1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Железната завеса на екологијата

18 јануари 2020

Еколошките протести би можеле да кријат многу поголем гнев кон приватизацијата на јавните ресурси, квази феудалното владеење, недостатокот на перспективи... Доколку е тоа случај, пред нас е можеби некој нов Чернобил.

Bulgarien l Proteste in Pernik
Фотографија: BGNES

Поговорката велеше: Комунизмот има 5 непријатели- капитализмот и четирите годишни времиња. Се чини дека историјата се повторува, затоа што најголемиот предизвик за 10-годишното владеење на Бојко Борисов повторно доаѓа од природата.

Мали, но редовни протести против претераното градење покрај морето или уништувањето на животинските хабитати има во големите градови, а локалните избори минатата година беа засенети од темата за загадувањето на воздухот. Потоа дојде скандалот со отпадот, кој илегално пристигнува од Италија, веројатно во соработка со мафијата; некои новинари дури открија дека се увезува ѓубре и од Африка, што очигледно го повреди националното самопочитување. Врв на сето, голем недостаток на вода го погоди градот Перник проследено со сомнежи за поткуп и неспособност. И неколку други општини се засегнати од истиот проблем, што само по себе е апсурд, имајќи предвид дека Бугарија е планинска земја на која не и недостасуваат водени ресурси.

„Обвинителска република“
Првата жртва која им беше понудена на гневните граѓани беше министерот за животна средина Нено Димов, кој беше уапсен и мораше да даде оставка додека беше во притвор. Тоа е вистинска премиера за Бугарија; дури и во комунистичките времиња тој прво ќе беше отпуштен, а дури потоа уапсен. Овојпат беше обратно, затоа што Димов е министер именуван од национал-популистите, кои од некоја причина одлучија да му даваат поддршка до самиот крај. Многу аналитичари сметаат дека премиерот Борисов го охрабрил обвинителството да го спроведе театралното апсење како единствен начин да се натера министерот да поднесе оставка и да се смират жителите на Перник, кои имаат вода само неколку часа дневно и ангажираат свештеник да се моли за снег кој ќе ја наполни пресушената брана.

Најчудно од се, по повеќегодишно крволочно барање правда, јавноста не само што не му аплаудираше на апсењето, туку се јави и бран сомнеж, ако не и симпатија за жртвата: Зошто само тој? Не е до човекот, до системот е! Апсењата нема да донесат вода во Перник. Се слушаат гласови дека Бугарија го следи романскиот пример сакајќи да стане „обвинителска република“.

Ненов, математичар и шеф на политолошки тинк-тенк, секако беше високо некомпетентен за работата. Стана предмет на потсмев во ЕУ кога во 2018 година, претседавајќи со советот на министри за животна средина, се „прослави“ со трамповскиот климатски скептицизам: „Нема глобално затоплување, а дури и да има, тоа е од корист затоа што ќе стане потопло“. Во екот на актуелната криза, се обидуваше да го објасни недостатокот на вода со климатските промени, во кои инаку не верува, и со тоа да ги отфрли обвинувањата дека водата и ја продал на фабрика за челик.

Ивајло ДичевФотографија: picture-alliance/NurPhoto/M. Fludra

Иако се очекува гласање за доверба на владата и протести, премиерот веројатно ќе се потпре на ограничениот интерес на неговите субјекти за еколошките проблеми. И во право е.

Нов Чернобил

Екологијата ја подели Европа со нова Железна завеса, која овојпат не ги спротивставува истокот и западот, туку северо-западот и југо-истокот. Како да се објасни слабата поддршка за зелените движења, не само во зависната од јаглен Полска, туку и во Грција, Бугарија или Италија кои зависат од природата за туризмот и земјоделството? Зелениот бран кој ги зафати Германија, Франција и Британија, заменувајќи ја старата социјалдемократска левица, се чини воопшто не ги погоди земјите кои имаат најголема потреба.

Недостатокот на ентузијазам за учество во напорите да се спаси планетата потсетуваат на жестокото одбивање на истите тие земји да прифатат бегалци од различна вера или боја во 2015 и 2016. Бегалската завеса како да ја следи географијата на еколошката и тоа не тера да помислиме на подлабок културолошки феномен.

Можеби ќе се сетите дека зелената енергија- консензуална и неполитичка како што изгледаше- беше големиот поттик за уривањето на советската диктатура. Катастрофата во Чернобил и пресушувањето на Азовското Море беа меѓу најсилните удари кои ги доби СССР. Што се однесува до Бугарија, срамежливата антикомунистичка мобилизација започна во 1988 година со формирањето на комитетот за спас на градот Русе од загадувањето од романската страна на Дунав. Но вистинските еколошки проблеми наскоро беа бутнати настрана. Денес, бугарската Зелена партија е дел од десничарска коалиција која воопшто не е дел од парламентот, а ситуацијата не е ништо подобра ниту во другите земји.

Не се надевам дека ќе се случи наплив на зелени идеи во источна Европа. Но да не заборавиме на падот на комунизмот. Зелените каузи беа инструментални во постигнувањето на далеку поголемата цел: уривањето на диктатурите. Протестите на бугарските граѓани против недостатокот на вода или загадувањето на воздухот би можеле да кријат многу поголем гнев кон приватизацијата на јавните ресурси, квази феудалното владеење, недостатокот на перспективи... Доколку е тоа случај, пред нас е можеби некој нов (политички) Чернобил.

 

Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми