1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ на Балканот тргна по курсот на историски мобинг

28 јуни 2022

Брисел станува соучесник во неевропското однесување на некои земји-членки на ЕУ, критикува австрискиот весник Стандард во анализа по случувањата на минатонеделниот самит на Унијата.

Belgien | EU-Westbalkantreffen in Brüssel
Фотографија: Nicolas Maeterlinck/BELGA/dpa/picture alliance

Во анализа на минатонеделниот самит во Брисел под наслов „ЕУ на Балканот тргна по курсот на историски мобинг“, австрискиот весник Стандард ги критикува одлуките на ЕУ како „псевдо решенија“ и пренесува критики на експерти кои оценуваат дека Европската комисија и француското претседателство со Советот на ЕУ следеле неевропски пристап.

„Еден ден откако ЕУ му порача на целиот Западен Балкан да се откачи, Париз и Софија си зедоа уште малку време за дополнително да ја понижат и шиканираат Северна Македонија.  ЕУ повеќе не е унија на вредности и принципи", го пренесува Стандард, коментарот на американскиот политолог Јасмин Мујановиќ на Твитер. 

„Многу политичари од земјите на Западниот Балкан се вратија од Брисел доста налутени. Што се случи? Најпрво, француското претседателство заедно со Европската комисија предложи едно многу проблематично „решение“ за отстранување на бугарското вето против почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Бугарскиот парламент потоа со големо мнозинство гласаше за отстранување на ветото, но политичката цена за бугарската, како и за македонската демократија и владеење на правото, е огромна, а „решението“ е спротивно на европските вредности. Топката им беше додадена на Македонците кои сега мораат да го сменат Уставот согласно желбата на Бугарија, за што е потребно двотретинско мнозинство кое, владата на премиерот Димитар Ковачевски воопшто го нема.
Со тоа, всушност, на Македонците им беше подадена топката со која воопшто не можат да играат. Имено, опозицијата не сака да прифати промена на уставот. 

„Договорот“ е проблематичен и од аспект на содржината. Тој предвидува, националистичките барања на Бугарија со кои се цели кон идентитетскиот концепт и историјата, да ги поддржува Европската комисија, особено унгарскиот илиберален комесар Оливер Вархеји.

Парламентот во Софија додаде и „подобрување“ на преговорите на Северна Македонија, „за да ја разјасни позицијата, дека ништо во процесот на преговори на Северна Македонија со ЕУ не смее да се сфати како прифаќање на постоењето на македонски јазик". Бугарските националисти имено тврдат дека не постојат ниту македонска нација и јазик." 

Проблематични „решенија“ 
Во изјава за Стандард, поранешниот македонски министер за надворешни работи Никола Димитров вели дека „решението“ кое се нуди води кон отворање на „Пандорината кутија“ на Балканот. Не случајно, објаснува тој, Германија, Португалија и Словенија, како претходни претседавачи со ЕУ, не сакаа да ја поминат таа граница.
„Според актуелниот предлог, бугарското вето за првпат се засилува и легитимира од ЕУ, со тоа што идентитетскиот и историски мобинг се префрла во преговарачкиот процес, опремен со затегнат ремен во рацете на Софија“.

„Во таква ситуација", пишува Стандард, „Северна Македонија не само што ќе мора да ги спроведе неопходните реформи, туку ќе мора уште и да им се поклонува на бугарските историчари".
„Брисел уште еднаш станува соучесник во еден, во основа, антиевропски правец, во кој на една нација и се негира идентитетот, што е во спротивност со членот 3 од Лисабонскиот договор“, заклучува австрискиот весник.

На таа линија, Стандард ги критикува и одлуките на ЕУ во однос на Косово и Босна и Херцеговина. Приштина повторно не доби визна либерализација, иако ги исполнува сите критериуми и чека на таква одлука со години. Додека, БиХ повторно не успеа да добие ниту кандидатски статус.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми