„Жешка“ посета на Меркел на Атина
9 октомври 2012Посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Атина е прва од почетокот на грчката должничка криза. Престојот на Меркел треба да биде во знакот на поддршка за курсот на консолидација на земјата, а не да се гледа како сигнал за натамошна помош.
Многу Грци имаат намера со протести да ја дочекаат германската канцеларка, бидејќи ја сметаат за главно одговорна за нивната тешка економска ситуација. За политичарите во Грција посетата е добредојдена и е знак за германската поддршка за земјата.
Без подароци во куферот
Посетата на канцеларката на Атина не ја бранува јавноста само во Грција туку предизвика и дебата во самата Германија. Портпаролот на Меркел демантираше дека таа во куферот носи олеснувања за Атина.
„Овде не можам да ви зборувам за некакви подароци. Тоа што треба да се одлучи, ќе биде одлучено кога ќе биде познат фундаментот на податоците , кој ќе биде испорачан со извештајот на меѓународната доверителска ’тројка’, која во моментов преговара со грчките власти за натамошните мерки за штедење“, изјави Штефан Зајберт.
Некои во владејачката коалиција на Меркел најдраго би им било да видат излегување на Грција од еврозоната. Најмалку што го бараат еврокритичарите во редовите на владејачката коалиција во Германија е запирање со натамошни попуштања околу реформскиот курс на презадолжениот партнер од еврозоната:
„Грците би направиле најдобро за себе ако се придржуваат до тоа што се договориле. Во спротивно за Грците ќе биде многу тешко. Сакам Грција да напредува. Посетата на канцеларката не служи за тоа на Грците да им се донесат подароци“, вели шефот на пратеничката група на владејачките партиите на Унијата во Бундестагот, Фолкер Каудер.
Признание за сработеното?
Опозицијата во Германија пак бара канцеларката Меркел не само да ја притиска Грција за нејзиниот курс за штедење туку и да и понуди економски перспективи на земјата.
Експертот за буџетска политика на опозициската Социјалдемократска партија, Карстен Шнајдер ја обвинува Меркел дека предоцна патува за Грција: „Најнапред сметам дека е многу добро што канцеларката и во Грција на населението еднаш ќе му каже дека Германците ги поддржуваат и второ оти во последниве години оствариле енормни нешта“.
Шефицата на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Ренате Кинаст очекува канцеларката Меркел за време на посетата на Атина да испрати јасен сигнал за поддршка на Грција:
„Во јули во Бундестагот одлучивме да има европска инвестициска програма со цел земјите во криза не само да го затегнуваат ременот и не само да расте притисокот и невработеноста, туку и во различни стопански области повторно да се тргне напред. Тоа е обврска на Меркел не само кон Грците туку и кон германскиот Бундестаг“, вели Кинаст.
Часови пред пристигнувањето на германската канцеларка во Атина владее вонредна состојба. Околу 7.000 полицајци треба да спречат ексцеси од разгневени демонстранти за време на шестчасовниот престој на Меркел во главниот град на Грција. Канцеларката во Атина ќе оствари средби со премиерот Андонис Самарас и со претседателот Каролос Папуљас.