1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ цврсто застана зад Грција во справувањето со мигрантите

БГ/ ДПА
4 март 2020

Водечките функционери на ЕУ ја поддржаа Грција во нејзините обиди со сите средства да го спречи влезот на мигрантите кои доаѓаат од Турција, откако Анкара ги отвори границите.

Türkisch-griechische Grenze - Ursula Von der Leyen
Фотографија: picture-aliance/dpa/AP/Greek Prime Minister's Office/D. Papamitsos

Илјадници луѓе се обидоа да ја преминат границата меѓу Турција и Грција последниве денови. Атина одговори со употреба на солзавец и шок-бомби, како и со апсење на оние кои успеале илегално да преминат. Запрена е и постапката за поднесување барања за азил.
Во дополнителен сигнал на поддршка, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ- како актуелен претседавач со ЕУ- застанаа рамо до рамо со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Грција е штитот на Европа, рече Фон дер Лајен.
„Оние кои го тестираат единството на Европа ќе бидат разочарани“, порача таа. Мишел ја пофали работата на грчките безбедносни сили, додавајќи дека е тоа „клучно“ за иднината на ЕУ.
Грчките безбедносни сили спречија повеќе од 24 илјади илегални обиди за влез од Турција последниве денови, тврди Мицотакис.
Многумина во Европа се загрижени од повторување на бегалскиот бран од 2015-2016 година, кој ги засили популистичките движења и го зголеми анти-ЕУ расположението.
„Ниту еден друг феномен немал толкаво влијание врз политичката слика на Европа“, рече Пленковиќ, повикувајќи ја ЕУ да застане зад Грција.

Но пристапот на Атина донесе и бројни критики. Таквото однесување е „срамно“, оцени Имоген Садбери од Меѓународниот спасувачки комитет.
„Со насилното оневозможување на луѓето да бараат азил, ЕУ ги прекршува човековите права на својата надворешна граница. Светот гледа“, изјави Мари Де Зомер од тинк-тенкот Европски центар за политики.
Досегашниот неуспех на членките на ЕУ да одговорат на проблемот со миграциите, ги остави пограничните држави како Грција сами да се справуваат со ситуацијата. Дури и пред Турција да ги отвори границите, условите во преполните прифатни центри на грчките острови беа очајни.

Мигранти во обид да ја преминат реката Еврос на грчко-турската граница.Фотографија: picture-alliance/AA/O. Coban

Граничната агенција на ЕУ, Фронтекс сега се подготвува да распореди шест патролни брода, два хеликоптери, еден авион и дополнителни 100 граничари во Грција. Фон дер Лајен и вети на Атина и помош која може да достигне до 700 милиони евра.
Бројни се обвинувањата на сметка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека го инструментализира проблемот за да добие европска поддршка за операциите на Анкара во Сирија и поголема помош за речиси 4 милиони сириски бегалци во неговата земја.
„Ова веќе не е бегалски проблем. Ова е бесрамен обид на Турција да ги искористи очајните луѓе за да промовира геополитичка агенда и да го сврти вниманието од ужасната состојба во Сирија“, изјави Мицотакис.
„Европа нема да биде уценета од Турција поради бегалците“, рече тој.

Анкара тврди дека ЕУ не го исполнила својот дел од договорот за запирање на бегалскиот бран. ЕУ, пак, инсистира дека исполнила се што е ветено, и бара од Анкара да го стори истото. Во вторникот (03.03.2020) во Анкара пристигна шефот на ЕУ дипломатијата Жозеп Борел во обид да ја смири состојбата. Можно е Борел да понуди дополнителни средства за санирање на кризата со бегалците во Турција.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми