Дали ЕУ можеше да посредува во конфликтот во Шпанија? Да, доколку тоа ѝ се дозволеше. Сега се работи за иднината. Нема друга алтернатива освен поддршка на владата во Мадрид, оценува Бернд Ригерт.
Реклама
Со едностраното прогласување независност од страна на Каталонија, во пракса за ЕУ не се менува ништо. Нема да има граница меѓу Шпанија или Франција и Каталонија, нема царини, сообраќајни контроли, ограничување на протокот на стока и капитал. Каталонија, од аспект на ЕУ, останува Шпанија и со тоа - ЕУ-територија. Сите оние кои живеат во Каталонија и натаму го задржуваат „државјанството на Европската Унија“, кое претставува правна гаранција за слободно движење и заштита на основните права во рамките на Унијата. ЕУ во случајот со Каталонија е јасна и недвосмислена како ретко кога досега.
Прогласувањето независност е спротивно на шпанскиот Устав. Разрешената каталонска влада ја загрозува правната држава во Шпанија. Европската Комисија, Европскиот Парламент и сите 28 земји членки на ЕУ одбиваат да ја признаат „Република Каталонија“. Веќе има доволно пукнатини во ЕУ, смета сосема исправно претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер. Со 95 мали држави во ЕУ системот сигурно ќе заглави, знае Јункер, кој и самиот потекнува од една држава-џуџе полна со самодоверба.
ЕУ не беше барана како политички посредник
Сепак, и покрај тоа, често поставуваното прашање - дали ЕУ можеби не мораше порано да посредува политички, не може да се одговори потврдно. Но, фактот што тоа не се случи, не се должи на ЕУ. За да има посредство се потребни две страни. Шпанската централна влада не сакаше дијалог со посредство. ЕУ не може да ја принуди на такво нешто. Јункер и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, можеби требаше да се нудат за посредство поактивно, но јасниот и цврст став на владата на Рахој не ѝ остави избор на ЕУ.
Интегритетот на ЕУ-членката Шпанија има предност и според европските договори и според меѓународното право. Правото на каталонскиот регион на независност не може да се исконструира од меѓународното право. Правото на самоопределување не вклучува право на отцепување спротивно на волјата на државата.
Според ЕУ, во Каталонија не може да стане збор за експлоатација или огромни повреди на човекови права. Шпанија е функционална демократија. Тоа што токму застапниците на Брегзит и другите националистички сили во Европа ѝ префрлаат на ЕУ дека не им помогнала на Каталонците е апсурдно. Зарем не велеа секогаш дека ЕУ се меша насекаде, дека Брисел диктира? И, сега, иако воопшто не е надлежен и нема право, Брисел би требало да се меша? И споредбата со Полска или Унгарија не е на место. Таму ЕУ ја проверува состојбата на правната држава. Во Полска или Унгарија не се работи за сепаратизам или сецесија, туку за повреди на основните принципи на поделба на власта.
Поглед нанапред: Овозможување мирни избори
Вицепретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, оправда употреба на соодветна сила на шпанската држава против акциите на сепаратистите. Во наредните недели шпанската влада ќе мора да одредува од око што е соодветно како реакција на евентуален отпор на управувањето на Мадрид со институциите во Каталонија. Сликите на полициско насилство, како на одржувањето на нелегалниот референдум на 1 октомври, би им оделе во прилог само на лидерите во регионот. ЕУ ќе треба, колку што е тоа можно, да влијае смирувачки на страните во конфликтот, за пред Божик да се одржат фер регионални избори во Каталонија. ЕУ ќе треба да настојува на активна улога и во разговорите за функционален статут за автономија кои потоа би следувале, како и во процесот на помирување во длабоко поделениот регион.
Тоа би било од најголем интерес на сите граѓани на Унијата, зашто никој не може да си дозволи економско слабеење на Шпанија, повторно должничка и финансиска криза, како и загрозување на еврото кое би било резултат на кризата околу Каталонија.
Забелешката на белгискиот државен секретар за миграција, Тео Франкен, дека разрешениот каталонски претседател можеби би можел да добие азил во Белгија, треба да се третира согласно она што е: фламански фолклор на еден десен популист.
Историјата на каталонското движење за независност
Стремежот на Каталонците за независност има долга историја. А во текот на таа историја имало подеми и падови, засилување на автономното право и угнетување. Ова се некои од најзначајните случувања.
Фотографија: Reuters/A.Gea
Богато античко наследство
Каталонија рано ја населиле Фениќаните, а потоа Етрурците, па Грците. Грците ги населиле пред сѐ Росас и Ампуриас (на сликата). Римјаните продолжиле со изградба на населби и инфрастукура. Каталонија остана дел од Римското царство сѐ додека не ја освоија Визиготите во 507 година по Христос.
