Жени и новинари меѓу притворените по протестите во Каиро
5 мај 2012„300 лица, вклучувајќи и петмина новинари ќе бидат задржани 15 дена за време на истрагата“, информираше извор од египетската војска. Во вчерашните насилства пред министерството за одбрана загинаа две лица, а најмалку 300 беа повредени. Истиот извор додава дека можни се и дополнителни апсења во текот на денот.
Меѓу 300-те уапсени лица има и 16 жени. Од Фронтот за одбрана на египетските демностранти, група формирана од адвокати-волонтери, информираат дека само едно девојче е ослободено, затоа што е на 14-годишна возраст. Другите 15 жени добиле 15-дневен притвор. Сите приведени лица се обвинети за напад врз безбедносните сили, нарушување на јавниот ред и јавниот транспорт.
Едно од двете загинати лица е воен регрут, кој загинал од прострелни рани во стомакот. Египетските трупи користеа водени топови, солзавец и боева муниција за растерување на демонстрантите и нивно спречување да упаднат во министерството за одбрана.
Протестите се случија на три недели пред одржувањето на претседателските избори во Египет, а причината за нивното организирање е исклучувањето на познати политичари од претседателската трка. Уличните пресметки ги зголемија стравувањата за нов бран насилство пред изборот на Претседателот, кој треба да седне во испразнетата фотелја, откако Хосни Мубарак беше соборен од власт пред повеќе од една година.
Вчерашните (04.05) протести на плоштадот Тахрир, епицентарот на минатогодишната побуна на народот, ги предводеа тврдокорните исламисти, бидејќи нивниот кандидат за претседател на земјата беше отстранет од изборната трка.
Комитетот за заштита на новинарите информираше дека во изминатите три дена најмалку 18 новинари биле нападнати, повредени или приведени додека известувале за судирите во Каиро.