1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените во Рака: „Мртви сме, но сѐ уште дишеме“

ХИ/бг23 април 2016

Жените во сирискиот град Рака се жртви на големи страдања поради присуството на терористичката „Исламска држава“. ДВ успеа директно да разговара со неколку од нив. Ова е нивната приказна

Фотографија: DW/A.Mohammed

Секој аспект на нормалниот живот исчезна од северно-источниот сириски град Рака откако „Исламската држава“ го освои. Радоста, среќата и животот беа заменети со темнина. Облеката на мажите и жените, ѕидовите, зградите, знамињата: сѐ е денес црно.
Откако ИД ја наметна својата верзија на Шаријатското право, на жените им е забрането да носат било што друго освен црно. Сите жени во Рака станаа исти. На улица може да се случи и да не ја препознаете својата мајка или сестра. Дури и користењето парфем или зборувањето гласно на улица е казниво за жените.
Една 25-годишна жена која бараше да ја нарекуваме „Хала“ разговараше со ДВ за нејзиниот живот во уништениот град.
„Целиот живот го минав во Рака, дури и студирав на тукашниот универзитет. Мојата душа е врзана за овој град. Не бев либерал, но имав доволно слобода и никакви ограничувања со исклучок на социјалните норми и традиции, и само во однос на мојата гардероба и животен стил. Не носев марама на главата (хиџаб) и не беше проблем“, вели Хала.
Но, сето тоа се промени откако ИД го освои градот, кој е и главен град на територијата која се протега на делови од Сирија и Ирак.

Црно и поцрно

Сирискиот режим ја загуби контролата врз Рака во 2013 година, но дури неколку месеци подоцна ИД успеа да ги порази и бунтовничките групи кои го држеа градот под контрола, а потоа и да воведе рестрикции за жените.
Најпрво им било наредено да носат црна наметка позната како никаб со која се покрива целата глава, како и црни ракавици и широки црни фустани. Но тоа наскоро се заостри: на жените им е наредено да носат само црнина, забрането им е да ставаат парфем и да зборуваат гласно. Новите правила ги диктираат дури и изгледот на чевлите и како жената треба да оди. На жените им се забранува да излегуваат од градот без машка придружба, а на крајот и да студираат надвор од него.

Војници на ИД во РакаФотографија: picture alliance/AP Photo/Raqqa Media Center

„ИД ја формираше Канса бригадата која има задача да ги контролира жените кои ги прекршуваат правилата, без разлика дали на улица или дури и во нивниот дом“, вели Хала.
„Оваа бригада е составена од имигранти (жени од странство кои се приклучиле кон ИД) и сириски жени кои порано имале лоша репутација“. Хала вели дека неколку пати била испрашувана поради тоа што не била прикладно облечена, па на крајот одлучила и да не ја напушта својата куќа. Нејзиниот дом станал нејзин затвор и гроб. Иако на почетокот одбивала, 25-годишната Хала на крајот морала да прифати да се омажи согласно традиционалните правила кои налагаат таа најпрво да биде „одобрена“ од мајката или сестрата на младоженецот, па дури потоа да го види идниот сопруг.

Жена во РакаФотографија: DW/A.Mohammed

Рим Г. живее во близина на куќата на Хала. По доаѓањето на ИД, финансиската состојба на нејзиното семејство драматично се влошила. Морале и да го напуштат домот откако бил погоден од граната од која загинал и еден од нејзините браќа.
„Живеам со семејството и пет браќа. Порано студирав англиска литература на универзитетот, но само една година. ИД го затвори, а моите родители немаа пари да ме пратат во друг град“, вели 21-годишната девојка за ДВ.

Идеологија наместо универзитет
Наместо училишта и универзитети, ИД етаблираше ткн. „Форуми за млади муслимански жени“, каде учат за идеологијата на исламистичката група и како да ги шират нејзините пораки. Во истовреме, тоа е и центар за регрутација на фамозната Канса бригада и место за регрутирање за медицинските и школите за нега на бригадата. Жените се учат како да ги санираат повредите на џихадистите за време на битки или воздушни напади.
„Поради сето тоа, не можевме да избегаме, а јас како најстаро дете, бев принудена да барам вработување. Работев во продавница за женска облека во центарот на Рака, се додека еден ден не упадна Шарија полицијата и не уапси мене и сопственикот со обвинение дека шириме промискуитет. Сите бевме камшикувани“.
На жените не им е дозволено да работи со маж кој не и е роднина или сопруг. Таквото нешто се смета за „промискуитетно“ и се казнува со камшикување и затворска казна меѓу 3 дена и еден месец.
„Додека бевме во затвор не нарекуваа со сите погрдни зборови кои можете да ги замислите. Толку силно ме тепаа што со недели не можев да спијам на грб“, вели Рим која се тресе додека раскажува.

Фотографија: DW/A.Mohammed

'Се смеам пред огледало за да не заборавам како се прави тоа'

По тоа искуство, Рим во неколку наврати се обидела да избега од Рака, но неуспешно. Градот е опколен со контролни пунктови на ИД од едната, и на „ИД во жолто“ како што ги нарекуваат во градот припадниците на Курдските бунтовници, од друга страна. Сега, 21-годишнаѕа девојка работи како шивачка во својот дом заедно со својата мајка и сестра. Вели дека повеќе „нема никакви чувства“. „Престанав да ги разликувам деновите или храната. И смеењето е реткост. Често стојам пред огледало и се смеам, за да не заборавам како да го правам тоа. Да, се смеам на сопствената несреќа. Ние сме мртви, но сѐ уште дишеме“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми