1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ предизвика политичка криза во С. Македонија

БГ
21 октомври 2019

Ветото на Франција на самитот на ЕУ во Брисел може да го чини македонскиот премиер Зоран Заев власт, а регионот на Западен Балкан - нова нестабилност, коментираат весниците на германски јазик.

EU Nord-Mazedonien Premierminister Zaev bei Juncker
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O. Matthys

Под наслов „ЕУ предизвика политичка криза во Северна Македонија“, швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг предупредува дека ветото на францускиот претседател Емануел Макрон може да го урне премиерот Зоран Заев.
„Внатрешнополитичката криза во Северна Македонија ги потврдува бројните гласови кои предупредуваа дека натамошното отфрлање на земјата од страна на Брисел може да испрати катастрофален сигнал и долгорочно да ја загрози дури и стабилноста во регионот“, пишува НЦЦ, и ги пренесува „жестоките критики“ кои поради таквата одлука дојдоа и од претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.
„Опозицијата, која пред Договорот со Грција критикуваше дека со менувањето на државното име се губи националниот идентитет, а на крајот земјата сепак нема да може да влезе во ЕУ, со одлуката од Брисел добива ветер в грб. Доколку националистичкиот камп околу поранешниот премиер Груевски, кој во меѓувреме избега во Унгарија поради пресудата за корупција, се врати на власт, земјата ќе назадува во реформските напори“, оценува НЦЦ.

„Балканската политика на ЕУ се засноваше врз принципот дека реформите во владеењето на правото ќе бидат наградени со напредок во интегративните процеси. Како што покажува одбивањето на Скопје, тоа правило сѐ помалку важи. Тоа ќе има последици и подалеку од Северна Македонија и ќе го ослабне влијанието на ЕУ во целиот регион“, констатира швајцарскиот НЦЦ.

Стратешка грешка

Берлински Тагесцајтунг на оваа тема објавува коментар под наслов „Стратешка грешка“.
Француското „Не“ за почеток на преговорите ужасна многумина во Скопје и Тирана. Со одлуката се засилуваат антиевропските сили, забележува весникот.

„На македонското и албанското општество овие денови ќе им останат во паметење. Блокадата на францускиот претседател Емануел Макрон на двете земји, фрли многу луѓе во Скопје и Тирана буквално во депресија. Владите во двете земји во последните години сторија многу за да го одржат патот кон Европа. Во таа битка се работеше буквално за европски вредности: независност на судскиот систем, слобода на медиумите, заштита на човековите права“, наведува коментаторот на ТАЦ.

„Левичарскиот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, со договорот за името со Грција постави и пример за регионалната мировна политика. Ги спроведуваше реформите барани од Брисел и покрај отпорот на националистите поврзани со Русија. Сѐ со цел, да дојде еден чекор поблиску до ЕУ, и покрај сознанието дека до членството во ЕУ ќе поминат уште многу години“, пишува ТАЦ.

„Но не само САД под раководство на Доналд Трамп се во состојба да ги предаваат своите сојузници. Сега и прогресивните сили и граѓанските општества во Албанија и Северна Македонија, со француското ’Не’ се предадени. И надежите за европска иднина на другите земји на Западниот Балкан како Црна Гора, Косово и Босна се гаснат.“

„Веќе се множат гласовите, да не се гледа повеќе кон Европа, туку кон Русија и Кина. Премиерот Заев веќе најави нови избори со цел да го остави народот да одлучи за правецот на државата. Токму во тој контекст претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер го опиша ветото на Макрон како голема ’стратешка грешка’. Тажно е што на тој начин се закопува еден носител на надежта на Европа“, заклучува во коментарот ТАЦ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми