1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ефект на германската пеперутка

Тони Поповски
27 ноември 2021

Колку што се иницијалните промени поголеми во политиката, пропорционално се видоизменуваат сите односи засновани на политички одлуки. Пишува Тони Поповски

Пеперутка Нектар
„Пеперутка може да мавта со крилјата над цвет во Кина и да предизвика ураган на Карибите“Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Многумина ќе се присетат на ликот кој го игра Роберт Редфорд во филмот „Хавана“ (снимен во 1990) кој вели: „Пеперутка може да мавта со крилјата над цвет во Кина и да предизвика ураган на Карибите“. Три години подоцна слична реплика „Пеперутката може да мавта со крилјата во Пекинг, а во Централ Парк, наместо сонце, паѓа дожд“, изрекува актерот Џеф Голдблум во филмот „Јура парк“. Сепак пеперутките задоцнето пристигнаа во Холивуд. Неколку години претходно беше снимен „Небото над Берлин“ од Вим Вендерс, дело на германскиот нов бран кое ги навести промените во Европа. 

„Ефектот на пеперутка" (Schmetterling-Effekt) иако е пошироко популаризан во раните 90-ти како години на драматични политички и социо-економски пресврти, меѓу кои и паѓањето на „Берлинскиот ѕид", е всушност уникатен опис во математичката „Теорија на хаосот" (образложена во раните 70-ти), во обид да се докаже дека мали промени во иницијалната состојба особено во нелинеарни системи може да предизвикаат подоцнежни големи промени и последици, позитивни или негативни. Иако метафората и поврзаниот математички пристап се прв пат употребени во доменот на метеорологијата како наука за времето и климата, таа е апликативна на политичкото време и клима. Колку се иницијалните промени поголеми во политиката, пропорционално се видоизменуваат сите односи засновани на политички одлуки. Тоа е така бидејќи политиката, особено во демократските системи е нелинеарен феномен.  

Schmetterling-Effekt на Балканот  

Новата „ГроКо (Große Koalition)" сочинета од Социјалдемократите, Зелените и Слободните демократи (Либералите) во Германија, аутобански наречена „Семафор“, се определи да го држи пропусен автопатот кон проширувањето на Унијата, или поконкретно, во постигнатиот коалициски договор го употреби зборот „мора“ по однос на отворање на првите поглавја од преговорите со Северна Македонија и Албанија, како нареден чекор. Оваа определба не може да ги остави рамнодушни сите оние на Западниот Балкан, кои посакуваат и несебично се залагаат за негова интеграција во Европската Унија. Нема да ги остави „рамнодушни“ и оние кои прават ГроКо во Софија, во моментов. Пораката доаѓа како охрабрување во еден критичен момент, на колективно разочарување и недоверба во било каква европска иднина на овој најблизок регион до Унијата. 

Новата коалиција сочинета од Социјалдемократите, Зелените и Либералите во Германија е наречена „Семафор“Фотографија: Christian Ohde/Chromorange/picture alliance

Бидејќи, Министерството за надворешни работи ќе биде раководено од Зелените, може да очекуваме уште поголем, поконкретен, и поделикатен притисок од новата германска Влада, врз сите европски и неевропски центри кои се резервирани или директно го попречуваат процесот на проширување. Реторички притисок врз овие центри, многу отворено и гласно правеа и министрите социјалдемократи во претходната Влада на Германија, Рот и Мас, но очигледно политиката на трпеливо балансирање на канцеларката Меркел, покрај неспорните резултати на многу други полиња, повеќе ги охрабри отколку што ги предомисли тврдоглавите балкански нео-опортунисти (за домашни потреби) и попречувачи на „заедничката“ политика за проширување на Унијата. Впрочем, Зелените (покрај  Либералите) се најжестоките докажани „воини" за демократски вредности и човекови права и слободи, во Европскиот Парламент. За искуството со нив, може да посведочат неколкумина бугарски пратеници. 

Schmetterling-Effekt во Европската Унија 

Германска Влада на политичкиот центар кон лево е шок не само во Германија (после 16 години) туку и во Унијата. Особено бриселскиот „меур" кој е навикнат на кризниот менаџмент на канцеларката Меркел, е со очекувања дека канцеларот Шолц ќе испорача барем идентично ако не и поголемо ниво на стабилност и просперитет, преку поголема решителност. Впрочем, улогата на министер за финансии во претходната германска Влада, Шолц ја одигра безмалку перфектно, иако технократски до степен да многумина сега посакуваат помалку да наликува на политички „робот“ а повеќе на човек со слабости. Со мала дигресија, ние чекавме но не дочекавме „комуналец со метла“, а нема лошо да ни дојде еден политички „робот“, бидејќи човечки слабости се имаме изнагледано. 

Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

Една од критичните дебати во Унијата се води околу потребата од посилна фискална интеграција во Еврозоната, но мотивот во позадина е заложбата за поправедна распределба на придобивките, особено од страна на францускиот претседател Макрон. Пикантерија во оваа дебата е и тезата дека Германија многу повеќе финансиски и економски профитирала од претходните рунди на проширување, во споредба со Франција. Имајќи предвид дека новиот министер за финансии е Либерал, со залагање за посилен национален финансиски суверенитет но и дисциплина дома и кај другите, оваа определба може да предизвика потреба од пеглање на ставови во франко -германските односи, како политички и финансиски рбет на Унијата. Од друга страна, извесна е продуктивна соработка по однос на „Стратешкиот компас“, чиј архитект е Жосеп Борел, социјалист во душа и по убедување. Овој проект е синхронизиран со Емануел Макрон и за очекување е дека германски канцелар од социјал - демократска провиниенција продуктивно би се надградил.  

Глобален Schmetterling-Effekt 

Новата германска коалиција ќе треба да се занимава со граничните конфликти во Белорусија и Украина, секако со неспоменатата Русија во позадина на истите. Индикатор за порешителна консолидација на позицијата на Германија кон Русија е од неодамна блокираната сертификација на рускиот гасовод „Северен тек“, и покрај тоа што гасоводот е целосно оперативен веќе една година. Сепак, ова специфично прашање поради разлики во ставови е изоставено од коалицискиот договор. Наредна деликатна и актуелна тема е поврзана со нуклеарните капацитети на НАТО во Германија и евентуално нивно дислоцирање во други делови од Европа, вклучувајќи ја и Источна Европа, и покрај посветеноста на новата Влада кон постоечкиот аранжман. На сето ова се надоврзува и неизвесната стратегија на Германија по однос на Кина, која е сѐ повеќе оптоварена со контекстот на (не)остварување на човековите права кај вторите, но засега артикулирана како дуална стратегија, на непотценување на можностите кои ги дава кинескиот пазар и релативно доброто позиционирање на германските оператори, но и јасната определба на новата Влада да се јакне индустрискиот сектор во Германија каде мотиватор, пред сето останато, е технолошкиот натпревар со Кина. 

Не треба да се заборават и домашните теми како пандемијата (определбата за задолжителна вакцинација) и постпандемиската „зелена“ обнова. Потоа,  миграциите, каде новата коалиција планира да воведе стандард на прифаќање на „квалификувани“ мигранти. Политичка цена во барем три германски региони, ќе има прекинот на употребата на јагленот како енергенс (учествува со 8% во моментов).  Проширувањето на производството на енергија од обновливи ресурси до 80% и тоа до крајот на 2030 година е амбициозна цел, особено во услови на затворени нуклеарни централи, за разлика од Франција каде над 70% од енергијата е нуклеарна. На сето ова се надоврзува и мораториумот на Либералите врз покачување на фискалните давачки, но ако нема апфелштрудел, мора да има леб, па оттаму и одлуката да се легализира рекреативната употреба на канабисот со проекција на дополнителен годишен приход од над 2,5 милијарди евра.

Имајќи ги предвид сите овие ветришта кои можат да занишаат и висококатници, ние ќе продолжиме да се надеваме дека „германската пеперутка" ќе им одолее и дека барем неколку пати ќе замавне во наша полза, бидејќи ако е во наша полза е од полза и за сите наши соседи и регионот како целина. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми