервенција на францускиот претседател Никола Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел, претставниците на банкарскиот сектор попуштија и се согласија на отпис на 50 проценти од долгот на Атина, наспроти претходно договорените 21 процент.

Саркози предвидува дека договорот ќе „биде пречекан со олеснување во целиот свет“, додека Меркел оцени дека пакетот е доказ оти „Европа е подготвена за донесување вистински одлуки“.

Германската канцеларка Меркел и британскиот премиер КамеронФотографија: dapd

Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо рече дека се работи за вонредни мерки за вонредни времиња. „Европа никогаш повеќе не смее да се најде во ваква ситуација“, изјави Барозо.

Планот на ЕУ се состои од три клучни точки. Освен отпишувањето на грчкиот долг, ќе се изврши рекапитализација на европските банки, меѓудругото и за да ги издржат загубите од грчкиот долг, а европскиот фонд за спас ЕФСФ ќе биде надграден на еден трилион евра (илјада милијарди), со цел да може да ги заштити и големите економии како Шпанија и Италија. Дефинитивно е потврдено дека парите за европскиот фонд ќе ги обезбедат земјите во подем, во најголем дел Кина, но и Русија и Бразил.

Грчките долгови намалени за 50 проценти

Клучното решение, она за грчката криза, беше овозможено со помош на приватните кредитори кои се согласија на 50 проценти загуби на грчките обврзници и долгови.

Банките и осигурителните компании ќе преземат околу 100 милијарди од товарот на отпишувањето, додека државите ќе издвојат 109 милијарди нови кредити, како и дополнителни 30 милијарди за осигурување на обврзниците. Со тоа долговите на Грција ќе можат да бидат намалени на 120% од брутодомашниот производ до 2020 година.

„Денеска можеме да кажеме дека дојде нов ден, не само за Грција, туку и за Европа. Можеме да ги затвориме сметките на нашата земја со минатото и од сега неограничено и со сите сили да им се посветиме на сегашноста и иднината“, изјави грчкиот премиер Јоргос Папандреу.

Претседателот на ЕК Барозо и италијанскиот премиер БерлусониФотографија: dapd

Последната грижа на самитот беше Италија, каде состојбата исто така се закануваше да излезе од контрола. Но, европските лидери сепак биле убедени во позитивен развој, откако премиерот Силвио Берлускони им презентирал план за реформи во рок од 8 месеци.

Автор: ДГ/ БГ/ дпа/ ап/ ројтерс

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми