Во Рим на 25 март 1957. година е основана Европската економска заедница. Денеска 27 земји-членки на ЕУ таму ја слават 60-годишнината од Римските договори. Со заедничка декларација порачаа- потребно е поголемо единство.
Реклама
Без оглед на Брегзит, бегалската криза, различните брзини на развој и политиката на одделни држави, како Унгарија и Полска, шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ се оптимисти. На почетокот на свеченоста денеска (25.03) во Рим потпишаа заедничка декларација . „Ќе славиме и 100-годишен роденден на ЕУ“, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во италијанскиот главен град. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ги повика 27-те членки на Унијата да преземат водечка улога: „Докажете дека сте водачи на Европа, дека можете да се грижите за огромното наследство кое го добивме пред 60 години од хероите на европското единство.“
Заеднички ангажман
Австрискиот канцелар Кристијан Керн побара засилен знгажман: „Како единки немаме никакви перспективи. Европа ќе биде силна само ако сите земји дејствуваат заеднички. Мора да постои солидарна заедница.“
И литванската претседателка Далиа Грибаускаите е оптимист: „Европа отсекогаш била изложена на предизвици. Но, секогаш преживувала и ќе трае вечно.“
Меркел: Ралични брзини, но заеднички правец
Германската канцеларка, прагматична како и секогаш, потсети на тешките задачи исправени пред ЕУ. Таа ги повика сите држави од Унијата во заедничко совладување на бегалската криза: „Европа мора да најде заеднички решенија“. Во интервју за италијанската телевизија, Ангела Меркел инсистираше дека во една солидарна заедница, секој мора да даде свој придонес, во рамките на своите можности.
Меркел ја истакна и нужноста од побезбедна и посилна Европа. „Нашата желба е постоење на сигурна, заштитничка Европа, мораме подобро да ги заштитиме нашите надворешни граници, сакаме економски силна Европа“. Заложбата за „Европа со различни брзини“ во никој случај не значи дека Европа нема да биде заедничка, истакна канцеларката. Интенцијата на Меркел и останатите водечки политичари е со заедничката декларација да го трасираат и курсот на ЕУ во идните десет години.
Декларацијата не содржи конкретни решенија за идното уредување на ЕУ, но нејзината цел е демонстрирање единство и одлучност за натамошна изградба на Унијата. Во Рим всушност почнува процесот на консултации околу иднината на ЕУ, кој би требало да заврши на крајот на годинава, откако ќе бидат познати исходите од претседателските избори во Франција и парламентарните избори во Германија.
По референдумот во Велика Британија, на кој мнозинството се изјасни за излез од ЕУ, британската премиерка Тереза Меј не присуствува на свеченостите во Рим. Во градот се закажани протести на проевропски групи и евроскептичари.
Шефовите на држави или влади на ЕУ синоќа ги прими папата Франциско, повикувајќи ги на солидарност и осудувајќи го затворањето на границите заради одбрана од оние кои сакаат подобра иднина за себе и за своите блиски.
Со Римските договори од 1957. година се удрени темелите на денешната ЕУ. Потписнички биле Германија, Франција, Италија и земјите од Бенелукс.
Прописите на ЕУ: криви банани, разнолики сандачиња, ознаки на семафорите
Во изминатите години во ЕУ се наталожија разни прописи и одредби за речиси се' Некои прописи се забавни и корисни ама има и непотребни и збунувачки. Еве десет примери за европската опсесија со прописи.
Фотографија: Fotolia/Stefan Merkle
Криви банани?
Според правилата на ЕУ, бананите кои се увезуваат во Унијата морада бидат долги најмалку 14 см и широки 2,7 см. Ти не смеат да бидат оштетени а ни целосно зрели, со што се гарантира свежината на овошјето. Тврдењата дека ЕУ има пропис и за дозволената закривеност на бананите, каков што до 2009. година важеше за краставиците, не е точно.
