1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и САД: Уште многу работа за веродостојни избори

Б. Георгиевски8 април 2016

Чистење на избирачките листи, спречување на сите форми на притисок врз гласачите, и обезбедување на фер медиумско покривање, се основните предуслови за овозможување услови за веродостојни избори, соопштија ЕУ и САД.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Политичките лидери во земјата имаат одговорност пред своите граѓани да ја вратат земјата назад на евро-атлантскиот пат преку имплементирање на политичките договори и итните реформски приоритети, соопштија денеска во заедничка изјава, амбасадите на ЕУ и САД во Македонија.

Амбасадорите Аиво Орав и Џес Бејли оценуваат дека преостанува уште многу работа за да се обезбедат веродостојни избори во земјата.

„ЕУ и САД ги поддржуваа сите партии и сите актери да создадат услови за веродостојни избори.

Тоа вклучува чистење на избирачките листи, спречување на сите форми на притисок врз гласачите, и обезбедување на фер медиумско покривање. Мал напредок е забележан на овие полиња, но останува значителна работа. Подготовката на веродостојни избори не е одговорност само на државните институции, туку и на политичките партии. На 6 април беше пропуштена можност“.

На крајот на соопштението се најавува дека ЕУ и САД ќе продолжат да го поддржуваат демократскиот развој, вклучително и изборите. „Ја поздравуваме работата на Државната изборна комисија, како и напорите на граѓанското општество во исполнувањето на таа цел. Ќе продолжиме одблизу да го следиме развојот и да ги споделуваме нашите погледи“.

Изјавата на Орав и Бејли не споменува рокови во кои бараните реформи треба да се исполнат. Паралелно со прочистувањето на избирачкиот список и балансираното медиумско претставување, во неа повторно се потенцира и притисокот врз гласачите.

Високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини во синоќешната изјава изрази очекување проблемите да се решаваат во „следните клучни недели“. Во изјава со многу слична интонација како денешната на амбасадорите, Могерини порача дека „спроведувањето на политичките договори, вклучувајќи ги и итните реформски приоритети се од огромно значење“.

Лидерите на двете најголемите политички партии во земјата, Никола Груевски и Зоран Заев вчера на прес-конференции излегоа со спротивставени пораки и нови меѓусебни обвинувања за кризата во земјата. Груевски рече дека „избори мора да има и ќе има“, додека Заев останува на ставот за бојкот и повикува на „широк граѓански фронт“ против власта.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми