Жестоки судири и протести по смената на Дилма Русеф
1 септември 2016 Бразил од синоќа има нов претседател, но и нови проблеми. Мичел Темер експресно положи заклетва со што ја наследи својата досегашна шефица на функцијата. Во повеќе градови во земјата во исто време се одржуваа протести на приврзениците на Русеф кои беа проследени и со насилство.
Одлуката на Сенатот да ја отповика досега суспендираната претседателка доведе и до заладување на дипломатските односи на Бразил со бројни јужноамерикански држави кои имаат левичари на власт.
Венецуела, Еквадор и Боливија ги отповикаа своите амбасадори во Бразилија во знак на протест поради наводниот „пуч“ против Русеф, на што бразилските власти одговорија со реципрочни мерки.
Гласањето на Сенатот му стави крај на 13-годишното владеење на левичарската Работничка партија и на власт го доведе конзервативниот поранешен заменик-претседател Мичел Темер.
Русеф беше првата жена претседател на најголемата јужноамериканска држава. Власта ја загуби откако беше обвинета за манипулации со сојузниот буџет.
Русеф до самиот крај се бранеше дека обвинувањата за лажни и дека се работи за „пуч“ против неа воден од елитите кои се противат на популистичките политики на нејзината партија.
Во позадината на политичките превирања е големата истрага која се води против државната нафтена компанија Петробрас за корупција од милијарди долари. Двегодишната истрага досега им донесе притвор на бројни бизнисмени и политичари од сите страни на политичкиот спектрум, а претставува закана и за многумина од пратеници кои гласаа за отстранување на Русеф од функцијата. Русеф тврдеше дека нејзините противници сакаат да ја исфрлат од функцијата затоа што не сакала да ги заштити од истрагата.
Непопуларниот Темер сега добива мандат да ја води државата до крајот на 2018 година.