1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жариштата на организираниот криминал во Македонија

БГ
21 мај 2019

Глобалната иницијатива против организираниот криминал го објави извештајот во кој се анализираат тековите и жариштата на организираниот криминал на Балканот. Кои градови се во фокусот во Македонија?

Mazedonsiches Gericht verurteilt 33 Albaner wegen Terrorismus
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Извештајот кој  беше презентиран во Виена не открива драматични новини, барем што се однесува до Северна Македонија, но дава јасен увид во критичните точки кои му го даваат пулсот на организираниот криминал.

Балканот отсекогаш важел за транзитен регион за илегални активности, а Македонија во тој географски регион зазема, речиси, централно место.

Жариштата или „хотспотс“ како што ги наведува извештајот се места каде се врши „бизнисот“, а можат да бидат пристаништа, аеродроми, гранични премини или цели погранични региони.

Во делот на пристаништата, приматот апсолутно им припаѓа на Бар и Котор во Црна Гора и Драч во Албанија.

„Бизнис“ во три наутро

Во делот на граничните премини на македонска територија се издвојуваат два: Богородица на границата кон Грција и Јажинце, во близина на Тетово кон Косово.

Извештајот го одбележува преминот Богородица како „транзитна точка за трговија со дрога: особено за хероин кој доаѓа во регионот; како и за канабис кој се шверцува од Албанија кон Грција и Турција.“

Преминот Јажинце, „се смета за хотспот за трговија со различни стоки“.

„Вработените на граничниот премин се под сомнеж дека се под контрола на локални партиски функционери. Тоа е на линија со добро етаблираната практика на премолчено давање на контролата врз граничниот премин на политички сојузник во замена за поддршка на владејачката партија.“

Поранешен полициски офицер, чие име не се наведува во извештајот, објаснува како се одвива илегалната трговија преку Јажинце:

Анонимен македонски полицаец во извештајот објаснува како тече илегалната трговија преку преминот ЈажинцеФотографија: P. Stojanovski

„По полноќ, околу 3 часот наутро, полицијата и цариниците често добиваат наредба од нивните шефови да ги исклучат сите камери и да замижат едно половина час. За тоа, се разбира, добиваат адекватна награда. Камионот кој поминува во тој период ѝ припаѓа на криминална група која го дели профитот со високи функционери на владејачката албанска партија“. Недалеку од официјалниот граничен премин се наоѓа и илегална рута која криминалните групи ја користат за шверц со камиони, трактори и коњи; се наведува во извештајот. За одбележување е дека интервјуто со поранешниот полицаец било водено во ноември 2018 година.

Криминал со политичка заштита

Во делот на градовите како жаришта на организираниот криминал, во Северна Македонија се издвојуваат Скопје, Велес, Штип и Кочани.

Според извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, „главните криминални групи во Скопје се контролирани од етнички Албанци. Најчестите форми на организиран криминал се трговија со дрога, кражба на возила, шверцување мигранти, како и легални бизниси кои овозможуваат транспорт за шверцот, како и можност за перење пари“.

„Трите главни криминални групи кои оперираат во регионот: од селата Арачиново, Кондово и Грчец, уживаат политичка заштита“, заклучува организацијата во извештајот.

Велес, пак, се смета за една од главните крстосници на трговијата со дрога на Балканот. Според наодите на извештајот, во градот се врши размената на хероин за канабис меѓу криминални групи од Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Грција. Имено, токму тука се пресекуваат патиштата на хероинот кој преку Македонија транзитира кон западна Европа, и канабисот од Албанија кој се транспортира кон Грција и Турција.

„Интересно, официјалниот број на запленета дрога е многу низок, како што е ниска и стапката на криминал. Тоа сугерира степен на дослух или бенигно занемарување од страна на полицијата и политичарите“, заклучува извештајот. Не случајно, се наведува понатаму, во Велес се роди т. н. Франкфуртска мафија - еден од најголемите шверцерски прстени во Германија, и трговија со хероин во Виена.

„Во своето „златно време“, неколку стотици млади луѓе од Велес (најчесто со бугарски пасоши) продаваа дрога на улиците во Австрија и Германија. Дел од профитот од овие илегални активности најверојатно беа 'испрани' во велешките дискотеки, кафулиња, ресторани, како и во туризмот, хотелиерството и обложувалници.“

Штип, како трет на листата на жешки точки, има директна поврзаност со Велес, а притоа е сместен на главната хероинска рута.

„Штип е сместен на коридор на поли-криминална активност, во најголем дел контролирана од етнички Македонци. Илегалната активност вклучува трговија со дрога, шверц на цигари, како и рекет и изнуда преку приватни компании за обезбедување“.

Селата Лојане (на фотографијата) и Ваксинце важат за главни точки во шверцот со мигрантиФотографија: DW/N. Rujević

И Кочани ја дели судбината на Штип во однос на местоположбата, и од него најчесто се шверцуваат цигари и канабис.

„Се верува дека групи од Кочани имаат блиски врски со криминални групи од Бугарија. Се смета дека пред неколку години, криминалните групи таму оперираа толку слободно што криминалните 'босови' формираа 'агенции за обезбедување' кои им наметнаа 'данок' на сите продавници во градот кој изнесуваше меѓу 30 и 50 евра месечно. На оние кои одбиваа да платат им беа запалени возилата, а продавниците демолирани. Заканата од нив беше намалена по акцијата Детонатор на македонската полиција во 2012 година.“

Криминален триаголник

Што се однесува во регионалната прекугранична поврзаност на криминалот, во тој дел се издвојува тромеѓето меѓу Северна Македонија, Косово и Србија кој е претежно населен со етнички Албанци. Најголеми градови во регионот се Куманово и Тетово. Тромеѓето беше клучна точка за трговијата со нафта кон Србија и Црна Гора во времето на ембаргото на почетокот на 1990-те години. Денес, шверцот се состои од стока, храна, злато, цигари и дрога. Трговијата со дрога во најголем дел го опфаќа албанскиот канабис кој потоа преку Прешевската долина се шири на север или југ, хероин кој доаѓа од Турција и Бугарија, како и кокаин од Србија. Според некои проценки, во регионот се произведува и препакува и хероин, кој потоа оди директно за Швајцарија. Постојат сомнежи дека во регионот на Тетово се произведуваат и синтетички дроги, откако во 2017 година беше откриена илегална лабораторија и беа запленети 300 килограми амфетамински пилули. Од 2014 година, овој регион, а особено селата Ваксинце и Лојане, се и средишна точка на трговијата со мигранти.

Извештајот заклучува дека илегалните текови преку пристаништата, градовите и граничните премини во Западниот Балкан „се овозможени од политичката економија на криминал која е длабоко вкоренета во повеќето земји во регионот.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми