1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желба за припојување кон Косово?

8 август 2009

Албанците од југот на Србија, пред неколку дена најавија иницијатива за формирање регион на Прешевска долина. Аналитичарите велат дека зад тоа се крие желбата на тамошните Албанци за припојување кон Косово.

Фотографија: AP

Претседателот на општина Прешево, Рагми Мустафа оценува дека албанската заедница преку регионализација полесно ќе ги решава социјалните и економските проблеми во Србија, но и дека полесно ќе дојде до интеграција со Косово - под определени околности:

„Во моментот кога би се одвоил дел на Косово, тогаш и ние би барале да бидеме составен дел од Косово“, вели Мустафа.

Српските политичари во регионот огорчени

Неговиот колега од Бујановац, Шаип Камбери, потсетува дека барањата на Албанците за некаков вид автономија не се нови.

„Во политичката платформа од 2006 година, поради специфичноста на овој регион, јасно бараме регионализацијата која е евроатлантски процес, да овозможи искористување на ваквите специфичности, односно надградба на човековите и малцинските права на Албанците во овој регион“, наведува Камбери.

Претставниците на српските политички партии во Прешево се огорчени од ваквиот потег на албанските партии.

Белград мора да преземе нешто, повикуваат српските политичари од јужна СрбијаФотографија: DW

„Желбата на Албанците во Прешево е да се спојат со Косово“, уверен е пратеникот на Демократската партија, Предраг Петровиќ.

Претседателот на Српското движење за обнова, Стојадин Ивановиќ вели:

„Тоа е лошо за државата и таа тоа не би смеела да го дозволи.“

Контрабаланс за српско северно Косово?

Душан Јањиќ, претседател на Форумот за етнички односи од Белград, смета дека етнички регион би можел да има основа за приклучување кон Косово и дека најновото барање за регион е контрабаланс на приказните за поделба на Косово:

„Мислам дека Албанците од југот на Србија со ова барање се обидуваат, евентуално, да му парираат на српското барање за регион Северно Косово и да им помогнат на косовските власти.“

Во Прешево, Бујановац и Медвеѓе живеат нешто повеќе од 88.000 жители, а Јањиќ вели дека според европските стандарди еден регион мора да има околу еден милион луѓе. Ниту еден регион досега не е формиран според етнички принцип, нагласува тој и ако до тоа дојде, југот на Србија би бил преседан.

Автор: Милица Ивановиќ/ Елизабета Милошевска Фидановска

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми