1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ неусогласена за заедничка испорака на оружје во Ирак

Александар Методијев/ројтерс/дв/афп13 август 2014

ЕУ не успеа да постигне заедничка позиција за снабдувањето со оружје на ирачките Курди. Компромисното решение е земјите-членки поединечно да испраќаат оружје, но тоа да го прават во координација со Багдад.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Оружјето им е потребно на ирачките Курди за борба против џихадистите од „Исламската држава“. Лидерот на ирачките Курди Масуд Барзани во неделата (10.08.) ја повика меѓународната заедница да помогне во борбата со милитантите, чиј напредок на северот на Ирак ги изнедади светските политичари.

Поради тоа беше свикан вонреден состанок на амбасадорите на земјите-членки во седиштето на Европската унија. Тема беа кризите во Ирак, Украина и Газа. Владите по состанокот добија зелено светло за индивидуални испораки на оружје.

Дипломатски извори од состанокот соопштија дека некои европски земји се спротивставиле на испраќањето вооружување, па затоа нема договор на ниво на ЕУ. Но, оние кои се противат на вооружувањето на ирачките Курди не можат да ги спречат останатите кои сакаат да им помогнат во борбата против „Исламската држава“.

Земјите-членки можат поединечно да одлучат за испораката на оружјеФотографија: picture-alliance/dpa

Меѓу земјите кои на состанокот се залагале за вооружување биле Франција, Италија и Чешка. Германија прво соопшти дека помошта за Ирак ќе биде само од хуманитарен карактер, за вчера шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер да изјави дека со оглед на конфликот во Ирак е потребно повеќе отколку само хуманитарна помош. И министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен не ја исклучи можноста за достава на воена опрема, како оклопни возила или детектори за скриени експлозиви, односно „несмртоносна“ опрема за ирачката армија.

Европската комисија го активираше Координативниот центар за итна реакција, кој треба да ја кооридинира хуманитарната помош во име на 28-те земји-членки, а која е наменета за бегалците во Ирак. Преку овој Центар треба да се направи поефикасна испорака на помошта.

Амбасадорите од ЕУ во Брисел повикаа на итна меѓународна помош за лицата протерани од своите домови и ги поздравија напорите на САД, кои од воздух напаѓаат цели на „Исламската држава“, за запирање на напредокот на џихадистите.

На бегалците им е потребна итна помошФотографија: Reuters

Франција и Италија, која е актуелен претседавач со ЕУ, повикаа одржување состанок на повисоко – министерско ниво, со цел носење одлуки за соодветен одговор на повиците за помош од Ирак.

САД веќе одговорија на тие повици, па на северот на Ирак испратија дополнителни 130 воени советници со цел ширење на хуманитарната мисија во земјата. Американскиот министер за одбрана Чак Хејгел изјави дека овие лица „треба да направат подлабока проценка за тоа каде да се продолжи со помошта“.

Истовремено САД ја разгледуваат можноста како да се извлечат цивилите од планината Синџар, кои се опколени од џихадистите. ОН вчера информираа дека од 20.000 до 30.000 лица се’уште се наоѓаат на оваа планина и предупредија на „можен геноцид за неколку денови или часови“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми