ЕУ: Од отпорни бактерии умираат 33.000 луѓе годишно
ЕМФ /агенции
7 ноември 2018
Бактериите отпорни на антибиотици убиваат повеќе луѓе од грипот, туберкулозата и вирусот ХИВ заедно!
Реклама
Во Европската Унија од бактерии кои се отпорни на антибиотици годишно умираат 33.000 луѓе, проценуваат експертите. Тие своите проценки ги засноваат на податоците кои ги собра европската Мрежа за набљудување на антимикробната резистентност (ЕАРС-Нет) во 2015-та.
Според таквите проценки, во 2015 година од бактерии отпорни на антибиотици се инфицирале 670.000 луѓе, а починале 33.110 луѓе. Особено загрозени се деца под една година и лица постари од 65 години.
Во Германија починале повеќе од 2300 лица како резултат на инфекција против која не постоел ефикасен антибиотик. Бројот на ваквите инфекции во Европа е зголемен од 2007 година наваму, а меѓу одделни земји од ЕУ има големи разлики, пишува меѓународното стручно списание „Лансет“. Особено високи стапките на смртност се во Италија и Грција. Само на Италија отпаѓа повеќе од една третина од смртните случаи.
Тимот предводен од Алесандро Касини од Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) во Солна (Шведска), ги анализираше податоците од 30 земји од ЕУ и од европската економска зона. Тие се концентрираа на различни видови бактерии кои покажуваат отпорност кон одредени комбинации на антибиотици, а предизвикуваат инфекции на мочните канали, на дишните патишта, на крвните садови или на рани од операции. Кај пациентите инфицирани со вакви бактерии антибиотиците не делуваат. Делумно, ефикасни антибиотици се даваат предоцна, поради тоа што не се открива навреме дека се работи за отпорни бактерии. Во такви случаи, и безопасни инфекции би можеле да завршат лошо, па дури и со смрт.
Зголемената употреба на антибиотици во хуманата медицина и во процесот на одгледување животни во текот на изминатите години придонесе за ширење на бактериите отпорни на антибиотици. За подобрување на состојбата се препорачува препишување антибиотици само доколку се тие навистина неопходни. Освен тоа, се нагласува значењето од одржување строга хигиена во болниците, а се потенцира и дека се потребни повеќе истражувања за развој на нови супстанци кои имаат антибактериско дејство.
Внимавајте, грипот е заразен!
Грипот е вирусно заболение кое не е наивно и безопасно. Што помага против грипот? Како се произведува вакцината? И во што е всушност разликата меѓу птичји и свински грип?
Фотографија: Reuters
Птичји грип во Кина
Од почетокот на годинава во Кина починаа над 20 луѓе од птичјиот грип Х7Н9, како што јавува новинската агенција Ксинхуа. Деновиве здравствените служби на Хонг Конг уништија над 20 илјади кокошки и други птици. Во Кина птичји грип има од февруари 2013. година. Но, што е всушност птичјиот грип?
Фотографија: Reuters
Убав, но опасен
Вирусите на птичјиот грип се поткатегорија на вирусите на грипот, на инфлуенца. Тие можат да изгледаат вака убаво. Вирусите не се видливи со голо око, но човек веднаш забележува штом се тука, по температурата, болките во зглобовите, главоболката и кашлањето. А притоа, вирусите се состојат само од белковинска обвивка и мал генетски материјал, ДНК.
Фотографија: Novartis Vaccines
Птичји грип и птичји вирус
Кога вирусите на грип, односно инфлуенца ќе ги нападнат птиците, тие заболуваат од заразен грип. Доколку притоа се работи за специјален тип, Х5Н1 или Х7Н9, тогаш е во прашање т.н. птичји грип. Овој вирус се пренесува само од птица на птица, но во поединечни случаи може да се пренесе и на човек.
Фотографија: picture alliance/dpa
Краток процес
Ако започне зараза со грип кај птиците, според германскиот закон, треба да се убијат сите птици во една живинарска фарма. Зашто, од 1996. постојат вируси Х5Н1, кои зачестено се пренесуваат од човек на човек и така можат да предизвикаат епидемија. Се претпоставува дека притоа се работи за нова варијанта на вирусот. Во 2013. дојде уште една нова варијанта, Х7Н9.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Не се работи за баналност
Луѓето се плашат од можна епидемија на грип, зашто може да има лоши последици. Од шпанскиот грип (1918-1920) умреле над 25 милиони луѓе. Меѓу нив имало многумина меѓу 20 до 40 години. Инаку, најчесто на болеста ѝ потклекнуваат новородени деца и стари луѓе. Честа причина за смртта е запаление на белите дробови.
Фотографија: National Museum of Health and Medicine, Armed Forces Institute of Pathology/Washington D.C./United States
Што помага против грип?
При заболување од грип лекарот најчесто ги третира само симтомите и дава сируп против кашлање и таблети против болки и температура. Тие овозможуваат пациентот да може да спие. За тешки случаи постојат и антивирусни лекови. Тие го спречуваат размножувањето на вирусите во телото.
Фотографија: Fotolia
Скандал со Тамифлу
Еден од лековите против вируси на грип е Тамифлу од Роше. Во Германија беа набавени големи количества од скапиот лек за случај на епидемија на грип. На многу пакувања веќе им помина датумот на употреба, а научниците одамна се сомневаат и во ефикасноста на лекот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Вакцина против грип
Против грипот постои вакцина. Иако, вирусите на грипот многу брзо се менуваат преку мутација. Затоа секоја година се развива нова вакцина, во строго стерилни услови. Таа се состои од инактивирани вирусни честички на три вида вирус, кои се најчести и типични за таа година.
Фотографија: Novartis Vaccines
Вируси на грип од ембриони на кокошки
Некои производители на вакцина ги размножуваат вирусите на грип во оплодени кокошкини јајца. Зашто, вирусите на грип ги напаѓаат и птиците. Инкубираното кокошкино јајце служи како примитивна замена за птици. Така од кокошкиниот ембрион во развој се добиваат вируси за вакцина. Едно кокошкино јајце е доволно за една доза вакцина.
Фотографија: GlaxoSmithKline
Свински грип
Вирусите на инфлуенца ги напаѓаат и свињите и кај нив предизвикуваат заболувања на дишните патишта. Еден специјален подвид на вирус, Х1Н1, инфицира и многу други видови животни цицачи, а и човекот. Вирусот Х1Н1 бил одговорен и за шпанскиот грип. Во 2009. година се случи епидемија со вирус на свински грип.
Фотографија: Fotolia/Lilifox
Паника - не само во Хонг Конг
Свинскиот грип во 2009. се прошири од Мексико и САД во над 200 земји во светот. Првенствено во Јужна Азија, Источна Африка и Јужна Америка имаше бројни заболени. Според Светската здравствена организација, во светот умреа над 18 илјади луѓе од последици на свинскиот грип.
Фотографија: AP
А и Ш
Миењето раце е најдобрата превентива против вирусите на грипот. Човек не треба да посегнува со немиени раце пред сѐ во очите и носот, зашто така најчесто се врши заразувањето.