1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ лидерите ги одложија големите одлуки

24 октомври 2011

Лидерите на земјите-членки на ЕУ во Брисел дискутираа околу можните начини за излез од финансиската криза. Клучните прашања сепак останаа без одговор, а одлуките беа одложени за в среда, за кога е најавен нов самит.

Самит на ЕУФотографија: dapd

Лидерите на Европската унија и шефицата на ММФ, Кристин Лагард го поздравија „добриот напредок“ постигнат на неделниот самит посветен на финансиската криза. Но, претседателите и премиерите на земјите-членки си заминаа со малку конкретни детали, најавувајќи дека се ќе биде познато по вториот самит закажан веќе за в среда.

Францускиот претседател Никола Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел ги надминаа меѓусебните разлики, изјавувајќи пред камерите дека е постигнат „широк договор“ за клучната точка, зајакнувањето на фондот за спас на земјите-членки. Лидерите беа загрижени дека претходно договорените 440 милијарди евра во фондот нема да бидат доволни, доколку кризата се прошири и на поголемите економии, како Италија, па одлучија да ја зголемат неговата вредност.

Ангела Меркел и Никола Саркози ги надминаа разликитеФотографија: picture alliance/ZUMA Press

Според претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпој, до среда треба да се дефинираат деталите околу две предложени решенија. Првото е фондот да им ги гарантира влоговите на сите доверители, со што би се направил обид да се врати довербата на инвеститорите кои не сакаат да купуваат државни обврзници на државите во криза. Втората опција би била креирање на втор фонд, во кој би се слевале средства од не-европски држави, како Кина на пример, но овој предлог има многу противници во самата Унија. Ван Ромпој соопшти дека е можно и да се комбинираат двата модели. На овој начин, лидерите на Унијата се надеваат дека фондот ќе достигне средства во висина од еден трилион евра.

Нов самит в среда

Иако нема детали, се поизвесно е дека е договорено и најавеното отпишување на околу 50 проценти од грчкиот долг, но во истовреме ќе се направи докапитализација на банките за да можат да ги издржат загубите од грчката криза. Проценките велат дека во европските банки кои ќе отпишуваат грчки долг ќе бидат вбризгани околу 100 милијарди евра.

Самитот го одбележаа уште две теми. Огромниот долг на Италија, кој се заканува земјата да ја стави во слична ситуација како и Грција, ги натера првите луѓе на Унијата да извршат голем притисок врз премиерот Силвио Берлускони да спроведе реформи во земјата. Берлускони вети дека уште денеска ќе свика владина седница на која ќе се расправа за мерките за намалување на буџетскиот дефицит.

Италија мора да спроведе реформиФотографија: picture alliance/dpa

Обидот на членките на еврозоната да воведат потесна соработка меѓу земјите кои го користат еврото наиде на жесток отпор меѓу 10-те држави кои се надвор од неа. Велика Британија, во прв ред, остро протестираше против одлуката на состанокот в среда да присуствуваат само членките на еврозоната, кои се најпогодени од кризата. Премиерот Дејвид Камерон инсистираше дека е недозволиво 17 земји да носат одлуки кои ја погаѓаат целата Унија, па соломонското решение е в среда да се одржи уште еден кус самит на лидерите на сите земји-членки.

Автор: БГ/ афп/ ројтерс

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми