ЕУ не смее да ја остави Македонија сама
23 април 2016Интернет изданието на германскиот магазин „Ди Цајт“, осврнувајќи се на ситуацијата во Македонија, упатува препорака до ЕУ да не ги повторува грешките од минатото и да не седи со скрстени раце:
„Македонија е тврдина на Европа. Симболот на тоа е граничната ограда кај Идомени. Но, тврдината се дроби, се наоѓа пред пад. За тоа не се виновни мигрантите или бегалците, кои ја опсадуваат граничната ограда, туку политичката елита во земјата. Во мај 2015 година десетици илјади луѓе протестираа против владата на Никола Груевски, по повод т.н. афера со прислушкување...Тогаш се зборуваше за македонски Мајдан. Народот, кој копнее кон демократија и сака да стане член на ЕУ, востана против корумпираната влада. Се веруваше дека владата, слично како во Украина, се наоѓа пред пад. Но, таа не падна, иако мораше под притисок на ЕУ да изврши персонални измени, да вети реформи и да се согласи на предвремени избори. Се чинеше дека ситуацијата се смири.
Задачата извршена
Потоа во летото започна масовниот бегалски бран, македонското демократско движење падна во целосен заборав. Македонија стана веќе не место на можна демократска револуција, туку само прва етапа од Балканската рута на илјадниците луѓе кои тргнаа во правец на Европа. Во февруари 2016 година Македонија стана европска тврдина, австриската влада ја покани на самит во Виена. Целта беше затворање на границата. Македонската влада ја изврши својата задача, ја затвори границата.
Но, како противуслуга очигледно побара извесна цена. „Ќе ја затвориме границата за вас, но вие ќе ги затворите двете очи!“, веројатно ова беше неизречената порака на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски. Поинаку речено: власта сакаше да ја користи граничната ограда за зацврстување на корумпираните, авторитарни структури во земјата. Се‘ требаше да остане како и дотогаш. Тоа беше сметката.
Гневот на улицата
Владата дури сакаше да го врати часовникот на историјата наназад, во времето пред протестите. Претседателот Ѓорге Иванов помилува 56 политичари, против кои се води истрага. Ова беше чекорот кој ја прели чашата. Десетици илјади повторно излегоа на улиците. Движењето се нарекува Протестирам. Значи, македонското движење за демократија повторно е на протести, но овојпат условите се далеку подраматични, тонот во конфликтитее поостар, доаѓа до поединечни насилни судири...
Европската комисија прво сакаше повторно да посредува. Но, потоа реши да не го прави тоа, откажувајќи ја кризната средба. „Македонските политичари мораат сега сами да ги отстранат сите пречки во однос на правната држава“, порачаа од Брисел. Притоа изричито се споменува спорната аболиција на 56 политичари. Но, тука спаѓа и одржувањето фер вонредни избори. Ставот на Комисијата е јасен: овојпат морате сами да ја завршите задачата! Ние сме подготвени да помогнеме, но веќе го покажавме патот, за што не постои друга алтернатива.
Ваквиот став на ЕУ е разбирлив. Не може да се има доверба во македонските политичари. Но, покрај политичката елита на македонската држава, тука се и македоснките граѓани. Ним им е потребна помошта од Европа.
Покрај овој морален аргумент, постои и еден стратешки важен. ЕУ треба да извлече лекција од 1990-те години на минатиот век, кога се распадна Југославија. Европа тогаш гледаше со скрстени раце. Цената беше ужасна. ЕУ, впрочем, може да се „повлече“ од Македонија. Но, со тоа проблемот Македонија нема да биде решен, тој ќе се врати како кошмар,“, пишува „Ди Цајт“.