Нашата ЕУ е во егзистенцијална криза, рече претседателот на Европската Комисија. Наместо голем политички пресврт, тој понуди ситни проекти со практичен бенефит: калкулирано повлекување, смета Барбара Везел.
Реклама
Жан-Клод Јункер никогаш не бил толку опуштен и без емоции. Го прочита својот говор за состојбата на ЕУ како да цитираше бројки од берзанска размена. Немаше ниту трага од страствениот Европеец од минатото. Претседателот на ЕК го напушти ентузијазмот за единство и солидарност, повлекувајќи се политички и реторички.
„Доколку имаш визии, оди на лекар“, рече еднаш поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит. Оценката на Јункер се чини беше инспирирана од оваа изјава на Шмит. Не беа трошени зборови за натамошната интеграција на Европа, всушност, спротивното беше случај. Јункер ја потенцираше различноста на националните држави и оддаде впечаток како да сакаше да се конформира со слоганот на популистите. Но, досега никому не му помогнало прифаќањето на нивниот вкус. Љубовта за националниот фолклор нема да ѝ помогне на Европа да зачекори напред.
Единствената политичка иницијатива која ја предлагаат европските лидери е поврзана со безбедноста и одбраната: согласно дијагнозата дека европските граѓани се исплашени и несигурни. За два месеца, првите европски граничари ќе бидат испратени во Бугарија. Кога јавното мислење станува силно, работите брзо се менуваат во Европа. Истото важи и за системот за гранична контрола на ЕУ за луѓето кои влегуваат во Унијата како и набљудувањето на надворешните граници на ЕУ.
Конечно се расчистува патот и за еден стар германско-француски проект: Париз и Берлин можат да почнат да работа на одбранбена унија кон која може да се приклучи секој кој сака - и на крајот, од тоа би можела да произлезе и Европска армија. Целиот проект ќе му помогне, но нема да биде ривал, со НАТО. Граѓаните секако ќе ја поздрават заштедата во одбранбениот буџет. Гласањето за Брегзит и крајот на британското противење ќе го отвори патот кон одбранбена унија. Тоа е всушност и позитивниот ефект од Брегзит.
Брегзит нема да нѐ уништи
Брегзит нема да ја уништи ЕУ, вети Јункер. Изјавата е точна, затоа што Брегзит е само симптом за болеста на ЕУ, а не причината за неа. Многу други ЕУ членки имаат слични сомнежи и го отфрлаат единството на ЕУ. Кај многу членки демне заканата од разбудениот национализам, гранични огради и нови поделби во Европа. Доколку нешто може да ја уништи Унијата, тоа е будењето на духовите од минатото.
Десницата маршира низ Европа
Десничарските партии во опсег од демагошки движења кои мобилизираат луѓе врз основа на страв, до екстремни десничари, се во подем ширум Европа. Некои веќе владеат, a некои сонуваат за тоа.
Фотографија: picture alliance/dpa
Унгарија: Фидес и Јобик
Национално-конзервативната партија на премиерот Виктор Орбан - Фидес, има апсолутно мнозинство во парламентот. Од 2010. тоа мнозинство Орбан го користи за потчинување на институциите и медиумите, и покрај протестите од странство. Десно од него е големоунгарскиот, неофашистички Јобик, трета партија според популарноста во Унгарија.
Фотографија: Reuters/Laszlo Balogh
Полска: Право и правда
Национално-конзервативната партија на Јарослав Качински на изборите минатата есен освои апсолутно мнозинство. Потоа уследи донесување закони кои ја ограничуваат независноста на Уставниот суд и на јавниот медиумски сервис. Десно од нив е движењето Кукиз15, на поранешниот рок музичар Павел Кукиз, кое освои околу 9 отсто од гласовите на изборите и се залага за подигнање ѕид кон Украина.
Фотографија: Imago/Eastnews
Франција: Национален фронт
Жан-Мари Лепен ја основаше партијата уште во далечната 1972, но дури неговата ќерка Марин Лепен од неа направи најсилна политичка групација во Франција. Националниот фронт тврди дека Франција е загрозена од исламизација и се залага за заострување на казнената политика против криминалците од странско потекло.
Фотографија: Reuters/J.-P. Pelissier
Холандија: Партија на слободата
Партијата на Герт Вилдерс веќе 10 години е во холандскиот парламент. Актуелните анкети покажуваат дека неговата Партија на слободата би добила преку 30 отсто од гласовите. Вилдерс бара излегување на Холандија од ЕУ и користи жестока антиисламска реторика.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Австрија: Слободарска партија
Норберт Хофер е на пат да стане претседател на Австрија. Слободарската партија одамна е најсилната партија во Австрија, пред социјалдемократите и конзервативците. Многу Австријци со задоволство би го виделе партискиот шеф Ханс-Кристијан Штрахе како канцелар. Партијата е скептична кон ЕУ, ја подгрева атмосферата против странците и бегалците. Мото: Австрија пред сѐ!
Фотографија: Reuters/L. Foeger
Велика Британија: УКИП
Лани, партијата на Најџел Фараж освои 13 проценти од гласовите, но поради мнозинскиот систем доби само едно пратеничко место. Од основањето во 1993 година целта е излегување на Британија од ЕУ. Се заговара и поостра контрола на доселувањето и намалување на социјалните трошоци за мигрантите низ отфрлање на „мултикултурализмот“ и „политичката коректност“.
Фотографија: Reuters/V. Kessler
Италија: Северна Лига
Оваа десничарска партија во последните 30 години повеќе пати беше дел од владејачката коалиција, но по корупцискиот скандал во 2012 година одвај го мина цензусот. По избувнувањето на бегалската криза, партискиот лидер Матео Салвини поттикнува ксенофобија против странците, па партијата сега има поддршка од 14 проценти. Една од целите е и отцепување на богатиот север на Италија.
Фотографија: Reuters/Max Rossi
Грција: Златна зора
Екстремните десничари на минатите избори освоија 7 отсто од гласовите. До почетокот на финансиската криза во 2009 година беа целосно безначајна групација. Но, двојната криза со бегалскиот бран и големата невработеност им донесе раст на популарноста. Против речиси целиот партиски врв се водат судски постапки за основање на криминална организација.
Фотографија: Reuters
Шведска: Шведски демократи
Големиот бран бегалци во Шведска придонесе за раст на популарноста на оваа партија, која во моментов е на трето место, зад социјалдемократите и конзервативците. Според анкетите, партијата има поддршка од 17,7 отсто граѓани. Групата е национално ориентирана и критична кон ЕУ и САД. Се залага за „хомогено општество“ и против „мултикултурни експерименти“.
Фотографија: Reuters/J.Henriksson
Србија: Српска радикална партија
Војислав Шешељ уште од 1990-те се залага за Голема Србија на сметка на соседите и ја пропагира четничката идеологија. По ослободителната пресуда во Хаг, радикалите на Шешељ освоија 8 отсто од гласовите на изборите во Србија. Во партијата „Двери“ тие добија парламентарна конкуренција во крајната десница.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic
10 фотографии1 | 10
Жан-Клод Јункер верува дека е време ЕУ да ги намали амбициите. Владините лидери веројатно ќе го усвојат овој став на состанокот во Братислава в петок. „Историјата нема да нѐ памети нас, но ќе ги памети нашите грешки“, беше неговиот најдобар обид да пронајде мудри зборови. На ЕУ ѝ остануваат само неколку месеци да ја надмине својата депресија и потоа внимателно да го започне патувањето кон нови брегови.