Фотографија: Fotolia/Santiago Cornejo
Медот како спроводник на струја
Знаеме оти мора да се чуваме од пчелите, ама за појадок да се размислува за тоа дали медот произведува струја е малку чудно. ЕУ има правило и за тоа. Таа спроводливост не смее да биде поголема од 0,8 микросименси на сантиметар. Всушност воопшто не е важно дали ќе не „протресе“ малку струја кога го ставаме лажичето во медот, туку ова правило служи за класификација на различните видови мед.
Фотографија: Fotolia/Jag_cz
Еколошка светлина
Еден од најспорните прописи е секако забраната на „обичните“ светилки, за да се заштеди енергија. Но ни новите сијалици не се големи заштитници на природата: некои од нив содржат отровна жива, која треба многу внимателно да се отстрани во отпад. Згора на тоа на новите светилки им е потребно некое време за да засветат во полно светло.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Прописи за жичници- за секој случај
Германската покраина Шлезвиг Холштајн на брегот на Северното мора е „рамна како тепсија“. Највисокиот рид воцелата покраина е висок 168 метри. Па сепак и оваа покраина мораше да узвои закон за погонот на жичниците, бидејќи така сака ЕУ. За секој случај, ако некогаш некој посака да постави жичница таму тогаш барем прописите ќе бидат сосема јасни.
Фотографија: Fotolia/JM Fotografie
Каде одат кои отпадоци?
Пропис кој и недостасува на ЕУ. На пример, каква боја треба да биде кантата во која ќе се фрла старата хартија? Во Германија е сина ама во други земји може да биде поинаку. Некаде зелената канта е всушност сина, жолтата е црвена а во некои земји воопшто не се раздвојува сметот. Како тогаш граѓанинот на ЕУ да одлучи што да прави и како сметот да заврши таму каде му е местото?
Фотографија: Fotolia/grafikplusfoto
„Луда железница“
Уште поголем хаос во ЕУ е при возењето со воз. На пример на релацијата од Талин до Лисабон. Покомпликувано не може да биде: на пат се тргнува по „советски пруги“, со растојание меѓу шините од 1,524 метри. Тоа растојание потоа низ Европа изнесува 1,435 метри сѐ до Шпанија каде изнесува дури 1,672 метри. А во Португалија растојанието меѓу шините е 7 милиметри помало.
Фотографија: picture-alliance/ZB
Еден штекер за сите- само пуста желба
Додека промената на растојанието меѓу шините на националните железнички мрежи е гигантски издаток, во други работи очигледно станува збор за национална „гордост“. на пример, одамна постои стандард за т.н. евро-штекер за електрични апарати, Но ако одите во Велика Британија, Ирска,Малта или Кипар , сѐ уште ви е потребен дополнителен „адаптер“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Сега ли е „зелено“?
И кај семафорите, сѐ едно дали се во Рим, Париз, Лондон, Варшава или Берлин,ознаката на семафорот која на пешаците им дозволува или забранува да преминат улица е различна. Во Германија поинаква е дури и на различни семафори во ист град, бидејќи по обединувањето на земјата сепак дозволен е и "Ampelmännchen" т.е. „семафорското човече“ од Германската Демократска Република.
Фотографија: picture-alliance/dpa
И натаму различни сандачиња
Европска разноликост владее и кај поштенските сандачиња. Секоја земја има свој формат и големина на отворот на сандачето. ЕУ намерно не сакаше да воведе правила во таа област. И сите се среќни,бидејќи и поштенските сандачиња покажуваат дека Европа е обединета но и оти нејзиното богатство е токму во разноликоста на народите и државите. А никој не сака тоа да исчезне.
Половина килограм јајца?
Во 2010 година ЕУ објави предлог-пропис според кој цената на сите прехранбени производи треба да биде одредувана врз основа на тежината. Тоа значи при купување на 10 јајца, цената не би била на парче туку на килограм. Меѓутоа барем кај јајцата од кокошка тешко дека овој пропис на ЕУ некогаш може да заживее.