1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и ЦЕТА: Сѐ е добро кога добро ќе се заврши?

Барбара Везел
31 октомври 2016

На крајот конечно има зелено светло за договорот ЦЕТА со Канада. Но ЕУ сега би можела да влезе во уште поголема криза, смета Барбара Везел.

Belgien Unterzeichnung CETA Handelsabkommen
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Maeterlinck

По добриот крај навалонскиот политички театар околу давањето согласност за трговскиот договор ЦЕТА, Брисел не препушти ништо на случајот: со огромна брзина ЕУ го одржа претходно откажаниот самит со Канада. Во спротивно можеби ќе се појавеше уште некој  со нови задршки. Притоа процесот на ратификација и онака ќе трае уште некое време, па барем се успеа да бидат ставени првите потписи на договорот. 

Што тука тргна наопаку?

За жал ова не е случај според слоганот: сѐ е добро кога добро ќе се заврши, бидејќи Европејците мора да научат од овој во последен момент спречен дебакл. Се разбира, тука во прв ред потфрли белгиската централна влада, која долго време знаеше дека Валонија ќе се спротивстави и оти ќе ги искористи комплексните државни структури во Белгија за својот отпор против ЦЕТА.

Но и Европската Комисија исто така одамна го знаеше тоа. Згора на тоа, можеше од сопствените прозорци да ги види критичарите на глобализацијата кои и во европскиот кварт во Брисел гласно го изразуваа својот протест против трговскиот договор. Дека во воздухот лебдеше немир, беше одамна јасно. Но никој не се досети навреме да ги чуе забелешките и приговорите, и нив, колку што е можно повеќе, да ги вклучи во преговорите. Со тоа немаше да бидат убедени оние кои целосно ја отфрлаат ЦЕТА, но барем театарот околу Валонија ќе можеше да биде избегнат.

Наредниот акт во Холандија

Далеку потежок ќе биде следниот чекор во кризниот менаџмент. Ако Холандија по нејзиниот пропаднат референдум од пролетта ја повлече својата согласност за договорот за асоцијација со Украина, на ЕУ ѝ се заканува далеку поголема надворешно и безбедносно политичка катастрофа. Ние не смееме Украина да ја оставиме сама и на рускиот претседател Путин да му ја препуштиме оваа победа.

Тој, имено, силно помогна да биде поддржана отровната пропаганда на неговиот десно-екстремистички помошник во Холандија Герд Вилдерс. Украинците веднаш ќе се најдат пред вратата и ќе ги трошат парите на Холанѓаните, гласеше отприлика неговата полемика. И доволно граѓани спроти референдумот поверуваа во дезинформациите или од други причини се одлучија да ѝ испратат предупредување на својата влада. 

Вака не може натаму

Европа се препнува од криза во криза и сѐ повеќе губи од својата способност за дејствување. И сите играчи сносат одговорност за тоа. Правилата во Холандија за референдуми на пример се апсурдни. Недостасува разумен кворум за да се спречи злоупотребата.

Покрај тоа, владата во Ден Хааг водеше бледа кампања, а Брисел како што е вообичаено не се мешаше. Но така не може понатаму, зашто со тоа ЕУ ќе биде закочувана чекор по чекор. Иднината на Европа не може да зависи од поединечни ослабнати премиери.

И ова клопче од проблеми: генералната загуба на доверба во политиката, најновите успеси на десничарската пропаганда, враќањето на национализмот и со тоа поврзаниот егоизам, не може да биде разрешено само во Брисел. Клучот лежи кај сите 27 преостанати земји-членки, каде секој мора да се праша - колку му е важна Европа. И колку има намера да се ангажира за нејзина одбрана. Во спротивно за неколку години во Брисел би можеле да бидат угаснати последните светла.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми