1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Животот се враќа во Кобане

Камал Шајко/ Ж. Ацеска23 февруари 2015

Борците на „Исламска држава“ се протерани од Кобане. Одделни бегалци од другата страна на турската граница се осмелуваат да се вратат во уништениот град, во кои останаа само најупорните.

Фотографија: DW/Kamal Sheikho

Кабан секој ден одеше на ритчето Маштех Нур, од каде можеше добро да го види Кобане. Пред пет месеци тој со своето семејство побегна од Кобане во соседниот град Суруч, на турската страна на границата. Како и многумина други бегалци, тој најде прибежиште во логорот Ерин Мир Кан. Но, во мислите остана во Кобане.

Штом се расчу дека курдските борци повторно го освоија градот, Кабан отиде таму, прво сам. Сакаше да види што се случило со неговата куќа и ресторанот, а и да испита дали неговото семејство може да се врати. И навистина - се вратија. Сега тој во разговор за Дојче веле раскажува: „Тукушто се вративме во живот, и покрај разорувањата на мојата куќа, и покрај тоа што и ресторанот ми е уништен.“

Слики на разорување

Најголемиот број улици и градски квартови се уништени. Анвар Муслима, претседател на Извршниот градски совет, истакнува: „Површината на Кобане изнесува околу седум квадратни километри. Околу 70 проценти од таа површина се уништени, 40 насто е комплетно разурнато, првенствено во југоисточниот дел од градот.“

Анвар се потсетува: „Џихадистите од Исламска држава дигнаа во воздух 27 возила полни со ексползив. Врз градот беа испалени над 110 гранати. Постојано имаше и самоубиствени атeнтати.“

Целосно уништен градФотографија: DW/Kamal Sheikho

Тој вели дека градот уште не добил финансиска помош за обновата. Во Кобане се видливи трагите на уништувањето: од многу куќи се останати само урнатини. А на куќите кои не се погодени од гранати или бомби, притисокот од околните експлозии ги разнесол вратите и прозорците.

Импровизирана пекарница и бесплатен леб

Тоа што во Кобане повторно се буди живот, е заслуга на прагматизмот на неговите жители. Кога почнаа борбите, т.н. Исламска држава ја уништи градската пекарница. Но, пекарите продолжија да работат. За да ги задоволат потребите на борците и цивилите тие најдоа сигурно место на кое импровизираа пекарница и таму продолжија да произведуваат леб кој бесплатно им го делеа на сограѓаните.

Асис Мурад е шеф на импровизираната пекарница. Тој е убеден: „Нашата работа е еден вид отпор. Оној кој оди на фронт со оружје, треба да добие и леб. Сите ние го браниме Кобане.“ Пекарот Али само што се вратил од Турција, сам, без семејството, од убедување.

„Кога решив да се вратам, имав цврста намера да им служам на сограѓаните од својот град. Ако треба, за таа цел ќе земам и оружје в раце.“

Пекарите бесплатно прават лебФотографија: DW/Kamal Sheikho

Сите кои работат во оваа пекарница, добро го познаваат Кобане. За време на борбите, тие испраќаа леб на местата кои се на безбедна оддалеченост од линијата на огнот. Едно возило потоа лебот оттаму го пренесуваше понатаму, на фронтот. Сега пекарите им испраќаат леб и на бегалците кои се наоѓаат меѓу сириската и турската граница.

Солидарноста на лекарите

Единствената болница во градот нема што многу да им понуди на своите пациенти. Меѓутоа, сите ранети овде имаат бесплатен третман. Освен тоа, лекарите одат и во домашни посети кај граѓаните на кои им е потребна помош. Една група лекари секој ден оди и во Тел Шаир и Марсамила, места каде има бегалци, и таму дели лекови и прегледува болни луѓе.

Во неа припаѓа и д-р Ареф Али. Тој решил, и покрај војната, да остане во својот град. Тоа е негов прв ангажман како лекар во војна.

Лекарот Ареф Али останал во градот и покрај стравотФотографија: DW/Kamal Sheikho

„Кога ќе ги слушнам звуците на авиони и гранати, ме обзема страв, но при помислата дека секој момент може да биде повреден некој цивил или борец, за час се ослободувам од стравот за да ги згрижам пациентите“, вели тој за Дојче веле.

Организацијата за бегалци во Турција, АФАД, проценува дека од Кобане побегнале над 183.000 луѓе. Курдските политичари зборуваат за повеќе од 200.000 лица кои по 16 септември лани стигнале во Турција. Бројот повратници во Кобане се проценува на околу 25.000 луѓе. Но, никој не знае точни бројки. Јасно е само дека ќе поминат години, можеби и децении, додека овој град со некогашните 100.000 жители да се врати кон нормален живот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми