1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Кандидатски статус за Албанија

СН/емф/миа/ртр/мф24 јуни 2014

Албанија и официјално станува земја-кандидат за членство во Европската унија. Шефовите на дипломатии на земјите од ЕУ денеска (24.06) донесоа соодветен заклучок кој до крајот на неделата треба да го усвои и Советот на ЕУ

Фотографија: DW/A. Muka

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе денеска соопшти дека министрите за надворешни работи на ЕУ се согласиле околу доделувањето на кандидатски статус за Албанија, додавајќи дека раздвижување на евроинтеграциите во регионот има и за Црна Гора, со која ЕУ ќе започне три нови преговарачки поглавја.

„Честитки за Албанија и добивањето на кандидатскиот статус, за кој одлучија министрите. Ова е признание за напорите во правењето на реформите и уште поголемо охрабрување за натаму“, објави еврокомесарот на својот Твитер-профил.

Сепак, за оваа земја да ги почне официјалните преговори за членство, потребно е прво да добие таква препорака од Европската комисија во рамки на прогрес- извештајот кој ќе се објави во октомври, а потоа и Европскиот совет на Самитот во декември да даде дозвола за тоа.

Во однос на Црна Гора пак, Филе исто така на Твитер соопшти дека ЕУ со Подгорица ќе отвори уште три преговарачки поглавја, со што вкупно бројот на досега отворени поглавја се зголемува на 12, од кои две се веќе завршени.

Шефовите на дипломатиите на ЕУ денеска и утре одржуваат министерски состанок во Луксембург, а Европскиот совет пак ќе заседава во четврток и петок, кога ќе бидат разгледани предлозите и кандидатите за највисоките функции во Европската комисија, по неодамнешните европски избори.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми