1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живееме во време на климатска криза

23 јули 2021

Покрај пандемијата која не прогонува веќе година и половина и којзнае уште колку ќе потрае, доволно е само да ги погледнеме последните поголеми природни катастрофи за да го вклучиме алармот. Пишува Ивор Мицковски.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Неодамнешните поплави во Германија, Белгија, Холандија и Австрија кои предизвикаа стотици мртви и огромна материјална штета, сериозно ги погодија општествата кои веќе и онака беа силно потресени од пандемијата на Ковид-19. Би можеле да кажеме дека станува збор за несреќен сплет на околности?! Но, по којзнае кој пат, историјата се повторува.

Во 14 век, децениите пред појавата на „Црната чума“ биле окарактеризирани од зголемена метеоролошка нестабилност. Низ цела Европа со години беснееле разорни поплави. Само во Северна Италија имало најмалку 4 катастрофални поплави помеѓу 1327 и 1339 година. Исклучително интензивните врнежи ги уништиле насадите и предизвикале серија на масовно гладување. Европа веќе ќе биде погодена од „Големиот глад“ помеѓу 1315-1321 година, појачан од говедската чума – можеби најголемата и најстрашна животинска епизотија во историјата на континентот. Конечно, како гладот и поплавите да не биле доволни во 1347 година се враќа чумата после 6 века отсуство, за во само неколку години да уништи половина од европската популација.

Серија на особено несреќни околоности?! Изгледа не, затоа што истата секвенца на настани ќе се повтори пред чумата во 1630 година, на која ќе и претходат екстремни метеоролошки услови, поплави и гладувања. Во 800-тите, колерата ќе ја започне својата глобална експанзија тргнувајќи од делтата на Ганг (каде што и ендемски постоела), после серија на поплави и гладувања кои кај локалната популација биле појачани како последица на уништеното општествено ткиво предизвикано од британскиот колонијализам. 

Историјата ни потврдува исто како и науката - каде благодарение на палеоклиматските истражувања знаеме - дека фазите на забрзани климатски промени се поврзани со зголемена метеролошка нестабилност. Таа нестабилност лесно може да предизвика поплави и страотни штети по насадите, но предизвикува и една општа нестабилност во биолошката и животната средина, така фаворизирајќи го ширењето кон нови предели и кон нови домаќини на веќе постоечките патогени болести, како и појавата на нови патогени како коронавирусот.

Други колумни од авторот:

-Куба - диктатура без диктатор

-Англија – „европски“ шампион?!

-100 години кинески комунизам– од селанска револуција до светска доминација

Никој никогаш нема да докаже дека Ковид-19 настанал како последица на климатските промени. Но, станува очигледно дека општата нестабилност во животната средина поврзана со климатските промени го фаворизирала подемот на оваа нова закана, било тоа преку мутации на патогенот или преку необично однесување на животното домаќин. Актуелните поплави и пандемијата во тек ни испраќаат многу прецизна порака: не очекува период, најверојатно многу долг период, на екстремна амбиентална и еколошка нестабилност во која екстремните климатски настани и новите здравствени закани ќе се појавуваат многу почесто и многу понасилно отколку во минатото. Затоа, можеме слободно да кажеме, дека денес човештвото живее сред озбилна климатска криза.

Покрај пандемијата која не прогонува веќе година и половина и којзнае уште колку време ќе потрае, доволно е само да ги погледнеме поголемите природни катастрофи во изминатиот период за да го вклучиме алармот. Катастрофалните пожари во Сибир, Калифорнија и Австралија, откинатиот глечер од Хималаите во Индија кој доведе до уривање на брана, рекордно високите температури во Канада, торнадата во Полска и Чешка, катастрофалните поплави низ Европа и Кина, ни кажуваат дека еколошката рамнотежа на планетата ја помина точката од која нема враќање.

Тегобен поглед од небо на настраданите подрачја од поплавите во Германија

01:20

This browser does not support the video element.

Нема ден да помине без последици од глобалното затоплување и тоа што само до пред некоја година ни изгледаше како сигнал или најава, денеска е драматично потврдена состојба. Бројките и податоците се немилосрдни.

2020 година, заедно со 2016-та, беше најтоплата година некогаш забележана во историјата. Температурите биле повисоки за 0,6 целзиусови степени во однос на триесетгодишниот просек помеѓу 1980-2010 година и 1,25 степени повисоки во однос на просекот од прединдустрискиот период. Во 2016-та година на порастот влијаеше феноменот Ел Нињо, но овој сезонски климатски феномен минатата година беше инертен. Тоа значи дека лани температурите пораснале благодарение само на човечките активности и тоа дури во ситуација кога најголем дел од светот со месеци беше затворен поради пандемијата.

Станува претопло, како што и самите успеавме да приметиме пред неколку недели, летата стануваат се подолги и земјата неизбежно трпи промени. Во 24 години, помеѓу 1994 и 2017 година изгубени се 28 илјади милијарди тони мраз. Научниците пресметале дека станува збор за територија голема колку една Италија, висока најмалку 100 метри. Во 2017-та од Антарктикот се откачи најголемата санта мраз на светот: А-68А, голема колку Занзибар и која со месеци патуваше накај јужниот Атлантик. Топењето на мразот и термичката експанзија на солените води го подигнаа нивото на светските мориња за 35 милиметри во само неколку децении, влијаејќи врз животите на преку 3 милиони луѓе населени покрај крајбрежјето. На долг период, според универзитетот од Њукасл ќе исчезнат голем број од светските аеродроми, затоа што ќе бидат поплавени. И не збориме само за тропските острови, него за Бангкок, Њу Орлеанс, Њујорк, Бремен, Лондон, Венеција. Се разбира најголемиот виновник за ваквата ситуација се лоцира во глобалните емисии на јаглерод диоксид.

Европската Унија си постави амбициозна цел, да ги намали емисиите за 55% до 2030 година и комплетно да ги елиминира до 2050. Но, во истите часови и денови додека низ Европа бевме сведоци на застрашувачките поплави, во Брисел се одвиваше една неверојатна драмолетка. Преставниците на Италија и Франција, на Полска и Унгарија, како и оние на се понемирната Австрија, се ставија во акција да го демонтираат европскиот одговор на климатските промени -„Зелениот договор“ кој според екологистите е далеку од тоа да донесе некакви реални промени, но кој Европската Комисија ја става во авангардата на политичките одговори против климатската апокалипса.

Во истите часови и денови додека илјадници животи беа однесени од надојдените реки преставниците на Италија и Франција и таа неизбежна Вишеградска група, се нафатија како да го омекнат документот и да ги намалат целите на планот кој треба да ги спречи климатските промени. Се разбира, тоа го прават од себични национални интереси. Макрон стравува на пример од „жолтите елеци“ и размислува само на својот реизбор следната година. Полска инсистира на користење на јагленот и стравува да не го загуби својот примарен енергетски извор, истото нешто од кое стравува и Италија. Станува збор за земји кои со децении тонат во слепи политики, диктирани од индустриски и финансиски лоби групи кои не разбираат дека скапата индустриска и еколошка транзиција само ќе станува се поскапа како што времето одминува и колку повеќе трпиме штети какви што видовме во Германија. Ќе видиме дали овие трагични поплави и аномалното невреме ќе имаат влијание на климатскиот пакет како што ковид кризата имаше влијание врз економијата. Пандемијата успеа за кратко време да го суспендира Пактот за Стабилност и да придонесе за донесување на револуционерниот план за закрепнување „Next Generation EU“. Ќе видиме што можат во светот на политиката да променат поплавите.

По поплавите во Германија: Прво борба за живот, сега за економска егзистенција

03:02

This browser does not support the video element.

Поголемото прашање е што можеме, што може светот и политиката да направат во однос на климатската криза која ја живееме?! Одговорот за жал е – ништо! Ѓаволот од поодамна ја однесе шегата. Актуелните напори и заложби, земајќи ги во предвид и оние на Кина и на САД, доаѓаат прекасно, иако и понатаму се битни со цел да се спречи понатамошно влошување.

Се разбира, многу што може да се направи за да се намалат негативните последици од амбиенталната нестабилност и климатските промени. Но, веќе сите мора да признаеме дека проблемот со природата е глобален и како таков има потреба од глобални решенија. Пандемиите, поплавите, масовното гладување и катастрофите кои произлегуваат од глобалното затоплување не се бават и не запираат пред националните граници на малите и големите држави. За жал, се уште недостасува политичка волја, се уште доминираат интересите на тесните лоби групи, се уште постои преголем скептицизам и слаба информираност за пропорциите на актуелната катастрофа.

Реалноста е дека времето истече. Климатските промени станаа климатска тревога, криза која денес според својата уништувачка моќ е споредлива со војните и пандемиите. Време е да почнеме така и да ја именуваме и консеквентно на тоа и да делуваме.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми