1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестоки дебати околу клиниката за евтаназија во Холандија

8 март 2011

Во Холандија идната година ќе биде отворена клиника за евтаназија. Во неа неизлечиво болните пациенти ќе имаат три дена време своеволно да заминат во смрт - со сопствени сили или со помош на лекар.

„Никој не е обврзан да живее” гласи мотото на организацијатаФотографија: AP

„Многумина извршуваат самоубиство на најстрашен начин. Некои се фрлаат под воз, други се бесат”. Овој аргумент, во расправите за оправданоста на евтаназијата, редовно го наведува Петра де Јонг, директорка на „Холандското здружение за доброволна смрт“ (НВВЕ). Оваа граѓанска иницијатива е основана под мотото „Никој не е обврзан да живее” и веќе со години во Холандија се бори за речиси неограничено право на евтаназија. Најголем успех e забележан во 2002 година, кога Холандија, како прва земја во светот, законски дозволи активна помош при доброволен прекин на сопствениот живот. Секако, ова беше одобрено само под строги правила. Така на пример, лицето кое сака да умре мора да биде тешко болно, речиси во безнадежна состојба и јасно да изрази желба дека сака да умре. Ова пак, треба да го потврдат барем двајца лекари. Годишно во Холандија се пријавуваат околу 2.500 случаи на ваква легална евтаназија. Главно станува збор за заболени од рак.

Придржувањето до правилата е многу важно

„Евтаназија не“-стои на плакатите на противниците на евтаназијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Со цел да им го олесни остварувањето на правото на евтаназија, ова холандско здружение покрена нов проект: отварање специјална клиника во која годишно околу 1.000 луѓе би добивале активна помош при доброволното заминување во смрт. Станува збор пред се’ за заболени од рак, хронично психички болни и лица кои боледуваат од старечка деменција. Во клиниката строго ќе се внимава на придржување до сите правни прописи, вети Петра де Јонг и појаснува дека пациентите ќе ги добијат сите потребни информации за тоа како да извршат самоубиство, а доколку се случат проблеми, во тоа ќе им помогне медицинскиот персонал. Освен тоа, пациентите ќе имаат време од три дена уште еднаш да размислат за својата одлука.

Клиниката би требало да биде отворена идната година. Во неа ќе има осум кревети.Тука ќе треба да им се помага на оние луѓе кои имаат право на евтаназија, но не можат да пронајдат лекар кој би им помогнал во тоа. За место во клиниката веќе сега постои листа на чекање, а за работните места почнале да се пријавуваат лекари и друг медицински персонал. „Холандското здружение за доброволна смрт” соопшти дека веројатно нема да има проблеми ниту со здравствените осигурувања. На банковната сметка на ова здружение веќе пристигаат првите уплати на спонзорите, а понудена е и соодветна локација: еден празен луксузен хотел.

Рекации од сите страна на Европа

Голем број луѓе во Холандија сакаат право на евтаназијаФотографија: AP

Овие планови предизвикаа големи критики кај противниците на евтаназијата, од обичните граѓани, лекарските здруженија па се´ до црквата.„На тешко болните лица не им е потребна понуда за смрт, туку тие имаат потреба од психолошка и медицинска помош”, коментираше Еуген Бриш од германската фондација „Дојче Хоспиц“. Бурна расправа се води и во Холандија: до холандските дневни весниците пристигнуваат писма од разлутени граѓани, во телевизиските емисии за збор се јавуваат членови на семејствата на тешко болните, на тркалезните маси дискутираат стручњаци од сите можни подрачја.

Инаку, во „Холандското здружение за доброволна смрт” членуваат повеќе од 100.000 луѓе, меѓу нив има и бројни угледни Холанѓани. Здружението постои од 1973 година, а неговата работа ја финансираат, со милионски износи, голем број спонзори и доброволни прилози. Здружението се бори за право на своеволна смрт за сите луѓе постари од 70 години – без разлика дали се неизлечиво болни или не. Конкретно здружението бара секој постар граѓанин да има право легално да добие таблети со кои може да изврши самоубиство. Иницијативата со потписи веќе ја поддржале 120.000 Холанѓани што е повеќе од доволно да се најде на расправа во Парламентот.

Автор: Андреа Јунг Грим / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми