1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Побрзо ослободување од зависноста од рускиот гас

Бернд Ригерт
1 април 2022

Дали ЕУ е подготвена за нагло запирање на лиферувањето гас од Русија, доколку претседателот Владимир Путин ги оствари своите закани? Постојат планови за итни случаи – и многу несигурност.

Deutschland | Verdichterstation für russisches Erdgas in Mallnow
Фотографија: Patrick Pleul/dpa ZB/picture alliance

Рускиот претседател останува на барањето испорачаните количества на гас европските потрошувачи да ги плаќаат во рубљи, наместо во евра или долари, како што гласат договорите.  Путин потпиша соодветен декрет. Италијанскиот премиер Марио Драги, кој е последниот од западните шефови на влади кој вчера телефонирал со Путин, сепак верува дека Русија нема да го намали својот транспорт на гас во ЕУ, дури и ако се плаќа и натаму во евра или долари. 

По телефонскиот разговор, Драги во Рим изјави дека размената во рубљи не е едноставна, но со Путин разговарал дека руската страна мора да го оствари овој чекор: „Европските претпријатија можат да плаќаат како и досега, за да не ги прекршуваат санкциите кои ЕУ ги воведе против рускиот банкарски сектор.“

Доколку дојде до нагло запирање на испораката на руски гас, ЕУ е подготвена. Ваков впечаток барем се труди да создаде Европската комисија во Брисел, укажувајќи на ЕУ-законот за безбедно снабдување со гас, кој е во сила од 2017 година. Сите 27 земји членки врз таа основа усвоија свои закони и планови кои треба да се реализираат доколу дојде до вонредни ситуации во снабдувањето со гас.  Германија и Австрија го активираа првиот степен од овој план, кој пред сѐ предвидува формирање кризен штаб и постојано вреднување на ситуацијата со снабдувањето. 

Треба да помогне координирачка група

Европската комисија, според Законот за безбедно снабдување, може да прогласи општа или регионална вонредна состојба во снабдувањето. Тогаш се настојува да се врши засилено координирање на купувањето гас, распределбата и потрагата по други извори. Треба да се формира координирачка група во која се застапени сите земји-членки, фирмите кои испорачуваат гас и сојузите од одделни бранши. Меѓутоа, ова тело нема ингеренции да дава наредби.  Гас ќе се добива врз основа на постоечка правна регулатива и билатерални договори од Русија и од други извори.

Доколку постои проблем во снабдувањето, во сите членки на ЕУ се активираат плановите за алармантен или вонреден случај и се намалува снабдувањето на т.н. „незаштитени“ потрошувачи, како индустриски фирми. Болниците и приватните домаќинства се последните корисници кои би биле исклучени од мрежа. ЕУ-законот предвидува „солидарна размена на гас“. Но, досега само Германија, Данска, Австрија и Италија склучиле соодветни договори. 

Стручњаците во Европската комисија се согласни дека тотален прекин на испораката на руски гас во ЕУ не може преку ден да биде заменет со алтернативни испорачувачи. Можеби може да се помине и без исклучувања, но тогаш би требало да се испразнат складиштата со гас кои се полни една четвртина. Овие складишта меѓутоа во идните месеци би требало да се полнат, а не да се испразнат, за да се помине идната грејна сезона во следната зима.

Обемот на руски испораки на гас во Европа во 2020 година

Централизирано купување?

Цената на гасот на светскиот пазар, според проценките на економскиот тинк-тенк Бругел во Брисел, повторно нагло расте, зашто гасот од Норвешка, САД, Катар или Алжир секако има силна побарувачка. Италијанскиот премиер Марио Драги предлага уште сега да се изврши плафонирање на цената на гасот за која постои спремност да се плати, додека сѐуште доаѓа руски гас. Нема причина зошто ЕУ-членките би плаќале надуени цени и би ја финасирале војната на Путин, им изјави Драги на новинаите во Рим. Но, за да ја искористи својата пазарна моќ како најголем клиент на Русија, ЕУ мора да дејствува униформно како еден вид куповна заедница.

Георг Цахман, енергетски експерт во тинк-тенкот Бругел, се залага за заедничко централизирано купување од страна на Европејците. Едноставната координација на купувачките активности, на која досега можеа да се согласат членките, не е доволна. „Гледаме дека членките на ЕУ настапуваат како конкуренти кај испорачувачите и вршат меѓусебно наддавање“, критикуваше Цахман на една подиумска дискусија на тинк-тенкот.

Шефовите на држави или влади освен тоа решија заеднички да се грижат за полни резервоари со гас. Според законски предлог од ЕК, складиштата со земен гас есента 2022 година треба да бидат полни 80 %. Следната година на почетокот на  грејната сезона  складиштата со гас треба да се полни 90 проценти. Овој закон тогаш би важел и за полудржавниот руски концерн „Газпром", кој има складишта со гас во ЕУ и учествува во повеќе енергетски снабдувачи во ЕУ.

Излез до 2026 година?

ЕУ до крајот на годината треба да може да се откаже од две третини од својот увоз на гас од Русија, според пресметките на Дидерик Самсон, близок соработник на заменик-претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс. Моментно ЕУ добива годишно 150 милијарди кубни метри гас од Русија. 50 милијарди кубни метри можат да се добијат од дополнителните пратки течен гас од САД и  Катар.  Натамошни 50 милијарди кубни метри би морале да се обезбедат од дополнителен увоз од Алжир, Норвешка, биогас и заштеда на енергија. До крајот на 2026 или почетокот на 2027 година би можела да се постигне целосна независност од рускиот гас, смета Дидерик Самсон. „Енергијата ќе биде многу поскапа отколку денес, изминатите години таа беше премногу евтина. Потребна е промена и на целиот економски модел“, вели Самсон.

Георг Цахман критикува дека ЕУ уште не оперира во кризен модус. ЕУ поседува сценарио за брз, регулиран излез, но „тоа сценарио не одговара на постојната криза. Запирањето на испораката на гас може да се случи секој момент, тоа е исклучително опасно“, вели тој.

Во земјите членки на ЕУ на ова се гледа малку поопуштено. Франција увезува 20 % од својата потрошувачка на гас од Русија и во моментов не гледа опасност од тесни грла во снабдувањето. Бугарија пак увезува 90 % од гасот од руски извори. Од идната година  Бугарија  планира да купува само гас од Азербејџан и течен гас од Грција, најави шефот на бугарската фирма за гас, „Булгаргаз", Иван Топчиски во едно интервју. Меѓутоа, истакна Топчиски, тоа ќе биде многу поскапо отколку гасот од Русија.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми