1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ - не сакаат сите прекин на преговорите со Турција

Барбара Везел
8 септември 2017

Промената на ставот на германската влада во однос на прашањето за Турција не наиде на едногласна поддршка. За разлика од ова, министрите за надворешни на ЕУ се согласни за нови санкции против Северна Кореја

Estland Treffen der EU-Verteidigungs- und Außenminister | Federica Mogherini, EU-Außenbeauftragte
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Pajula

Веќе со месеци, австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во секоја прилика заговара прекин на преговорите за членство со Турција: „Веќе подолго време се залагам за ова и сега сум среќен дека и во Германија има промена на ставот по ова прашање," изјави тој на средбата со неговите ЕУ колеги во Талин. Курц се надева на победа на претстојните избори во Австрија и со ова популистичко барање собира поени, исто како кандидатот на СПД, Мартин Шулц, кој се обиде ова да го направи минатата недела на телевизискиот дуел.

Засега нема прекин на преговорите за пристап

Но, и двајцата, а заедно со нив германска канцеларка Ангела Меркел, која досега е многу претпазлива по ова прашање, ќе мора да потпаднат под волјата на министрите за надворешни на ЕУ. Естонија и Финска категорично се изјаснија против прекин на преговорите. „Јас не сум за прекин, мора да го држиме дијалогот отворен," изјави финскиот министер за надворешни работи, Тимо Соини.

Со сличен став е и неговиот колега од Литванија: „Не, тоа би било сосем погрешно," изјави Линас Линкевициус додавајќи: „Ситуацијата не е едноставна, но ние мора да се залагаме за преговори." И шефот на белгиската дипломатија, Дидиер Реиндерс едноставно не гледа потреба да се презема акција: преговорите се секако на мраз, оттука не мора ништо дополнително да се прави. По ваквите изјави е јасно дека прекин на преговорите за членство нема да се најде на маса, бидејќи за такво нешто е потребна едногласна одлука.

Останува можноста, преговорите и формално да се замрзнат, одлука која може да ја донесат шефовите на евопските држави и влади со квалификувано мнозинство. Наспроти ова, францускиот претседател Емануел Макрон во едно интервју во Атина изјави дека се видливи „вознемирувачки испади" и Турција во изминативе месеци со право е „отстранета од фокусот на ЕУ." Но, таа останува важен партнер во многу кризи, поради што Макрон е против прекин на преговорите. Тој сепак е за тоа, да се извлечат консеквенци за однесувањето на Ердоган, најмалку во однос на царинската унија. Секако треба да се тргне од маса проширување на оваа унија без оглед на надежта на Турција.

ЕУ-министрите за надворешни работи во ТалинФотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Treimann

Габриел приклештен

За германскиот министер за надворешни работи ситуацијата е тешка. Кратко пред телевизискиот дуел меѓу шефот на неговата партија Шулц и претседателката на ЦДУ Ангела Меркел, Габриел во предизборната кампања ја застапуваше старата дипломатска линија на владата, да не ѝ се затвора вратата на Турција. Особено не во време кога во турските затвори има германски државјани. Тој во Талин само изјави дека Мартин Шулц во принцип е во право со неговите барања. Но, Габриел повеќепати нагласи дека не е ЕУ таа која се оддалечува од Турција, туку претседателот Реџеп Таип Ердоган се оддалечува од европските вредности и копенхашките критериуми, кои се основа на преговорите за членство.

Германскиот министер уште еднаш нагласи дека Германија веќе подолго време покажува трпение и не одговара на провокациите на Анкара, како споредбите со нацистичка Германија. Ердоган е тој којшто очигледно нема намера да го спроведе зачленување во ЕУ, а Шулц само ја препозна ваквата реалност.

Дебата да, но без носење заклучоци

Промената на курсот во Берлин на европско ниво засега е без влијание. Пред претстојниот самит на ЕУ во средината на октомври, министрите за надворешни работи сакаат да ја подготват оваа тема за да се отвори како можна дискусија меѓу шефовите на држави и влади, бидејќи германската канцеларка сигурно ќе сака да ја види на дневниот ред. Секако ова ќе значи само оформување на општо мислење по ова прашање бидејќи нема да може да се донесат заклучоци и за Турција веројатно ќе се отвори подолга дебата.

Мора да се почитуваат мислењата на земјите членки. Во Франција скептицизмот во однос на членство на Турција отсекогаш бил силен, изјави Зигмар Габриел. Знак, дека може да следи промена на ставовите на владите.

Едногласност околу санкции за Северна Кореја

Во Талин кај министрите за надвореши работи, исто како и претходно кај министрите за одбрана, немаше противење за барањата за понатамошни санкции против Северна Кореја. Во однос на ова прашање ЕУ не може да стори многу, бидејќи политички мерки се со мало влијание. Се работи за тоа, на Северна Кореја да и се скратат изворите на приходи: северно-корејските бродови или нивните екипажи да бидат спречени да впловат во европски пристаништа, а северно-корејски работници, кои пред се работат во Полска, да бидат испратени дома. Сето ова има повеќе симболичен карактер.

Но, како што изјави високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини, зачестените провокации од Северна Кореја не смеат да останат без одговор. Таа сепак нагласи дека не смее да има воено решение на кризата и се заложи за враќање на дипломатските преговори, во однос на демонтирање на балистичкото и нуклеарното оружје на северно-корејскиот полуостров. Во случај на потреба, има земји кои се веќе подготвени да се вклучат како олеснувачи во преговорите. Сепак Русија и Кина се се уште први на листата. Европејците засега се во улога на „предупредувачи“ и остануваат статисти.


 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми