1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ начелно подготвена да учествува во мировни трупи на ОН за Блискиот исток

Барбара Везел18 јули 2006

ЕУ бара од сите страни во конфликтот да ги штитат цивилите и да го почитуваат меѓународното хуманитарно право, а Израел да не постапува „на несразмерен начин“

Хавиер Солана
Хавиер СоланаФотографија: AP

Министрите за надворешни работи на ЕУ се плашат од ширење на воениот пожар на Блискиот Исток. Нивните обиди за гаснење прво се состоеја во подготовка на текст врз основа на декларацијата за Блискиот Исток од самитот на Г8 усвоена во неделата. На крајот произлезе „мек“ текст на европската декларација, така што дури и германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер искрено рече оти не верува дека со тоа ќе му биде ставен крај на конфликтот.

Како и обично, зад натегањето стојат големи разлики во мислењата: Финска, како претседавач со Советот, се залагаше за остер курс спрема Израел, но на крајот се наметнаа Берлин и Лондон со, како што ја нарекуваат, „урамнотежена“ декларација. Во неа Израел е опоменат на придржување кон хуманитарното право и сразмерност во постапувањето, но министрите го нагласуваат и правото на самоодбрана.

До пред три недели уште постоеше надеж за подобрување на односите меѓу Израел и Палестинците, вели Штајнмаер. „Сега таа надеж, очигледно, е целно уништена“. Германскиот министер смета дека почеток на насилството биле ракетните напади на Хамас во појасот на Газа и на Хезболах во Либан, а моментот очигледно бил свесно избран за да се уништи приближувањето.

Европејците во целост полагаат врз интернационално усогласено постапување, при што во фокусот треба да бидат ОН. Генералниот секретар Кофи Анан во Брисел денеска треба да ја објасни својата идеја за тампон-зона во јужен Либан и примирје како наредна цел. За подробностите денеска во Брисел тој треба да разговара со претседателот со Советот на министрите на ЕУ Ерки Туомиоја од Финска.

Но, за примирје мора да бидат создадени предуслови, вели главниот европски дипломат Хавиер Солана: „Ние ќе сториме се’ што е можно, иако сега далеку се разијдуваат позициите на Израел и на Хезболах околу прекин на огнот“. Солана нагласи и дека важна улога треба да игра и либанската влада. По разговорите со нејзиниот шеф Фуад Синиора во Бејрут, за што тој ги извести европските министри зад затворена врата, Солана в среда ќе оди и на разговори во Израел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми