1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ланците на снабдување треба да станат одржливи и поправедни

Бернд Ригерт
23 април 2022

Компаниите во иднина треба да сносат одговорност за условите во кои работат нивните лиферанти. Како е замислен Законот за ланците на снабдување на ЕУ?

Symbolbild | Schokolade
Ланецот на снабдување за чоколадото почнува во западна Африка: ЕУ сака да ги подобри прописитеФотографија: Csaba Deli/Zoonar/picture alliance

Да го земеме чоколадото како пример. Какаото за омилениот десерт во ЕУ главно потекнува од Гана и Брегот на Слоновата коска во западна Африка. Организации за развојна помош и активисти со децении реагираат дека за одгледување какао се злоупотребуваат деца како работна сила. Според проценките на хуманитарните организации и Универзитетот од Чикаго околу 1,6 милиони девојчиња и момчиња се принудени да работат на плантажи за какао. Производителите на чоколадо доброволно ветија дека експлоатацијата на детска работна сила во западна Африка до 2020 ќе ја намалат за 70%. Но, планот не успеа. Швајцарската компанија Нестле затоа започна нова програма за да ги поттикне ситните земјоделски производители да ги носат своите деца на училиште, а не да ги праќаат на нива. 

Активисти, како оние од „Иницијативата за закон за синџирите на снабдување”, но и големи компании како Икеа, Данон или белгискиот производител Галија, затоа бараат опширен закон на европско ниво кој ќе ги регулира условите за сите синџири на снабдување, не само за какаото, туку и во текстилни фабрики во Бангладеш, рудници во Јужна Африка, автомобилски производители во Кина или селани кои прават палмино масло во Гватемала и.т.н.

На плантажите за какао сѐ уште работат многу деца: деветгодишниот Моае фотографиран во текот какао-жетва во Буркина Фасо (архивска фотографија)Фотографија: Jürgen Bätz/dpa/picture alliance

„Почитување на човековите права“

Европската комисија пред неколку дена, по долги подготовки и тешки преговори со лоби здруженија и земјите членки, го претстави својот предлог закон. „Предлогот е базиран на граѓанска иницијатива која бара услугите и производите да се создаваат со почитување на човековите права и околината. Го читаа и компании, граѓанското општество, Европскиот парламент и земјите членки, но пред сѐ граѓани“, изјави еврокомесарот задолжен за заштита на потрошувачи Дидие Рејндерс, кој реагираше на иницијатива потпишана од 500.000 лица.

Со новиот закон големите компании во и надвор од ЕУ, кои имаат преку 500 вработени и обрт од најмалку 150 милиони евра, треба да бидат обврзани да ги почитуваат сите стандарди на Меѓународната организација за труд ИЛО, како и сите стандарди за заштита на околината. Тоа важи за испорачателите на суровини во Африка, Азија или Јужна Америка, преку транспортот, па сѐ до крајната изработка во ЕУ. Така треба да се сузбие детската работа, присилната работа и експлоатација со ниски цени за трудот. За одредени сектори, како производство на облека, чевли, храна, метали, нафта, гас, дрво и хемикалии, прагот ќе биде понизок, така што би биле опфатени компании со 250 вработени и обрт од 40 милиони евра, предлага ЕК.

Рејндерс: Новиот предлог закон создава еднакви услови за сите компании во ЕУФотографија: Johanna Geron/AP Photo/picture alliance

Одговорност за целиот ланец на дистрибуција

Компаниите во иднина треба да бидат граѓанско правно одговорни за синџирот на снабдување. „Предлогот предвидува казни и одговорност. Граѓанското право нуди правна сигурност за компаниите и им пружа можност на оштетените да бараат надомест на штета пред суд“, појасни еврокомесарот Рејндерс во Брисел.

Синдикати, здруженија, компании и физички лица ќе имаат право да тужат поради повреди во синџирот на снабдување. Со тоа предлог законот е и поширок од германското право кое не дава право на тужба во овие случаи. Новите одредби не треба да доведат до тоа европските производители да се повлечат од одредени пазари или да ги откажат снабдувачите од Африка или Азија заради стандарди кои тешко би ги испочитувале, уверува еврокомесарот.

Согласност од парламентот

Ана Кавацини, која е задолжена за предлог законот во Комисијата за трговија во Европскиот парламент, смета дека ова е чекор во посакуваниот правец. „Законот забранува повреди на човекови права при производството на артикли кои завршуваат на внатрешниот пазар во ЕУ", вели Кавацини.

Кавацини: Европскиот парламент сака подобрување на предлог законотФотографија: EU/Jan Van De Vel

Сега компаниите мора да одговараат за целиот производен ланец. Но, сѐ уште има по некоја дупка која во претстојниот процес на носење на законот ќе треба да биде пополнета. Новите одредби, вклучително предвидените преодни рокови, би можеле да стапат во сила дури за четири до пет години. Европратеничката од Зелените критикува и дека се опфатени само големи бранши и големи фирми. „99 проценти од фирмите во ЕУ може да си продолжат како и досега“, вели таа.

- повеќе: Ланци на снабдување на германските фирми: Западен Балкан како замена за Азија?

Kритики од индустријата

Сојузот на германската индустрија (БДИ) изрази сосема поинаква критика. Оттаму се изразува стравување дека законот на ЕУ за синџирот на снабдување ќе стави многу компании под притисок.

- повеќе: Економијата во 2022- меѓу тмурни изгледи и трошка надеж

„Со оглед на големината на предизвикот, погрешно е задачата за заштита на човековите права и животната средина да им се префрли на компаниите во ваква форма. Компаниите сакаат одржливост во нивните синџири на снабдување и веќе прават сѐ што можат за да бидат дораснати на својата одговорност“, изјави Волфганг Видермарк од БДИ во Берлин. 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми