1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ мора да собере храброст за „зелена револуција“

Стјуарт Браун
12 декември 2019

Планираната програма за заштита на климата на Европската комисија, „Зелен план“, не е совршена. Но таа е неопходен почеток за конечно да се започне со економска трансформација и конкретна акција, смета Стјуарт Браун.

Ursula von der Leyen Amtseinführung EU-Kommissionspräsidentin
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Tribouillard

Климатските промени  се најгорливиот глобален проблем. Политиката досега не успеа да преземе ефективни контрамерки што резултираше во досега најголемите протести во последниве децении. И покрај целите утврдени со климатскиот договор од Париз од 2015 година, емисиите на штетни гасови и ЦО2 постојано растат – а во принцип треба да се намалуваат. Доналд Трамп, претседателот на државата која е втора по емисија на стакленички гасови дури и тврди дека не постојат климатски промени. И владите ширум светот делуваат како заложници на лобито на фосилни горива.

Но има начин како да се оди напред: декарбонизациска револуција! Поради тоа што последователното намалување на ЦО2 не успеа, сега мора да започне далекусежен процес на економска трансформација. Ова може да создаде милиони работни места и да го подобри животниот стандард, како на пример преку подобар јавен превоз или поевтина и одржлива топлификација. Со други зборови, исто како предлозите содржани во „Зелениот договор“ на Европската комисија во Брисел.

Климатска неутрална ЕУ до 2050 година

Претставената програма за  заштита на климата  која е најавена како „нова стратегија за раст на Европа“ треба да ја направи ЕУ климатски неутрална до 2050 година. Целиот пакет мерки треба да помогне во борбата против исчезнувањето на биолошката разновидност и трошење на ресурсите, како и за поодржливо земјоделство и казни за загадувачите на животната средина.

Слично како предложениот „Нов зелен договор“ на Берни Сандерс и Александриа Окасио-Кортез во САД или како ветувањата на британската Лабуристичка партија за „зелена индустриска револуција“ и планираниот „Зелен договор“ на ЕУ исто така сака да се придржува до целта од 1,5 степени од Парискиот климатски договор. За тоа предвиденото намалување од над 40% на емисијата на ЦО2 до 2030 година, треба да стане од 50 до 55 проценти.

Стјуарт БраунФотографија: DW/J. Collins

Но, прашање е дали „Зелениот договор“ ќе биде поддржан од сите 28 земји членки. Веќе се појавува отпор, пред се од Полска, Унгарија и Чешка. И другите не преземаат доволно акција: Џереми Вејтс, генералниот секретар на Европската канцеларија за животна средина на пример се жали дека речиси и да нема предвидено мерки против микропластика и нанозагадување. Организациите за заштита на животната средина пак посакуваа намалување на емисијата на ЦО2 од 65%.

Револуцијата како основа за раст

Да се постават високи цели е најдобар начин да се оправда зелена револуција, која е основата за идната климатска политика. „Зелениот договор" би можел да биде базата за уникатен мултилатерален акциски план кој опфаќа 49 клучни мерки и повторно го поттикнува растот на ЕУ која е во стагнација. Само поединечни мерки не може да гарантираат дека ќе бидеме поштедени од ужасот на 3 до 4 степени затоплување на планетата. Со таквото затоплување имаме сценарио во кое само на американскиот брег до крајот на ова столетие ќе бидат предизвикани штети од над еден трилион долари. Во мојот австралиски роден град Сиднеј кој со недели е загаден од чад од страшните шумски пожари од околината, ситуацијата би можела да стане постојана состојба. Мора да размислуваме во пошироки димензии и индивидуалниот сообраќај, па дури и на електричен погон, да го подредиме на беспрекорно функционирачки јавен превоз со нула емисии на штетни гасови. Префрлањето на обновливи извори на енергија во Европа, кое со себе носи ветување за нови и добро платени работни места, мора да се спроведе. И мора да има подобри закони за заштита на биодиверзитетот.

Наместо зборови, дела

Урсула фон дер Лајен, новиот претседател на Европската комисија и архитект на „Зелениот договор" нагласи дека се зафатила со генерацискиот проект и дека сега мора да се делува. Но, дали некој ќе и` поверува по сите децении на пасивност во однос на заштитата на климата? На актуелниот климатски самит во Мадрид, Грета Тунберг сосема со право критикуваше политичари и економски лидери дека постојано само се преправаат дека преземаат нешто.
Но, „Зелениот договор", колку и да е непотполн во актуелната форма, сепак ги поврзува социјалните, економските и политичките институции и би можел одржливоста да ја направи составен дел од нашата реалност и ДНК. Освен тоа ризикот е преголем ако не се осмелиме да направиме таква зелена револуција.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми