1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ се спрема за економска војна?

Матијас фон Хајн
7 ноември 2020

САД неодамна ги заострија санкциите против „Северен тек 2”. Но, и други држави економијата ја користат како оружје. Конфликтот на големите сили САД и Кина ја поттикнува потрагата по противмерки.

Symbolbild EU-USA
Фотографија: picture-alliance/Ulrich Baumgarten

Не, Франц Крахт не би патувал во моментов во САД. Тоа нема врска со пандемијата на коронавирус, туку со заканите за санкции од САД против изградбата на гасоводот „Северен тек 2”. Градоначалникот на Засниц, град на североистокот на Германија, за ДВ вели дека Министерството за надворешни работи во Берлин го советувало така, иако малото гратче на Источно Море е збратимено со град во САД. 

На 20 октомври Вашингтон повторно ги заостри мерките. Според објава на Министерството за надворешни работи од Вашингтон, мора да смета на казна секој кој со ставање на располагање материјали или простор придонесува за опремување или на бродовите неопходни за поставувањето на гасоводот, или пак тоа го финансира. 

Заканувачки, тоа звучи вака: „Министерството за надворешни работи и Министерството за финансии се подготвени да го користат сиот спектар на санкции за да ја сопрат изградбата на гасоводот”.

Заострување на идејата за уцена"

Градоначалникот Крахт е вознемирен. „Новите регулативи од американското министерство од моја гледна точка уште повеќе ја заоструваат пораката за уцена”. Загрижено 53-годишниот политичар додава дека: „Се чувствуваме адресирани и погодени. И сериозно сме загрижени дека може да ни бидат наметнати санкции.”

Засниц има едвај 10 илјади жители. И сепак пристаништето на Источно Море стана играчка на светски политички интереси поради тоа што Засниц и пристаништето Мукран се логистичка точка за изградба на гасоводот „Северен тек 2”. Тука се складирани челичните цевки обвиткани во бетон кои се потребни за довршување на преостанатите околу 150 километри што треба да се постават на дното на Источно Море за да може уште повеќе руски гас да тече до потрошувачите во Германија и Европа. Таму се бродовите за руските работници. Пред сѐ таму е укотвен и рускиот брод „Академик Черскиј”, а во гратчето беше и опремен за неговата работа во Источно Море. Тој брод е последна надеж за гасоводот. Поради заканите за санкции, швајцарската компанија за бродови „" практично преку ноќ минатиот декември ги повлече своите специјални бродови и од тогаш работата е во мирување.

Спречување на гасоводот со сите средства

Засниц прв пат во август минатата година се стекна со тажен публицитет поради едно писмо од далечниот Вашингтон. Во него тројцата сенатори Тед Круз, Том Корен и Рон Џонсон се закануваат со економско уништување ако гратчето и натаму работи на изведбата на гасоводот. Писмото маркира нов степен на ескалација во спорот за „Северен тек 2”. Германија станувала зависна од рускиот гас, аргументираат Американците одамна. Проектот за гасоводот ја загрозувал националната безбедност на САД. Парадоксално законот за санкции се вика „Закон за заштита на европската енергетска сигурност”. Јасно е дека САД сакаат по секоја цена да го спречат гасоводот. 

Повеќе:

Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?

Северен тек 2: Што носат новите американски санкции?

Северен тек: Кој се сака, тој се тепа за моќ

Кина против САД: војна за економска превласт

Владата во Берлин и натаму стои зад “Северен тек 2”. Невообичаено јасно министерот за надворешни работи Хајко Мас објасни кон крајот на октомври за Редакциската мрежа Германија: „За нашата енергетска политика и енергетско снабдување одлучуваме ние во Европа. И ние не критикуваме што САД минатата година повеќе од двојно го зголемија увозот на нафта од Русија и сега се втор најголем увозник на нафта од Русија во светот. САД си го користат правото на самостојна енергетска политика. И ние исто така.”

Министерството за економија: санкциите на САД се против меѓународното право

Министерството за економија екстратериторијалните санкции за ДВ ги оцени како „спротивни на меѓународното право”. И од опозицијата има поддршка за тоа. Пратеничката од Левицата, Севим Дагделен, во спорот за „Северен тек 2” гледа економска војна за пазари за пласирање. „Американската администрација со своите санкции против ‘Северен тек 2’ извршува агресивно лобирање за американската фракинг индустрија и притоа се однесува како мафијата”, пиша Севим на прашање на ДВ.

Политичарот од редовите на Зелените, Јирген Тритин, дури бара и отворање истрага против сенаторот Тед Круз. Во документарец на НДР Тритин вели: „Тед Круз, најдобро платениот сенатор од нафтената индустрија, во писмото му се заканува со уништување на едно пристаниште во Германија. Тоа е закана со значително зло, односно во кривичниот законик тоа е уцена.” За Тритин е прифатлива забрана за влез во ЕУ за Круз, па дури и конфискација на евентуални банкарски сметки.

Спорен проектФотографија: Odd Andersen/AFP

Европа ги заострува инструментите

Барањата на Тритин погаѓаат во нерв. Тоа се покажа со објавените предлози на тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи, ЕЦФР кон крајот на октомври под наслов „Одбрана на европскиот економски сувренитет“. Дел од единаесетте предложени инструменти се персонални санкции како ограничување за патување и замрзнување на средства и имот.

Главен автор на документот на ЕЦФР е Џонатан Хакенброх. Во интервју за ДВ, експертот за надворешна трговија, објаснува дека пред се централната улога на американскиот долар во светската економија е она што ги прави американските санкции толку моќни. Поради тоа Хакенброх на прво место се залага за засилување на еврото. Тоа мора да биде унапредено на технолошки највисоко ниво со дигитална валута. Во оваа смисла Европа каска зад Кина.

Извозна банка: „Премногу голема за да биде санкционирана“

На второ место според Хакенброх е основање на европска Извозна банка. Целта е да се одржат отворени каналите кон трети земји, кои се под санкции од големите сили. Оваа банка треба да се основа преку државен договор на претседателите на држави и влади, а во неа да бидат ангажирани највисоки функцинери. Хакенброх ја објаснува идејата зад ова: „Може ли да се креира нешто политички толку големо и важно за Европа, што на Американците би им било се потешко да го санкционираат?“

Важен елемент би било и создавање на европско тело кое целно ќе се занимава со економските санкции, исто така предводено од нов специјален претставник на ЕУ за економски санкции.

Меѓу два фронта

Сепак пред се, експертот за надворешна трговија на ЕЦФР бара Европа да се соочи со новата реалност: геополитичките ривалства и борбата за надмоќ се повеќе се водат со економски средства. Не се само САД тие што својот пазар и валута го користат како оружје, појаснува Хакенброх. „Во екот на првиот бран корона, Кина во април во најмала рака индиректно и се закани на Холандија дека ќе и го прекине пристапот до медицински материјали бидејќи Ден Хаг размислува за промена на името на своето претставништво во Тајван".

Колку и американските санкции да ѝ наштетија на легитимната трговија со Иран или ги торпедираа економските контакти со Русија, најголема грижа за политиката и економијата е опасноста од приклештување меѓу два фронта во ескалирачката борба за надмоќ меѓу САД и Кина.

Инпут за дебата

Предлозите на ЕЦФР беа развиени и на предлог на германското Министерство за надворешни работи. Портпаролот Кристофер Бургер кон крајот на октомври изјави дека Германија и Франција заедно со останатите европски партнери „напреднаа со формирањето на работна група која ќе се занимава со прашањето како може да се зајакне отпорноста на Европа против надворешен економски притисок и санкции.“

Во оваа работна група под закрила на ЕЦФР се вклучени врвни германски и француски претставници, парламентарци и експерти од економските здруженија. На портпаролот на Министертсвото за надворешни му беше важно предлозите на ЕЦФР „да се сфатат како придонес во претстојните дебати на германско и европско ниво.“

За „Северен тек 2“ развојот на европски одбрамбени инструменти веќе нема да игра никаква улога. Во секој случај во Засниц, Франц Крахт веќе ја насетува силата на американските закани: „Овие закани со санкции играат улога кога станува збор за започнување деловни активности поврзани со идни проекти,“ ја опишува градоначалникот неизвесноста.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми