Живот на долг рок со ракот!
26 февруари 2012 Околу 1,7 милиони Германци секојдневието го живеат со ракот. Со сознанието дека болеста ја победиле или со стравот дека по операцијата, зрачењето или хемо-терапијата имаат се’ уште да војуваат против постоечкиот ризик. Без разлика, меѓутоа, колку човек е оптимист прилично стресна е реалноста дека секоја година во Германија има 450.000 нови болни од најразлични типови карцином. За разлика од пред две – три децении, кога болеста во големиот број случаи значеше и брза умирачка, денес состојбата е сосема поинаква, што секако носи позитивна клима во не секогаш розовото секојдневие на луѓето кои многумина ги сметаат за „отпишани“.
Болест на староста!
„Денес повеќе од половината пациенти со рак може да бидат излекувани. Ова се однесува за големата група кај кои ракот е откриен во стадиум кој може добро да се отстрани со операција. Но, тука се и оние кај кои болеста напреднала, но кои може со различни лекови да се третираат и може долго да живеат. Мислам пред се’ за пациентите кај кои е дијагностицирана леукемија, болните со т.н лимфоми (Морбус хочкин и нон-хочкин – тумори на лимфните јазли) , гастро-ентеријални тумотри и сл. Болните со овие типови рак може да примаат соодветна терапија и многу години да живеат“, вели за ДВ проф. Карстен Бокемејер, директор на Онколошкиот центар на Универзитетската клиника Хамбург – Епендорф.
За тоа дали ракот полека преминува во хронична болест, професор Бокемејер вели дека две работи се битни. Прво: ако се открие рано тогаш шансите да се излекува за многу болни се големи. И второ, кога една болест, па и ракот се лекуваат, шансите дека терапијата ќе делува се многу поголеми, затоа и пациентите кои не можат целосно да се излекуваат имаат можност подолго да живеат. Пример е ракот на дебелото црево. Пред 20 години, метастазираниот рак на болните им оставал живот од шест месеци. Денес, со примена на модерните терапии, хирушки интервенции и сл. болните може да живеат и до три години.
Професор Бокемејер кажува дека одредени типови рак бележат намалување.. Други, пак, се во пораст. Причините за ваквата ситуација не се познати. Но, апсолутно зголемената бројка на болни во Германија се врзува за староста. Населението живее подолго и е се’ постаро, а ракот е болест на старата популација. Значи, колку човек е постар - толку се поголеми и шансите да заболи од рак.
Месото носи ризик
Колку е значајна превентивата ( „скрининзите“ , колоноскопијата на дебелото црево и сл. испитувања ) Корнелиа Улрих , директор на Националниот центар за тумори во Хајделберг го елаборира со примерот на карциномот на градата.Четири од пет жени во Германија, кај кои болеста е дијагностицирана преживуваат. Ова се должи на раното откривање, но и на многуте нови лекови. Но, доктор Улрих е категорична дека не смее да се заборави дека 40 проценти од сите случаи на карциноми во Германија се предизвикани од пушење. Доколку се влијае децата да не пушат, тогаш вистинскиот ефект ќе се забележи врз намалувањето на ризикот од рак.
„Не помалку значајна е и здравата исхрана и нормалната тежина. Ако се води сметка за нив појавата на карцином може да се намали дури за 20 до 30 проценти.Секој вид дебелина е ризик за рак на желудникот, на цревата, панкреасот. Знаеме дека користењето растителна храна е важна за превенција на рак на дебелото црево. Знаеме и дека има многу супстанци кои се наоѓаат во храната од растително потекло кои делуваат како заштита од ракот. Ова е докажано од експериментите со животни кои потврдиле дека со ваквата исхрана ризикот за добивање рак се намалува за 20 проценти. Има над 7.000 епидемиолошки студии кои ја испитуваат врската меѓу исхраната, зголемената тежина и ракот и кои јасно покажаа кои типови рак со која храна се во врска. На пример ракот на дебелото црево се врзува со консумирањето месо, пред се’ поради тоа што при подготвувањето, при печењето се создаваат канцерогени супстанци“, објаснува Корнелиа Улрих. Таа дополнува дека се’ уште, меѓутоа, не е докажано какво влијание врз превенцијата од рак имаат витамините и во овој сегмент престојат допрва истражувања.
И спортот е превенција
„Спортот и движењето го преполовуваат ризикот од рак на дебелото црево. Кај жените по менопауза, спортувањето го намалување ризикот од рак на градата дури за 30 проценти . Од студиите знаеме дека постојат молекуларни механизми кои го намалуваат нивото на хормони, ја подобруват задршката на инсулинот и влијаат против канцеро клетките. Затоа и препорака е: дневно да се спортува половина до еден час. Има меѓутоа и многу отворени прашања: кои споротови, кои движења може да се практикуваат? Колку време дневно или неделно? Со какви меѓу паузи? Засега се знае само дека не треба да е напорен спорт, но не и комотно пешачење. Човек сепак треба малку да се испоти“, појаснува доктор Корнелиа Улрих.
Професор Карстен Бокемејер, дополнува дека во Онколошкиот центар на Клиниката Хамбург-Епендорф на пациентите кои се во фаза на лекување од рак им се нуди целна спортска програма. Болните „возат“ статични велосипеди, еднаш или двапати дневно по 15 минути - зависно од случлај до случај. Важно е што ваквата спортска активнлост има позитивен ефект во текот на целокупното лекување и придонесува за подобро поднесување на придружните ефекти на одредени терапии.
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Б. Георгиевски