ЕХЕК се крие во никулците?
6 јуни 2011
Досега се испитани 23 од вкупно четириесетте проби од никулци, кои биле негативни на бактеријата ЕХЕК. Министерството за земјоделство во Хамбург нагласува дека испитувањата се` уште не се завршени, што значи дека постојат шанси инфекцијата да биде идентификувана кај некоја од преостанатите проби. Властите додаваат дека откривањето на изворот на бактеријата дополнитело го отежнува фактот што од нејзиното појавување поминаа веќе неколку недели.
Вчера експертите изјавија дека трагите водат до плантажа во областа Елцен, во Долна Саксонија. Се претпоставува дека опасната бактерија дошла преку никулци од повеќе растенија, кои директно или преку препродавачи, стигнале до ресторани во Хамбург, Шлезвиг-Холштајн, Мекленбург Предна Померанија, Хесен и Долна Саксонија. Сомневањата ги потврди и германскиот министер за здравство Даниел Бар:
„Како што соопшти министерството за земјоделство на Долна Саксонија, постојат јасни сигнали дека изворот на заразата е најверојатно претпријатие за зеленчук од Елцен. Меѓутоа, мора да се сочекаат лабораториските резултати, за да можеме да бидеме сосема сигурни.“
Властите не се сигурни дали фирмата од Елцен е единствениот извор на инфекцијата ЕХЕК, но таа е затворена и сите пратки се отповикани. Според првичните сознанија, бактеријата наводно дошла преку водата во барабанот, во кој `ртеле никулците. Но, не се исклучува ниту можноста фирми од странство, исто така да извезувале заразен зеленчук.
Критика за кризниот менаџмент
Инфекцијата со ЕХЕК, која се манифестира со тежок пролив, а во најтешките случаи и со откажување на бубрезите, стана политичка тема број еден во Германија. Партијата на Зелените, чиј рејтинг во последно време значително се зголеми, упати остра критика кон владата на Ангела Меркел, обвинувајќи ја дека дејствува мошне бавно и некоординирано.
За причинител на епидемијата Германија најпрво ги посочи шпанските краставици, кои во меѓувреме Европската унија ги „рехабилитираше.“ Досега во Германија има 21 жртва, а заразени со ЕХЕК се над 1.500 лица.
Автор: ТТ/ЖА/дв/ројтерс/дпа/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска