ЕУ: Одлуките на Уставен не смеат да бидат против реформите
10 март 2016![](https://static.dw.com/image/6083925_800.webp)
Процедуралните чекори кои ги презема Уставниот суд на Македонија се во спротивност со реформскиот процес и напорите на меѓународната заедница за создавање услови за кредибилни избори, вели портпаролот на европскиот комесар за проширување Маја Коцијанчиќ.
„Во однос на влијанието кое (чекорите на Уставниот суд) можат да го имаат врз парламентарните избори, согласно договорот од Пржино, тие се предвидени како клучни чекори во реформскиот процес кој треба да ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес и да ја извлечат земјата од политичката криза.
Секој потег кој е спротивен на ова мора да се избегне. Секоја сугестија за неказнивост во однос на изборни прекршоци ќе биде во спротивност со напорите инвестирани од земјата и од меѓународната заедница во насока на создавање на услови за кредибилни избори и обид да се врати довербата на граѓаните во изборниот процес.
Таквов потег би бил во спротивност со одлуката на парламентот и на сите политички партии за формирање на Специјално обвинителство кое треба да ги истражи сомнежите, вклучително и нарушувањата во однос на минатите избори“, се наведува во изјавата на Коцијанчич.