ЕУ ја заострува политиката кон Израел
19 јули 2013Израелските медиуми пишуваат дека ЕУ ја бојкотира нивната земја. Политичарите велат дека Брисел се заканува со „стап“, откако ги потроши „морковите“. Премиерот Бенјамин Нетанјаху тврди дека тоа е обид да се утврдат границите на неговата земја со економски притисок, наместо со преговори.
Но, што точно бара Европската комисија? Почнувајќи од 2014, за секој нов проект во Израел кој ќе го спонзорира ЕУ, ќе мора да постои потпишан документ во кој ќе се вети дека парите нема да бидат вложени во проекти во Западниот брег, источен Ерусалим или на Голанската висорамнина. Израелските организации кои ќе конкурираат воопшто не смеат да имаат свои експозитури во овие области.
Границите од пред 1967.
ЕУ на овој начин се обидува да стави до знаење дека за Брисел, границите на Израел се оние од пред шестдневната војна од 1967 година, и дека населбите надвор од овие граници не се во согласност со меѓународното право. Декларација на Комисијата се очекува да биде објавена денеска и потоа ќе стане официјален документ.
Новите правила ќе се однесуваат само на идните договори, односно тие ќе немаат ретроактивно важење.
Германската политичарка во ЕУ, Александра Теин, вели дека одлуката не оди доволно длабоко.
„Јас лично би сакала декларацијата да ги опфаќа и постојните договори, но од правен аспект тоа е тешко изводливо“, вели таа. Шефицата на европската надворешна политика Кетрин Ештон не сака да и придава големо значење на новата политика. Пристапот не е нов, туку со него само се расчистуваат некои нешта. Со години е веќе јасно дека ЕУ ќе оди во тој правец, објаснува Теин.
За да добијат пристап до фондовите, многу израелски фирми сега ќе треба да поднесат нови барања, а многу од нив тоа нема да го сторат, затоа што таквиот чекор може да се протолкува и како прифаќање на позицијата на ЕУ, смета историчарот Тамар Амар- Дал. „За актуелната влада нема место за дебата дали новите населби се дел од Израел“.
„Произведено во Израел“
И покрај вревата која се крена, политичкиот аналитичар Јохен Хиплер вели дека не очекува некоја подраматична промена на политиката на ЕУ кон Блискиот исток. „Се' се одвива со бавно темпо. Сега е преземен само уште еден мал чекор“.
Натамошни чекори на ЕУ насочени против израелските доселенички населби на палестинските територии не се очекуваат. Со години се води дебата дали продуктите од Западниот брег или Голанската висорамнина треба да бидат посебно означени. Тие засега се етикетираат со „Произведено во Израел“, без разлика дали се работи за козметика, вино или маслинки. Продуктите ги произведуваат израелски компании на окупираните територии. ЕУ размислува дали е ова нарушување на потрошувачкото право, според кое, земјата на производство мора да биде наведена на етикетата. Но засега, останува нејасно дали и кога ЕУ ќе се справи со овој проблем.