1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: „Претседателството и` припаѓа на државата, а не на владата“

25 март 2009

По првиот шок од паѓањето на владата на Мирек Тополанек, официјален Брисел вложува напори да испрати сигнал на стабилност и доверба дека Чешка редовно ќе го доврши полугодишното претседателство со Унијата.

Чешкиот премиер Тополанек видно шокиран од вчерашното гласањеФотографија: AP

ЕУ видно се труди да остане прибрана. Никој во Брисел не сака да зборува за некаква катастрофа. За разлика од ваквиот официјален став на Европската комисија, првите спонтани реакции во седиштето на ЕУ покажуваат шокираност. Но, европскиот апарат брзо се прибра и уште синоќа упати јасна порака: претседателството со ЕУ и’ припаѓа на една земја-членка, а не на одредена влада. Европската комисија изразува полна увереност дека Чешката Република и понатаму ќе ја извршува функцијата на претседавач со ЕУ до крајот на јуни - стои во соопштението.

Рацете на Тополанек се врзани

Сега се`зависи од Вацлав КлаусФотографија: AP

Брисел очигледно смета дека соборената влада на премиерот Мирек Тополанек ќе остане и понатаму на власт, се` до крајот на полугодишниот мандат како претседавач со Унијата. Тоа во голема мера ќе зависи од претседателот Вацлав Клаус, кој може да причека со доделувањето нов мандат за создавање влада. Меѓутоа, Клаус е огорчен противник на европската интеграција и затоа никој не може во моментов да предвиди како ќе се постави во кризата. Но, дури и чешкиот претседател да постапи политички коректно кон ЕУ, рацете на премиерот Тополанек се врзани. Тој нема полна легитимација на пратениците во националниот парламент и со тоа тешко ќе може да остава добар впечаток на многубројните важни самити што треба да се одржат до крајот на јуни. На почетокот на април, Тополанек во својство на претседавач со ЕУ треба да се сретне со американскиот претседател Барак Обама. Во мај е најавен самит на ЕУ, на кој Чесите сакаат да иницираат ново партнерство со соседите од Источна Европа. А потоа го чека и уште вонреден самит меѓу ЕУ и Кина.

Чесите се неодговорни

Ова беше последното нешто што и` требаше на Унијата во моментовФотографија: AP

Пратениците од Европскиот парламент го критикуваат однесувањето на колегите од чешкиот. Французинот Жозеф Дол, од редовите на конзервативните народни партии, го критикуваше однесувањето на опозиционите социјалдемократи во чешкиот парламент како „неодговорно“. На Европа во моментов и’ е потребно силно и стабилно претседателство, а не негово дополнително слабеење. Шефот на собраниската група на Либералите во Европскиот парламент, Грахам Вотсон, пак, посочи дека е можно сега да се одложи ратификацијата на Лисабонскиот договор. Со паѓањето на владата на Тополанек, сила ќе добие таборот на противникот на европската интеграција, чешкиот претседател Вацлав Калус. Со тоа се намалуваат шансите за ратификација на договорот во чешкиот парламент. Интересно е дека кризата во Чешка доаѓа во мигот кога во Ирска се исцртува позитивен став на избирачите и можност на повторениот референдум да гласаат позитивно за реформскиот договор од Лисабон. Од неговото стапување на сила, пак, зависи натамошниот процес на проширување на ЕУ.

Автор: Кристоф Хаселбах/Горан Чутаноски

Уредник: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми