1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ со нови санкции против Русија

Бернд Ригерт
13 октомври 2020

Министрите за надворешни работи на ЕУ договорија санкции против Русија поради труењето на опозиционерот Навални во Русија. Но, дијалогот со Кремљ за други кризни жаришта продолжува.

Symbolbild Russland EU
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Германско-француската иницијатива имаше успех. Министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург договорија подготовка на санкции против соработници на руските тајни служби кои се поврзани со труењето на опозиционерот Алексеј Навални.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и неговиот француски колега Жан-Ив Ле Дриан извршија притисок за казнување на руските актери поради употреба на забрането хемиско оружје. Навални беше затруен со руски боен отров од типот новичок на средината од август.

Шефот на германската дипломатија Мас изрази задоволство поради заклучокот на министрите за надворешни работи на ЕУ. „Мислам дека е исклучително важно при толку тешко злосторство, како прекршување на договорот за хемиско оружје, ЕУ да покаже единственост и таа тоа денеска до направи.“

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, не сакаше да наведе детали за тоа кои лица ќе бидат погодени од санкциите.

Истовремено, ЕУ-министрите ги продолжија санкциите против руските функционери кои се во сила поради нападот врз двојниот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во март 2018 година. Руското раководство постојано негира каква било поврзаност со нападите врз Навални и Скрипал.

Шефовите на дипломатии на Германија и Франција, Мас и Ле Дриан, се согласни дека злосторството против Навални треба да се казни

Соработка со Русија

Германските ЕУ-дипломати се надеваат дека со најновиот заклучок ќе попушти и притисокот врз германската влада за стопирање на германско-рускиот гасоводен проект Северен тек 2. Алексеј Навални бараше тоа да биде дел од санкциите против Русија.

Германската влада, меѓутоа, се држи до ставот дека овој економски проект нема ништо со труењето на опозиционерот. Европскиот парламент, некои земји членки на ЕУ, као Полска, како и САД, долго пред случајот Навални бараа запирање на Северен тек 2.

Борел изјави дека „не може целиот светоглед да се редуцира на овој несреќен настан со Алексеј Навални“. ЕУ ќе мора и натаму да соработува со Русија, затоа што Москва игра важна улога во многу конфликти, смета Високиот претставаник на ЕУ. Најнов пример е конфликтот помеѓу Ерменија и Азарбејџан околу Нагорно Карабах. Се разбира дека претседателите на Франција и Русија, Макрон и Путин, ќе мора да продолжат да разговараат во т.н. „Минск-група“ со цел да се најде мирно решение за Нагорно Карабах, вели Борел.

Жозеп Борел, Висок претставник на ЕУ за надворешна политикаФотографија: Olivier Hoslet/picture-alliance/AP Images

Лукашенко треба да се казни

Поинаку изгледа ситуацијата во судирот со белорускиот властодржец Александер Лукашенко. Во тој случај ЕУ е подготвена на комплетен рез.

Раководството во Белорусија, рече Борел, не покажа ни најмал знак дека сака да почне дијалог со опозицијата. Напротив, и натаму ги задушува мирните демонстрации, рече германскиот министер Мас. Затоа, ЕУ сега „даде зелено светло за нов пакет санкции. Овојпат погоден е и Лукашенко“, најави Борел. ЕУ бара национален дијалог со посредство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, додаде Борел, потенцирајќи дека санкциите нема да бидат насочени против народот на Белорусија. Во иднина помошта нема да ја добиваат владини институции, туку ќе одат директно на хуманитарни организации и цивилното општество. Додека новиот пакет санкции стапи во сила, ќе поминат уште неколку недели, поради тоа што се потребни уште некои формални заклучоци.

Ефективноста на вакви санкции против одделни лица од раководството во Белорусија е спорна. Тие немаат непосреден економски ефект, но ќе значат стигма за луѓето кои ќе се појават на „црната листа“, смета експертката за санкции Клара Портела. Таа работи во „ЕУ-институтот за безбедносни студии“ во Париз.

Белорусија: 10 дена во притвор за една песна

01:30

This browser does not support the video element.

„Станува збор за политичкиот ефект од овие санкции. Тоа е суштината на нивниот ефект.“ Според Портела, има многу причини за ставање на Лукашенко на црната листа, но со тоа ќе се загуби и можноста за натамошно вршење притисок. „Се’ додека тој не се наоѓа на листата, може да му се упатуваат закани дека наскоро ќе се најде на неа. Така има можности за ескалација. Заканите понекогаш се поефикасни од самите санкции.“

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми