Ештон бара што поскоро решение за името
23 јули 2013Укажувањето дека спорот за името треба да се реши што поскоро Ештон го искажала на средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, која се одржала денеска во Брисел.
Попоски ја информирал Ештон за напорите кои Македонија ги прави за надминувањето на разликите со Грција, како и тоа дека е неопходно на земјата да и’ се овозможи напредок во европскиот пат, базиран врз нејзините постигнувањата.
„Ако не ја засилиме посветеноста и подигнеме нивото, повторувањето на истиот пристап нема да му помогне на амбасадорот Нимиц да ја надмине разликата. Но, за тоа да се случи, потребна е согласност и посветеност во Атина. Тоа имаме право да го очекуваме со оглед на долготрајните опструкции во евро-атланските интеграции“, нагласил министерот.
Попоски во Брисел, заедно со шефот на литванската дипломатија Линас Линкевичиус, претседава со десетиот состанок со Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Македонија, а на истиот присуствува и еврокомесарот за проширување Штефан Филе.