Жешките разговори за името почнуваат идната недела
8 февруари 2018Од идната недела почнува сериозен преговарачки процес за надминување на разликите во спорот за името. Најавена е нова средба на министерско ниво во рамките на процесот за преговори под посредништво на медијаторот Метју Нимиц. Засега се уште нема попрецизни податоци за датумот и местото каде ќе се сретнат шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, освен дека средбата ќе биде на европско тло. Од Владата велат дека средбата транспарентно ќе биде најавена кога ќе се договарат деталите. Според дипломатски извори, не е исклучена и можноста двајцата министри да се сретнат на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија - Гимних 2018, кој се одржува на 15 и 16 февруари во Софија.
„Следуваат средби во февруари, јас очекувам неколку, не една. Времето е кратко, треба брзо да делуваме“, најави вчера премиерот Заев, одговарајќи на новинарски прашања по вчерашната прес-конференција со спортските работници.
Повеќе на темата:
-Хан: решение за спорот за името со лидерство и државништво
-Македонија почна да го растовара тешкиот багаж
-Ципрас игра политички покер со името на Македонија
Тој се осврна и на нацрт-договорот што го најави грчкиот министер за надворешни работи.
„Ние рековме дека ќе ги искористиме сите алатки. Процесот се одвива преку Обединетите нации и Метју Нимиц. Но, кога ќе се сретнат двајцата министри, кога ќе се сретнат двајцата премиери, зошто да не го искористиме тоа како можност? Ако се дојде до некоја драфт-верзија на меѓународен договор, каде што е штиклирано тоа што апсолутно не е спорно, а има такви работи, на крајот ова треба да заврши со меѓународен договор. Таквата идеја или предлог за мене е добредојдена и може да биде од помош. Се спаѓа во моментна дебата и дискусија. Што и да решиме, треба да вратиме преку Метју Нимиц, кој што го води преговарачкиот процес, заради тоа што на крајот треба да биде формализиран преку ОН“, рече премиерот.
Владата да ги информира граѓаните
Фактот дека двете земји се на прагот на сериозен преговарачки процес е видлив и од бројните анализи и информации во грчките медиуми, каде се лови секој збор и детаљ искажан на таа тема во Скопје, но и од бројот на насловни страници и ударни тв-термини посветени на спорот за името. Пренесена е и се анализира изјавата на премиерот Заев, дека „е прифатлива географска одредница“, која уследи по изјавата на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, дека „уште чекаат од Скопје јавно да каже која ќе биде придавката пред именката во сложено име“, ставајќи ја во контекст на она за што разговарале двајцата премиери во Давос.
Тоа покрена прашања и во Скопје. Од Кабинетот на Ѓорге Иванов соопштија дека претседателот не е информиран за каков било постигнат договор меѓу македонскиот и грчкиот премиер во Давос, а на информативната средба одржана во Клубот на пратеници на 27 јануари, присутните биле информирани за предложените идеи на медијаторот Метју Нимиц.
„При информирањето за исходот од средбата во Давос не се спомена каков било постигнат договор или, пак, спогодба за којашто сега јавноста ја информираат грчки претставници. Македонскиот претседател останува на јавниот став искажан по таа средба, а во очекување Владата да ги информира граѓаните на Република Македонија за преземените активности на владините претставници, по однос на ова прашање“, посочија од Кабинетот на Иванов.
Запознавање со рамката и позициите
Премиерот Заев вчера објасни дека досегашната фаза на разговори била само во доменот на разгледување на предлог-рамката на Нимиц и презентирање на позициите на двете земји.
„На средбата во Давос, јас ги слушнав позициите на грчката страна преку премиерот Ципрас. Тој, исто така, внимателно колку и јас, ги слушна позициите на нашата, македонската страна. И тоа беше средбата во Давос. Се запознавме, и во суштина навлеговме да ги објасниме деталите за самите вакви позиции. Но, преговарачкиот процес продолжува со посредништво на Нимиц. И ќе ја користиме во иднина секоја можност на билатерална средба, да изнајдеме инвентивно решение, начин што ќе не спои и ќе не доближи, за да дојдеме до решение кое што е прифатливо за двете страни“, изјави премиерот.
Повеќе на темата:
-Спор за името: 25 години лет во место
Тој потенцираше дека решението мора да го гарантира идентитетот и достоинството на двете страни.
„И тука нема дилеми. Тоа е нешто кое што минимум се очекува. Јас реков: за Владата е прифатливо име со географска одредница. Тоа го темелам на основа на моите очекувања во внатрешната дебата што ја имаме во Македонија.
Достоинството, идентитетот, се важни работи. Јас сум убеден дека Македонија во интерес на иднината, на перспективите за НАТО и ЕУ интеграција, по ова прашање може со консензус да изнајде решение. Во интерес на процесот не би навлегувал секако во деталите. Верувајте дека знаеме, што е тоа што е возможно, што е дозволиво и до каде треба да одиме. Ќе направиме се, да изнајдеме решение на овој горлив дваесет и петгодишен проблем, но не по секоја цена“, потенцираше Заев.
На прашањето дали Атина бара промени на некои членови од македонскиот Устав, премиерот одговори: Секако знаете дека дел од ставовите во Грција за „ерга омнес“ е промена на Уставот во Македонија. И тоа се ставови на Грција. Ние имаме наши ставови. Македонија го промени Уставот 1993 година, да го допрецизира членот, 49 од Уставот, вградувајќи амандман два. И ние како земја направивме голем чекор таа година. За да го отстраниме иредентизмот. Во моментот, се што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, територијални, или било какви. Македонија нема иредентистички побуди. Македонија сака да гради пријателство“.
Во меѓувреме тече процесот на градење доверба и контакти со јужниот сосед. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска се подготвува за утрешната официјална средба во Атина со неговиот колега - градоначалникот Јоргос Каминис. Граѓаните на двете земји имаат можност да ги прочитаат нивните ставови во заедничка колумна истовремено објавена во македонскиот дневен весник „Слободен печат“ и грчкиот дневен весник „Ta Неа“.