1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ сака да ги сели бегалците

Бернд Ригерт / Е.М. Фиданоска28 мај 2015

Европската комисија сака да сели бегалци од Италија и Грција во други земји на ЕУ. Дали ваквиот „план за итни случаи“ ќе добие поддршка е неизвесно.

Фотографија: DW/D. Kaniewski

Европската комисија има намера првпат да активира параграф од ЕУ-договорите со кој во конкретни итни случаи би се овозможила преселба на бегалците во рамките на Унијата. Италија и Грција не можат да излезат на крај со новодојдените. Затоа, во период од две години, околу 40.000 можни баратели на азил би се распоредувале во други држави членки на ЕУ и тоа според цврсто определени правила. Надлежниот евркомесар Димитрис Аврамопулос, сепак, мора да тргне во мисија на убедување за својот план. Велика Британија, Данска и Ирска би можеле уште однапред да се повлечат од акцијата за итни случаи, со оглед на тоа што уживаат специјални права. Франција, Шпанија, Унгарија, Португалија, Чешка, балтичките држави и Словачка веќе се изјаснија против распределба на бегалците според принцип на фиксни квоти. Оттука, неопходното квалифицирано мнозинство во Советот на министри за внатрешни работи на ЕУ веројатно нема да биде постигнато, проценуваат европски дипломати.

„Се работи за солидарност“

Исто така, не сите членки на ЕУ го делат ставот на Европската комисија дека Италија не може да излезе на крај со бегалците кои доаѓаат преку Средоземното море и дека се работи за итен случај. Германија, на пример, одамна и‘ префрла на Италија дека не ги регистрира како што треба бегалците и дека им дозволува да го продолжат своето патување кон север. Еврокомесарот Аврамопулос, и покрај отпорот од страна на земјите членки, е сепак уверен: „Ова е одмерен предлог за сите држави. Не сакаме генерално да го регулираме доселувањето по принцип на квоти, туку само да се погрижиме за фер распределба на лицата на кои им е потребна заштита.“ Во суштина, според Аврамопулос, се работи за меѓусебна солидарност на државите. Наредниот состанок на Советот на министри за внатрешни работи, на кој треба да се разговара за новите предлози на ЕК околу бегалската политика, треба да се одржи на средината на јуни.

Димитрис Аврамопулос мора да тргне во мисија на убедување на земјите членки на ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Европската комисија предлага да се преселуваат само оние баратели на азил кои потекнуваат од Сирија или Еритреја. Тоа се групи лица чии барања за азил во ЕУ се признаваат во 75% од случаите. За секој преселен од Италија или Грција, државата која ќе го прими ќе добие „премија“ од 6000 евра. Еврокомесарот Димитрис Аврамопулос изјави дека има недоразбирања и погрешни толкувања. Последната одлука за тоа кој ќе добие азил, а кој не, лежи во рацете на суверените држави членки. „Ние не принудуваме никого да прима бегалци според утврдени квоти. Кој сака да прими повеќе лица, може да прими.“ Меѓутоа, соработниците на еврокомесарот веќе сега сметаат дека бегалците ќе бидат распределувани според квоти кои ќе се утврдуваат врз основа на големината и економската сила на земјите членки. Според оваа пресметка, Германија за две години би морала да прими 18 проценти од преселените бегалци, односно околу 8000 лица. „Тоа е подносливо“, вели пратеничката на Зелените во ЕП, Ска Келер. „Тоа што редица членки на ЕУ се противат на предлогот е еднакво на фундмантална позиција против европска солидарност.“

Фотографија: picture alliance/AA/C. Genco

Треба да се примат сириски „контингент-бегалци“

Покрај 40-те илјади баратели на азил кои ќе треба да бидат евентуално прераспределени од Италија и Грција, ЕК предлага во Европа да бидат донесени и 20.000 бегалци од Сирија кои се во бегалските кампови надвор од границите на ЕУ. Ваквите т.н. „контингент-бегалци“ би требало да бидат распределувани исто така според систем на квоти. Сепак, тоа би се одвивало врз обороволна основа. Програмата исто така би траела две години. Некои земји на ЕУ, меѓу нив и Германија, бвќе соопштија дека ќе примат контингент-бегалци. На тој начин, ваквите групи лица во ЕУ би влегле на легален начин и не би морале да бараат услуги на шверцери со луѓе и да патуваат илегално преку Средоземното море.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми