Живот во страв
16 октомври 2014
Руан како да не забележува што се случува околу него во преполниот дом за бегалци во близина на Келн. Младиот човек од Сомалија се бори со внатрешен немир. Поради кошмарите не може да спие како што треба. Пред очите постојано му излегува како при напад на милициите му го убиваат семејството. Руан доживеал злоставување, сестра му Марула била силувана. Шверцерите им ги зеле на двајцата последните пари. Документите ги загубиле на бротчето со кое стигнале до Италија. Оттаму нивното бегство продолжило преку Франција до Германија. Својата одисеја веќе им ја раскажале на властите во Германија, со помош на преведувач. Сега повеќе сакаат да молчат и не сакаат да бидат фотографирани.
Мерки за идентификација
При постоење на сомневање за илегален влез, полицијата е обврзана да отвори истражна постапка и да спроведе т.н. мерки за идентификација. Лицето се фотографира, се зема отпечаток од прст. Во случај кога лицето нема документи, треба да се открие вистинската возраст. Се прави анализа на положбата на забите и на градбата на коските, а во одделни случаи и на срамните влакна. Но сето тоа не секогаш е од помош. Во таков случај, возраста се утврдува преку рентгенски снимки на коските на дланката и градите или на раменскиот зглоб. Тоа го прават институтите за судска медицина.
Лекарските здруженија оваа процедура ја оценуваат како „неетичка“ и укажуваат дека „староста определна врз основа на состојбата на коските“ може да се разликува друи и неколку години од вистинската возраст на лицето. Освен тоа, рентегенското снимање е телесна повреда, се вели од здруженијата. Многу млади бегалци ваквите мерки ги доживуваат како понижувачки, покажуваат разговорите со нив од страна на истражните органи. Тие често се жалат и на условите во кои се транспортираат. На прашање на еден пратеник во Берлин од април 2013 година, Сенатот призна дека лисици им се ставаат и на малолетни лица „за да се спречи опасност по безбедноста на другите и на својата безбедност или да се спречи бегство“. За мерки со кои се ограничува слободата за време на спроведување на мерките на идентификација не е неопходен судски налог, соопшти Сенатот во Берлин.
Кошмарна постапка за азил
Руан и Марула, како и илјадници други бегалци, имаат и друг проблем. При секоја постапка за азил, Германската служба за миграција и бегалци проверува дали воопшто треба да им пружи заштита на барателите на азил. Имено, ако тие пред да стигнат во Германија прво биле во друга земја на ЕУ, таа земја е всушност обврзана да ги прими. Тоа во случајот на Руан и Марула би била Италија. Тоа сега се проверува, а дел од проверката се и информациите за причините за бегство. Во минатото неретко е оценувано дека причините за бегство се „недоволни“ или „несупстанцијални“.
„Вистинскиот товар често се пребавните постапки за азил“, нагласува Бернд Мешовиќ од организацијата Про Азил. Постапката може да трае до 1,5 година. Особено исцрпувачки се краткорочните визи за престој. „Времето на несигурност се доживува како немоќ и ги зајакнува пост-трауматските проблеми од настаните пред бегството“, нагласува Елизе Битенбиндер. Таа е педагог и психотерапевт во Сојузната работна заедница на психосоцијални центри за бегалци и жртви на прогон е.В., организација во која се здружени 25 специјализирани установи кои се грижат за методите на третман на трауматизираните бегалци. „Ретко кога досега имало толку многу луѓе кои побегнале во Германија и имаат потреба од третман“, дополнува Мешовиќ.
Не може секогаш да се обрне внимание на психичките проблеми на бегалците. Често депресиите, стравовите или опасноста од самоубиство остануваат непрепознаени или нелекувани, затоа што во законот е предвидено лекување само на акутните болести или болки.
Ситуацијата се подобрува, стравот останува
Психички проблеми предизвикува и секојдневието во Германија. На тоа укажуваат како Про Азил, така и Каритас и Диакони. Барателите на азил, на пример, во првите месеци од својот престој во Германија не смеат да работат. Визите за престој се често поврзани со определени познавања на јазикот и време на престој во Германија. Принудната безработица уште повеќе се засилува со забраната за бегалците да го напуштаат местото каде што се распоредени од страна на властите. Тоа создава гетоизација и ги изолира луѓето уште повеќе. „Уште кога згора на тоа за купување ќе им се поделат и купони за купување прехранбени намирници со кои не може да се купи се‘, тогаш тоа од нивна страна се чувствува како дополнително понижување“, вели Елизе Битенбиндер која има водено многу разговори со бегалци.
Но ситуацијата на бегалците би требало да се подобри. Уставниот суд донесе одлука барателите на азил и бегалците да добиваат повеќе пари, односно мора да се обезбеди егзистенцијален минимум. Многу градови и општини речиси веќе не делат купони за купување. Обврската да се остане во местото каде што се распоредени бегалците е олабавена во многу германски покраини. Сепак, стравот од иднината кај многу бегалци останува. Така е и со Руан и Марула.