ЕУ нема да посредува во спорот меѓу Македонија и Грција
8 ноември 2013ЕУ нема директно да посредува меѓу Македонија и Грција во спорот за името, како што тоа беше случај со посредувањето меѓу Србија и Косово, изјавила портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон, Маја Коцијанчич.
„Нашиот став во однос на ова прашање е јасен. А, тоа е дека ние го поддржуваме процесот за решавање на овој спор што се води под покровителство на Обединетите нации и даваме поттик да се најде заеднички прифатливо решение со посредникот Метју Нимиц“, изјавила Коцијанчич за МИА.
Како што јавува дописникот на агенцијата од Брисел, и покрај заинтересираноста на Германија и неколку други земји-членки на Унијата за што побрзо решавање на долгогодишниот спор, во Брисел немаат намера да се вмешаат директно со посредување меѓу Скопје и Атина.