Фотографија: Caos30
Грофовства и самостојност
Во 711 година Каталонија ја освоија Арапите. Карло Велики го запре нивниот продор во 732 година кај Тур на Лоара, а веќе во 759 година северот на Каталонија стана повторно христијански. Во 1137 година каталонските грофовства влегоа во сојуз со кралството Арагон. Во 13. и почетокот на 14. век Арагонското кралство владее со западното Средоземје и ги освои Мајорка (на сликата) и Валенсија.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archiv
Автономија до војната за престоли
Во 13. век се создаваат институции на каталонска самоуправа, наречени „Generalidad de Catalunya". По обединувањето на земјите под круната на Арагон со кралството Кастиља во 1476 година, Арагон можеше да ги задржи своите автономни иституции сѐ до завршувањето на шпанската војна за престоли (1714 година) - со пауза за време на селската буна (на сликата) од 1640 до 1659 година.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archivo
Годишнина на еден пораз
Откако Барселона на 11 септември 1714 година ја освои бурбонскиот крал Филип V каталонските институции се распуштени и ѝ е ставен крај на самоуправата. Секој 11 септември Каталонците се потсетуваат на укинувањето на нивните автономни права (на сликата се демострациите од 2015 година во Барселона).
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gene
Федерални идеи и прва шпанска република
Откако абдицираше Амадео I на 10 фебруари 1873 година е прогласена првата Шпанска Република, која траела помалку од една година. Симпатизерите на републиката се неединствени. Едните сакаа централистичка република, другите федерален систем. Симпатизер на федерализмот бил и Франциско Пи и Марагал (на сликата), еден од петте претседатели на краткотрајната република.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archivo
Неуспешен обид во 19 век
Обидот Каталонија во Шпанската република да создаде сопствена држава дополнително го заостри конфликтот меѓу републиканците. Во 1874 година повторно е воспоставена монархија на чело со Алфонсо XII (на сликата) од династијата Бурбон.
Во периодот меѓу 1923 и 1930 година, генералот Примо де Ривера воспоставува во Шпанија диктатура, со помош на кралот Алфонсо XII, војската и свештенството. Каталонија станува центар на опозицијата и отпорот. Политичарот Франческ Масиа (на сликата) успева да избори за Каталонија важни автономни права по крајот на диктатурата.
Самоуправа во втората Шпанска Република
За време на втората Шпанска Република, каталонските пратеници го изработија Статусот на автономија од Нурија, кој во 1932 година го прифати и шпанскиот парламент. Франческ Масиа по изборите за каталонскиот парламент беше избран и за претседател на самоуправата на Каталонија. Победата на генералот Франко во шпанската граѓанска војна (1936-1939),меѓутоа значеше крај на втората Шпанска Република.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Крај на сите слободи под Франко
Режимот на Франко (1939-1975) за Каталонија значеше и укинување на демократските слободи: забрана на сите политички партии и прогон на нивните активисти, укинување на автономниот статус и потиснување на каталонскиот јазик и култура.
Фотографија: picture alliance/AP Photo
Повторно воспоставување на автономијата со нов статут
По првите слободни избори по падот на Франковата диктатура „Generalidad de Catalunya“, во 1977 година е привремено повторно воспоставена. Врз основа на шпанскиот демократски устав од 1978 година, Каталонија наредната година доби нов статус на автономија.
Жорди Пујол, долгогодишен претседател на владата на Каталонија
Првиот статус за автономија по времето на Франко ги признава самостојноста на Каталонија и каталонскиот како самостоен јазик. Во споредба со статусот од 1932, проширени се овластувањата на Каталонија во областа на образованието и културата, но се ограничени во областа на правосудството, финансиската управа и јавниот поредок. Жорди Пујол беше претседател на каталонската влада од 1980 до 2013 год.
Фотографија: Jose Gayarre
Јакнење на самосвеста
Стремежот на Каталонците за независност повторно се засили во последниве години. Во 2006 Каталонија доби нов статус на автономија со проширени овластувања. Но, по тужбата на конзервативаната партија ПП, шпанскиот Уставен суд ги укина проширените овластувања.
Фотографија: Reuters/A.Gea
Прв обид за референдум
Референдум за незвависност на Каталонија беше предвиден за 9 ноември 2014 година. Неговото прво прашање гласеше: „Сакате ли Каталонија да биде држава?“ Кој ќе се изјаснеше „За“ требаше потоа да одговори на прашањето „Сакате ли таа држава да биде независна?“. Но, Уставниот суд го стави гласањето надвор од сила.
Фотографија: Reuters/G. Nacarino
Двобој на двајца премиери
Од јануари 2016 година Карлес Пуџдемон е претседател на каталонската влада. Тој го продолжува националистичкиот курс на својот претходник Артур Мас и и покрај сите напори и полициско насилство на 1 октомври 2017 година го спроведе референдумот за независност, кој шпанскиот премиер Маријано Рахој го отфрла како противуставен.