1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Жерновски: Не сум издал решение за градба

ДТЗ
22 април 2021

За време на неговиот мандат започнува постапка за усогласување на ДУП-овите. „Тоа беше седницата на која беа нарачани шамари за мене“, вели Жерновски.

Mazedonien Skopje Bürgermeister der Gemeinde Centar Andrej Zernovski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Ниту сум ја злоупотребил службената положба и овластување, ниту сум издал какво било одобрение за градба ’Голем ринг“ и парцелата кај „Холидеј Ин“. Напротив, сум имал бројни средби со граѓаните на Ново Маало на кои сум им укажувал да не потпишуваат договори со никакви инвеститори, затоа што планот ќе се менува и да внимаваат, бидејќи нема да издавам никакви одобренија за градење на тој простор“, вели за Дојче веле, поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, по најавите на Антикорупциската комисија дека покренува иницијатива до Јавното обвинителство, со која бара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година.

Според Антикорупциската комисија, иницијативата до ЈО е поднесена затоа што во постапката за изменување и дополнување на ДУП „Голем ринг“, за 2012-2017 година, тогашните градоначалници овозможиле имотна корист за сопствениците на градежната парцела.

-повеќе на темата: Ивановска за ДВ: ДКСК ќе го гони и Богдановиќ доколку не побара суспензија на планот за „Холидеј Ин“

Жерновски, пак, објаснува дека конкретниот ДУП е донесен во 2012 година по изгласувањето на ГУП во Град Скопје, а во тој процес не ни можел да учествува затоа што неговиот мандат започнал во 2013 година. „Патем, сите ДУП-ови донесени во 2012 година се носени по скратена постапка, а во Законот е стриктно забележано дека мора да се носат во фаза-нацрт и во фаза-предлог“, додава тој.

Државната комисија за спречување на корупција смета дека Тодоровиќ и Жерновски заедно со планерската компанија „Билт“, го прекршиле Законот за урбанизам при носењето на Деталниот урбанистички план „Голем ринг“. Тој го опфаќа и земјиштето спроти хотелот „Холидеј ин“, коешто се најде во фокусот на јавноста деновиве, по најавите дека ќе никне нов станбен комплекс во центарот на градот, што предизвика бурни реакции во јавноста.

„Многу ме радува фактот дека конечно се најде институција во државата која има намера да ги покрене овие горливи прашања, поврзани со донесувањето на ГУП-ови и ДУП-ови. Тоа е нешто на што повикував цел мој мандат, но никој од тогашната власт намерно не сакаше тоа да се случи. Процедурата за изработки и донесување на плановите е пропишана со закон и во тој синџир учествува општината, изработувачот на планот, институциите што даваат мислења по планот, граѓаните на јавна анкета, Министерството за транспорт и врски“, вели ексградоначалникот на Центар. 

-повеќе на темата: Комплексот кај „Холидеј ин“ ја бранува јавноста – се бара стопирање на проектот

Плановите се должни да го почитуваат Законот за урбанистичко планирање, како и правилниците. Во случајот на скопските општини, Градот Скопје треба да процени дали планот е во согласност со ГУП, а министерството да издаде согласност за спроведување на планот, притоа штитејќи ја законитоста. 

„Во конкретниот случај, ДУП ’Голем ринг’ е донесен непосредно по донесувањето на новиот ГУП од декември 2012 година. Град Скопје дал позитивно мислење, Министерството за транспорт и врски дал согласност за негово спроведување, а  Советот на општината го донел на седница“, додава тој.  За време на неговиот мандат, Жерновски објаснува дека започнува постапката за усогласување на ДУП-овите, и тоа почнувајќи со 4 урбанистички плана во централното градско подрачје - ДУП Голем Ринг- Јужен дел - Исток, ДУП Голем ринг – Јужен дел - Запад, ДУП Мал Ринг и ДУП Централно зеленило покрај Вардар - Јужен дел.
„Тоа беше седницата на која беа нарачани ’шамари’ за мене во Општина Центар од страна на тогашниот премиер и за која имаше насилни протести, случај којшто е познат не само во домашната јавност. Намерата на свикување на таа седница беше ДУП-овите да се стават вон сила и да се усогласат со ГУП. Намерата на нарачаните протести и насилства беше токму спротивното - овие ДУП-ови да останат на сила“, вели Жерновски. 

Од  друга страна ,додава тој, новоизработените планови за кои министерството дало согласност, а градот дал позитивно мислење - ДУП Мал Ринг и ДУП Тасино Чешмиче (Панорама), не биле  донесени на седница на Советот поради нивна неусогласеност со ГУП-от.
„Министерството за транспорт и врски го спречи недонесувањето на плановите, се дрзна со измена на Законот за просторно и урбанистичко планирање, со што беше регулирано дека во случај плановите кои нема да се донесат, а кои имаат добиено согласност од министерството, да се достават образложенија од Општината зошто е така постапено, а Министерството ќе одлучи дали планот ќе биде донесен или не“, се присетува поранешниот градоначалник.

Според него, ова било класичен пример на упад во надлежностите на Општините и директно централизирање на ингеренциите.
„Време е ова да биде посебен пример на опсервација и санкција од страна на надлежните институции во државата. Сето тоа беше спрoведено само за да се заштити тогашната политичка елита на власт и нејзините интереси, за што се во тек низа на судски процеси. Имаше дури и такви примери каде за некои ДУП-ови се гласаше со ист број на советници, при што наместо планот да се прогласи за недонесен, Уставниот суд одлучи дека нема да се произнесува ова прашање, со исклучок на судијата Наташа Габер која имаше издвоено мислење дека Уставниот суд веќе се произнесувал за други вакви случаеви“, вели Жерновски за ДВ. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми