1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не била консултирана за акцијата на косовската полиција

26 јули 2011

Специјалниот претставник на ЕУ на Косово, Фернандо Џентилини изјави дека акцијата на специјалните единици за заземање на граничните премини во северно Косово е изведена без консултација со ЕУ и дека била некорисна.

Тензично на северот од КосовоФотографија: picture alliance /dpa

Во изјавата проследена до медиумите Фернандо Џентилини вели дека дијалогот е единствен начин за решение околу проблемот со царинските печати и воспоставување слободна трговија во двата правца. „Од суштинско значење е ситуацијата да се смири и да се вратиме онамо кај што бевме“, потенцира специјалниот претставник на ЕУ на Косово.

Според него унилатералното дејствување на едната или другата страна не може да го режи проблемот.

Специјалците од косовската полиција, попознати како „Росу“, синоќа го заземаа административниот премин Брњак на северот од Косово, а локалните жители Срби ги спречиле во намерата да го заземат и пунктот Јариње. Српската агенција Бета од свои извори во косовското МНР пренесува дека Србите блокирале патишта на северот од Косово во Лепосавиќ, во селото Рударе и во Зубин поток.

Српскиот министер за Косово, Горан Богдановиќ и шефот на српскиот преговарачки тим во дијалогот со Приштина, Борко Стефановиќ уште синоќа заминаа за Косово. Тие пренесоа понудата преку командантот на КФОР до властите во Приштина за повлекување на специјалците од пунктовите. Утрово Стефановиќ изјави дека е постигнат договор со КФОР речиси за се. Но, премиерот Хашим Тачи нареди распоредување на дополнителни единици на специјалната полиција во близина на преминот Јариње, а побара и помош од КФОР за отстранување на барикадите поставени од локалното население.

Премиерот Тачи наредил распоредување на дополнителни полициски сили на северот од КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

Акцијата по наредба на Тачи

Стефановиќ претходно изјави дека блокадите и протестите што ги прават Србите ќе продолжат, доколку од официјална Приштина не стаса одговор за повлекување на специјалците, затоа што Србите немало да дозволат специјалните полициски сили да дејствуваат на тоа подрачје од Косово.

Одговорот од косовската страна беше дека повлекување нема да има. Тоа во изјава го кажа косовскиот министер за внатрешни работи, Бајрам Реџепи. Според него, специјалците нема да се повлечат, додека не се постигне договор за двата премина на северот од Косово.

Според телевизија „Косово“, полицијата започнала со преземањето на административните премини со Србија по наредба на премиерот Хашим Тачи. Агенциите јавуваат дека во исто време властите во Приштина им даваат откази на Србите кои се наоѓаат на командни функции во локалните полициски служби на северот од Косово. Според весникот „Коха диторе“, ова е прв обид на косовските власти да ја прошират власта на целата територија на Косово. Косовските медиуми објавија и дека полицијата на ЕУ, ЕУЛЕКС, го спречува обидот на косовската полиција да дојде до Звечани и до преминот Рударе, во близина на Рашка.

Не се очекува поширок конфликт

Воениот аналитичар Александар Радиќ оценува дека нема навестувања оти тензијата на северот од Косово би можела да предизвика поширок конфликт, бидејќи било јасно дека Приштина сама не ги презела тие чекори.

Официјално Косово не се консултирало со меѓународните фактори за акцијатаФотографија: DW

„Очигледно е дека Приштина, на овој или оној начин, морала да добие зелено светло од луѓето кои ги претставуваат меѓународните интереси на Косово и затоа секој потег на Приштина се следи многу внимателно. Тоа е многу сериозен ризик во кој не смеат да погрешат“, изјави Радиќ за агенцијата Бета. Тој нагласува дека веќе дојде до нарушување на безбедносната ситуација, бидејќи Приштина презема чекори кои не биле со ништо предизвикани, ниту се насетувале. Според аналитичарот, маневарскиот простор на Србија е многу ограничен и се што може да направи се сведува на дипломатска акција кон запад.

Инаку, камиони со производи од Србија веќе шести ден не можат да влезат во Косово, поради едностраната одлука на Приштина за воведување ембарго.

Автор: Александар Методијев/ Бета/ Макфакс

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми