1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жешка пролет и во Хрватска?

1 март 2011

Излегувањето на улица на граѓаните во Хрватска зачестува. Како повод служат нередите околу протестот на бранителите, но има доволно и подлабоки причини за тоа.

Фотографија: Ognjen Alujevic

Случајот со учесникот во „татковинската војна“ од градот Вуковар, Тихомир Пурда, кој беше организатор на претходните протести кои завршија со насилство во центарот на Загреб, е само надворешен повод за продолжување на протестите. Зад излегувањето на граѓаните на улица се кријат многу подлабоки социјални проблеми. Растат цените на прехрамбените производи, на горивото и другите основни елементи што влијаат врз животниот стандард, а бројот на невработени лица во јануари се искачи на 335.000. Хрватските граѓани протестираат и против мерките за штедење што владата ги воведува иако не ги прокламира, потоа заради забраните на бродоградилиштата да градат бродови, како и заради богатењето на политичарите и менаџерите со општествени пари, вели Жељко Сачиќ. Тој е поранешен заменик-командант на хрватската специјална полиција, а денес е своевиден гласноговорник на протестното движење.

ЕУ како проблем

„Нашите селани се фрлени на колена, затоа што од ЕУ и други земји се увезува храна во вредност од преку 2,5 милијарди долари поради смалените царински давачки. Освен тоа се ограничуваат квотите за шеќер, за производство на вино, маслинов зејтин.“

Сачиќ уште порачува дека групата луѓе, кои ги организираат протестните собирања, ја доживуваат ЕУ како узурпатор кој не сака хрватските граѓани да дојдат во Унијата, туку е заинтересиран само за територијата, како и природните богатства на Хрватска. Тој вели дека ќе се послужи со сите демократски средства во борбата против таквиот тренд, а кога ќе дојде време да се гласа на референдум за пристапување кон ЕУ, тогаш ќе ги повика сонародниците да кажат „не“! Сачиќ нагласува дека од владата во Загреб очекува да се повлече и да распише предвремени избори.

Ветеранот од „татковинската војна“, Тихомир ПурдаФотографија: Gerichthof BuH/Sud BiH

Погазени ветувања

Претседателот на Синдикатите на селаните во Хрватска, Томислав Покровац, се осврнува на уште еден проблем што ги мачи земјоделците, а тоа се државните субвенции. Тој потсетува дека минатата година државата ветила оти ќе им исплати по 2.250 куни по хектар за култури како пченица и пченка, но потоа донела разни давачки, така што реалната сума на субвенциите се свела на не повеќе од 1.700 куни за хектар. Тој исто така предупредува дека на Хрватска и’ недостасува стратегија за развој на селските средини и за земјоделството.

„Освен тоа банките ни седат на врат, на сметките во банка, на куќите, на фармите. Ни останува само да се обесиме затоа што не можеме да ги подмириме основните давачки како што се струја, вода, гас и телефон.“ Покровац вели дека на владата и’ поставиле ултиматум до крајот на февруари да се фати во костец со проблемите, а во спротивно ќе бараат од неа да поднесе оставка. Доколку не се случи ни едното, ни другото, тој вели дека не е мудро незадоволството на граѓаните да се сфаќа несериозно, како што веќе тоа се случило со неодамнешните протести пред зданието на владата во Загреб: „Ним тоа им беше смешно, како што им беше смешно и на Гадафи и на другите. Понатаму не сакам да коментирам!“

Автор: Горан Прокопец / Горан Чутаноски

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми