1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не се откажува од поддршката на Коридорот 10

Катерина Блажевска25 септември 2014

Европската унија продолжува да ги поддржува проектите во рамките на ИПА 1 и ИПА 2 програмите, во чии рамки спаѓаат Коридорот 10 и Коридорот 8, уверуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Фотографија: Georges Gobet/AFP/Getty Images

Голема конфузија се создаде околу приоритетите и поддршката што ЕУ ги планира во наредните шест години за изградба на паневропските коридори. Коридорот 10 кој поминува низ Србија и Македонија, исчезна од мапите објавени на страницата на Европската Комисија, а според објавените планови, произлегува дека Брисел поддршката ќе ја насочи кон девет други поприоритетни коридори, од кои само еден поминува низ Балканот: Романија-Бугарија-Грција.

Според домашните експерти, причина за ваквата промена на приоритетите на ЕУ, е заостанувањето на изградбата на Коридорот 10 во делот на Србија. Други пак, препознаа можен геостратегиски одговор од Брисел до владите на Србија и на Македонија во врска со нивниот однос кон проектот „Јужен тек“, со оглед дека Србија отворено изјавува дека не се откажува од него, а Македонија и натаму смета дека тој гасовод е еден од најголемите стратегиски проекти за долгорочно решавање на енергетските прашања во земјата. Трети прстот го вперија во случајот „Актор“. Дали и што му пресуди на паневропскиот Коридор 10, кој е дел од сеопфатната транспортна мрежа која освен земјите на ЕУ, опфаќа и земји кои не се нејзини членки?

Извори од Брисел признаваат дека има „одредени размислувања за поместувања во приоритетите за поддршка на изградба на патната инфраструктура, но не веднаш, и тоа не ги загрозува досега планираните активности“. Од таму не прецизираат од кога би важеле тие поместувања и дали се однесуваат и на Коридорот 10. Тврдат дека засега „сѐ останува исто“.

Фотографија: DW/S. Huseinovic

Такво уверување даваат и од Делегацијата на ЕУ во Скопје. „Европската Унија продолжува да ги поддржува проектите во рамките на ИПА 1 и ИПА 2 програмите, во чии рамки спаѓаат Коридорот 10 и Коридорот 8“, кратко изјавија од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Испланирано до 2020 година

Во македонското Министерство за транспорт и врски велат дека нема никаква причина за загриженост, бидејќи кај нив веќе се подготвуваат проектите за користење на фондовите на ЕУ сѐ до 2020 година.

„Министерството за транспорт и врски е во процес на подготовка на Оперативната програма за секторот транспорт (ОПСТ) 2014-2020 за искористување на фондовите од ЕУ. Новата ОПСТ 2014-2020 е продолжение на претходната Оперативна програма за регионален развој 2007-2013 со цел да се задржи континуитетот на инвестициите. Оттука, запазен е принципот на инвестиции на европските коридори во Република Македонија, Коридор 10, 10-д и 8, во согласност со ЕУ регулативата 1315/2013, како и во согласност со целите дефинирани во Националниот стратегиски документ. Доизградбата на Коридорот 10, односно на делницата Демир Капија-Смоквица не е доведена во прашање, со оглед дека се работи за ИПА алокации од програмскиот период 2007-2013 во висина од 45 милиони евра, кои досега се во целост искористени. Реализацијата на градежните активности на делницата се одвиваат во согласност со предвидената динамика“, уверуваат од Министерство за транспорт и врски.

Автопатот Демир Капија – Смоквица, последниот дел од Коридорот 10 во Македонија, се гради со 130 милиони евра средства од Европската инвестициска банка, 45 милиони евра грант од Европската комисија, а Европската банка за обнова и развој одобри кредит од 107 милиони евра.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Проектите течат

Дека на „терен“ ништо не е сменето, тврди и Александар Стојанов, помошник директор за раководење со Секторот за инвестиции во Јавното претпријатие за државни патишта. Според него, статусот на проекти финансирани со средства од ИПА фондовите на Коридорот 10, покажуваат дека европската поддршка не е запрена, со оглед дека се аплицира за средства за наредните неколку години. Засега се работи на седум проекти.

„Проектот за автопатот А1, Миладиновци - Куманово, за два коловоза во должина од 22,5 км. опфаќа целосна рехабилитација на асфалтниот коловоз, а планиран период за изградба е од 2015 до 2017 година. Рехабилитација на автопатска делница Велес - Катланово предвидува санација на коловозот во должина од 24 км. и санација на 6 насипи. Градежните работи се почнати во јули годинава и треба да завршат во 2015 година. На автопатот А1, Неготино - Демир Капија ќе се рехабилитираат околу 8,8 км од делница во 2016 и 2017 година. Изградба на автопатска делница Демир Капија - Смоквица во должина од 28.2 км, планирана е да заврши во септември 2016. Изминато е 51,68 отсто од времето од договорот и завршени се 48,24 отсто од работите“, објаснува Стојанов.

Но, тоа не е сѐ. Планирана е и доградба на автопатска делница Смоквица - Гевгелија во должина од 10,5 км, односно на една сообраќајна лента за бавни возила. Градежните работи се планирани од 2015 до 2017 со средства од ИПА фондови, а тендерот ќе биде објавен во декември. Од јуни до ноември 2015 година треба да се спроведе и проектот за обнова на сообраќајна сигнализација на Коридорот 10, на 4 клучки на автопатот - Велес Југ, Неготино, Демир Капија, Гевгелија, како и на две делници: Хиподром - Миладиновци (А2) и Хиподром - Петровец (А4). Покрај овие краткорочни, планиран е и долгорочен проект- изградба на крак на автопатот А1, експресен пат од Градско до Прилеп со должина од 25,5 км. Преку ИПА фондови се планира и финансирањето на делницата помеѓу Градско и Дреново, а планиран период за изградба е од 2015 до 2019 година. Според овие податоци, поддршката од ЕУ за Коридорот 10 преку ИПА програмите и натаму ќе тече без никаков застој во наредните пет години.

Србите доцнат

Малку поинаква е ситуацијата во Србија. Големото доцнење во изградбата на автопатот, предизвика критики од власта.

„Ние сто години го градиме Коридорот 10 како да го ѕидаме Скадар на Бојана“, критикуваше неодамна српскиот премиер Александар Вучиќ.

За доцнењето беа најавени и конкретни санкции. „Сите изведувачи на капитални инфраструктурни објекти ќе мораат на инвеститорот да му достават најпрецизна динамика на работа. Тим на експерти од градежништво, сообраќај и инфраструктура, ќе вршат контрола на секои седум дена и ако работата не е завршена според планот, ќе следува раскинување на договорот“, предупреди српската министерка Зорана Михајловиќ. Таа нагласи дека нејзин приоритет е Коридорот 10, чија изградба реално би требало да биде завршена до крајот на 2016 година.

По ваквите состојби и уверувања, политичките аналитичари сметаат дека не станува збор за директно откажување на поддршката од ЕУ, туку за дискретно „пријателско предупредување“ дека проектите треба да се завршуваат навреме, одговорно и без скандали, бидејќи тоа е најдобар и најдиректен доказ за реформските капацитети на која било земја.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми